X
 28.02.2018 Живот

И непушачите „пропушија“

Во најголемиот дел од угостителските локали гостите слободно пушат на затворените летни тераси, кои најчесто физички не се одвоени од затворениот простор, така што и гостите внатре „уживаат“ во чадот од цигарите.   



Владата и пратениците сѐ уште дефинитивно не одлучиле дали ќе дозволат повторно да се пуши во угостителските локали, но тоа не ги спречува гостите слободно да запалат цигара кога сакаат и каде сакаат, дури и на местата каде што се служи храна. Она што порано беше јавна тајна дека во некои угостителски локали премолчено се дозволува кршење на Законот за заштита од пушењето, сега станува редовна појава во многу голем дел од кафеаните и кафулињата низ земјава. Во најголемиот дел од нив гостите слободно пушат на затворените летни тераси, кои најчесто физички не се одвоени од затворениот простор, така што и гостите внатре „уживаат“ во чадот од цигарите.   

Неколку пратеници од владејачката СДСМ пред неколку месеци предложија измени во Законот за заштита од пушењето со објаснување дека постојното законско решение е многу строго и оти предизвикува пад на прометот во угостителството. Со тие измени, меѓу другото, предлагачите бараат да се дозволи пушење на летните тераси на угостителските локали дури и кога тие се затворени од сите страни. Со постојното законско решение, пушење во затворените летни тераси не е дозволено. Иако Собранието сѐ уште не ги изгласало овие измени, гостите во угостителските локали се опуштија, а сопствениците без проблем дозволуваат кршење на Законот во нивните локали.

Предложените измени во Законот ги раскараа пушачите и непушачите, кои периодов се докажуваат чие право е поважно - на тие што не сакаат против своја волја да се изложени на чадот од цигарите или на тие што им е скратена можноста да уживаат во цигарите надвор од дома.

- Седењето во кој било угостителски локал станува неподносливо за нас, непушачите. Откако власта најави дека планира да го менува Законот, сите си го прифатија како дозволено пушењето во кафулињата и кафеаните и тоа го практикуваат без никаков проблем. Пред неколку дена бев во кафе-ресторан во чии рамки има и игротека. На терасата, која е цела затворена и која физички не е одвоена од внатрешниот дел на локалот, беше исто така зачадено, односно и децата во игротеката беа изложени на тој чад. Значи јас сега со моите деца не можам да престојувам во ниту еден локал. Не ме изненадува себичноста на пушачите, од кои голем дел се подготвени без проблем да го кршат Законот, туку ме изненадува пасивноста на инспекциските служби, кои никаде ги нема да го санкционираат ова самоволие на гостите и на сопствениците на локалите кои го дозволуваат тоа - вели скопјанката Николина Ристовска.

Нејзиниот сограѓанин Сашо Стојчевски, кој е пушач, смета дека оваа категорија на граѓани изминативе години е дискриминирана и оти тоа мора да се смени.
- Како што непушачите сакаат да уживаат во своето кафе без чад од цигари околу нив, така и ние, пушачите, сакаме да пиеме кафе со цигара. Зошто нивното уживање да биде поважно од моето? Секој треба да има право на избор, а тоа се овозможува ако се дозволи пушење во еден дел од локалите. Ние, пушачите, на тераса, а непушачите - внатре. Така сите ќе бидат задоволни - вели Стојчевски.

Сопствениците на угостителските локали се правдаат дека немаат начин како да им забранат на гостите да пушат.

- Пред измената во Законот да стане актуелна многу ретко се случуваше некој гостин да запали цигара во локалот. Ние ќе го опоменевме дека не смее и ќе ја изгаснеше. Но сега, речиси сите што седнуваат на терасата палат цигара, а ние сме немоќни да го спречиме тоа. Да бидам искрен, јас ако им забранам, ќе одат во соседниот локал каде што тоа ќе им го дозволат. Последниве месеци немало инспекциски контроли за пушењето, па можеби тоа е една од причините што гостите, а и ние, опуштија повеќе - вели сопственик на кафуле во центарот на Скопје, кој инсистираше на анонимност.



Од надлежните инспекциски служби е невозможно да се добие одговор дали и колку често вршат контроли за почитувањето на Законот за забрана на пушењето и дали некој локал е казнет поради прекршување на Законот. Од државните институции неофицијално велат дека контроли се вршат, но никој не дава точна бројка за извршените контроли и резултатите од нив. Последните информации што јавно беа објавени се од почетокот на ноември, кога МВР објави дека по заедничка акција на полицијата, пазарната и трудовата инспекција биле затворени 13 угостителски локали во Скопје поради непочитување на работното време, забраната за точење алкохол на малолетници и забраната за пушење, како и обврската за издавање фискални сметки. Казнетите локали добија забрана за работа од 15 до 30 дена.   
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот