X
 01.03.2018 Образование

Co-Ding! курс за деца: Како и возењето велосипед, учењето програмирање е полесно ако се почне помлад

Во Едукативниот центар „Арс Ламина“ сметаме дека е време да му се даде шанса на секое дете да учи да програмира и да го развива алгоритамското размислување, и тоа не за една деценија отсега, туку веќе оваа година – вели Билјана Стојоска-Златков, главен уредник за програмите од образование



Билјана Стојоска-Златков

Едукативниот центар „Арс Ламина“ од Скопје од пролетва воведува нов курс за програмирање за деца Co-ding! - единствен во Македонија од таков тип наменет за учење на забавен начин со цел да се развијат креативноста, фантазијата, интересот кон решавањето проблеми и основните принципи на програмирањето преку креирање игри, анимации, мобилни апликации, веб-страници. Курсот е наменет за деца од 5 до 14 години, во тек се уписите, а за тоа што сè ќе понуди разговаравме со Билјана Стојоска-Златков, главен уредник за програмите од образование, координатор за програми во едукативниот центар, едукатор, а исто така и автор на повеќе изданија по математика, информатика и програмирање за деца.

Зошто е добро децата да учат да програмираат?
- Во последните неколку векови луѓето се потпираа на пишаниот збор за да ги остварат своите идеи. Способноста да се пишува креативно претставуваше способност да се создаде промена. Денес пишувањето не е доволно за да се донесат промени и да се комуницира со остатокот од светот. Денес, клучно е да се користат дигиталните медиуми. Ова е сосема логична последица на фактот што децата растат во многу поинаков свет од оној на нивните родители. Мобилните телефони, компјутерите, интернет-игрите и социјалните мрежи се составен дел од нивниот секојдневен живот. Дури и дел од играчките се дигитални и можат да се програмираат и приспособуваат на желбите и потребите на децата! Програмирањето како вештина овозможува да се согледаат предностите на технологијата и децата да можат вистински да ги разберат логиката и науката што ја контролираат оваа дигитална доба.

Денешните ученици мора да можат не само пасивно да ја консумираат технологијата, туку и да ја разбираат и контролираат, станувајќи активен дел од оваа огромна дигитална ера. Затоа, во Едукативниот центар „Арс Ламина“ одлучивме дека е време за промена и време е да му се даде шанса на секое дете да учи да програмира и да го развива алгоритамското размислување, и тоа не за една деценија отсега, туку веќе оваа година. Живееме во дигитална ера на која ѝ се потребни компјутерски експерти. Тоа се луѓето што сакаат предизвик, ги сакаат компјутерите и сакаат да дизајнираат интернет-страници и да креираат мобилни или десктоп-апликации. Но, не мора секој да биде компјутерски експерт за да научи да програмира едноставни игри, апликации и веб-страници. Секој треба да го развие алгоритамскиот начин на размислување бидејќи помага во решавањето на секојдневните проблеми. Истовремено нè учи да бидеме трпеливи и да не се откажуваме кога нема веднаш да успееме или кога ќе најдеме грешка во постапката на решавање. Програмирањето е универзалниот јазик на планетата. Луѓето што знаат да програмираат ќе можат да комуницираат со припадници на различни култури во различни земји, ќе бидат иновативни и ќе ги решаваат проблемите поефикасно, без препреки на патот до нивниот успех.


Кажете ни повеќе за програмата Co-Ding! Зошто е уникатна?
- Мотивирани од желбата да не останеме како нација само следбеници на технологијата, туку и нејзини креатори, во Eдукативниот центар „Aрс Ламина“ одлучивме да организираме курс за програмирање за деца од 5 до 14 години. Програмата Co-ding! е базирана на интернационални програми за кодирање за деца, а е адаптирана за Македонија. Програмата е организирана да ги опфати децата од 5 до 14 години, и тоа:
• Co-Ding! Junior – курсеви за програмирање за деца од 5 до 8 години и
• Co-Ding! - курсеви за програмирање за деца од 9 до 14 години.
Со оваа програма се овозможува учење на забавен начин со цел да се развијат креативноста, фантазијата, интересот кон решавањето проблеми и основните принципи на програмирањето преку креирање игри, анимации, мобилни апликации, веб-страници итн. Децата ќе имаат можност да се забавуваат, да бидат креативни, да работат заедно со пријателите и да почувствуваат задоволство од успешно завршената работа уште од најрана возраст. Овие вештини подоцна ќе им помогнат на децата да бидат иновативни, што ќе може да се примени во речиси секоја професија.

Зошто се многу важни алгоритмите?

- Алгоритмите се дел од нашите секојдневни активности: облекување, телефонирање, подготовка за некоја активност итн. Секојдневно извршуваме одредени дејства по точно утврден редослед, односно секојдневно ги програмираме нашите активности без да бидеме свесни за тоа. Ако врне надвор, ќе земам чадор, ако грее сонце, ќе земам очила за сонце, и така секој ден носиме (мали и големи) одлуки и решаваме дилеми. Сè што правиме може да се раздели на помали чекори што ги правиме по одреден редослед – а тоа е суштината на алгоритамот. Со развивањето на алгоритамското размислување можеме да го подобриме сопствениот живот, како и животот на другите луѓе. Алгоритамско размислување е развивање способност за апстракција и логичко-аналитичко размислување. Со ваков начин на размислување можеме полесно да ги организираме нашите активности и да заштедиме повеќе слободно време. Веќе извесно време, особено во последните две децении, живееме во свет во кој доминираат софтверските решенија. Телефонските повици се пренесуваат преку софтверски контролирани мрежи, телевизијата се пренесува преку интернет, сѐ повеќе се купува онлајн, луѓето повеќе не купуваат часовници со аларми, компаси, мапи, дигитрони, календари.... туку едноставно ги користат својот телефон и интернет-мрежата... Постојат уште многу слични примери кои ја наметнуваат потребата од познавање на светот на софтверите и кодирањето.


Која е потребата од една ваква програма за деца?
- Во дигиталната ера во која живееме, читањето, пишувањето и програмирањето се основни темели на писменоста на модерната личност. Децата од најрана возраст треба да имаат барем основни познавања од програмирањето бидејќи на тој начин полесно ќе можат да ги користат дигиталните медиуми и платформи. На овој начин децата ќе сфатат дека компјутерите, смарт-телефоните не се магични кутии, туку дека е потребно знаење тие да се програмираат да го прават она што ние сакаме да го прават. Исто како и возењето велосипед, учењето како да се програмира е полесно ако се почне помлад. Дури и четиригодишните деца можат да ги научат основните концепти за кодирањето. Учењето програмирање станува полесно и поинтересно бидејќи има сè повеќе и повеќе нови видови софтвери и во комбинација со современите наставни методи може да се задржат интересот и возбудата кај децата учејќи програмирање.

Дали сметате дека дете од предучилишна возраст ќе може да се вклопи во оваа програма?

- Децата од предучилишна возраст се природни компјутерџии и програмери бидејќи тие не го познаваат животот без компјутери, смарт-телефони и таблети. Светот денеска е многу поразличен од оној во кој израснаа нивните родители. Речиси сите едукативни и логички игри вклучуваат помалку или повеќе алгоритамски начин на размислување. Постојат програми во кои кодирањето се прави со симболи наместо со текст, па така децата ги учат структурните и програмските концепти без да бидат свесни за тоа. Сè што учат децата преку игра останува запаметено и подоцна можат да го применат на други проблемски ситуации. Токму тоа го нудиме со програмата Co-ding! Junior – учење кодирање и програмирање преку слики и симболи и низ игра. Со оваа програма се става акцент и на аналогното програмирање преку боење според симболи, декодирање скриени пораки напишани со симболи, а потоа и дигитално програмирање со програмските јазици во кои наредбите се зададени со слики и симболи. Учењето програмирање од најрана возраст им помага на децата да ги решаваат секојдневните проблеми и да се подготват за иднина полна со можности.

Зошто еден родител би требало да го прати своето дете на овој курс?
- Технолошките иновации во голема мера влијаат врз тоа како ги користиме дигиталните медиуми. Тие исто така влијаат врз тоа како ние комуницираме и разменуваме информации како колектив во време кога новите генерации ги диктираат еволуцијата и развојот. Зависност од дигиталните медиуми и интернетот во голема мера се чувствува меѓу младите денес, а секако тоа ќе се зголеми и во иднина. Технолошките иновации ќе се зголемуваат до таа мера, што одредена група потрошувачи, па и поединци ќе користат уреди со високи перформанси адаптирани на нивните потреби и желби. Во таа насока, ќе биде од особена важност секој да знае да го програмира сопствениот уред за свои потреби. Да се научи да се програмира значи повеќе од тоа да се научи програмски јазик – тоа значи да се развие ефективен мисловен концепт, насочен кон решавање проблемски ситуации, што продуктивно ќе влијае врз секој нов интелектуален предизвик.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Образование