X
 02.03.2018 Наука

Постои место каде што минатото, сегашноста и иднината се случуваат истовремено?


Црна дупка
(Фото: Thinkstock)


Ако некогаш ви се случи да паднете во црна дупка, најверојатно вашето тело ќе биде раскинато на парчиња. Барем така гласи теоријата што ја застапуваат многу физичари на денешнината.

Сепак, најновото истражување укажува на тоа дека би можеле да постојат и црни дупки кои би можеле да ни донесат некаков вид бесмртност.

Тие би избришале, односно би го уништиле целиот претходен живот на лицата што би паднале во нив и би ги заробиле во паралелен универзум со бесконечен број идни можности.

Тоа е така затоа што универзумот „од другата страна“ не би бил регулиран со причинско-последичните односи што важат во нашиот систем.

Математичарот Питер Хинц од Универзитетот „Беркли“ дошол до тоа откритие со помош на пресметки базирани на точно одреден вид црни дупки со електричен полнеж, пишува „Дејли мејл“.

Во реалниот свет, нашето минато ја одредува нашата иднина и овој детерминизам владее со законите на физиката. Тоа значи дека физичките закони во нашиот универзум дозволуваат постоење на само една можна иднина.

На пример, кога научниците точно би знаеле како настанала вселената, би можеле теоретски да пресметаат што сè ќе се случува до смртта на вселената и крајот на времето.

Но, во црните дупки наречени „Раснер Нордсторм де Ситер“ овој детерминизам веќе не важи.

Кога некој вселенски патник би паднал во овој вид релативно бенигни црни дупки, постои можност да преживее. А ако би успеал да ја избегне сингуларноста на црната дупка, би се нашол во друг вид универзум, од другата страна на црната дупка.

Не е познато што би се случувало понатаму, со оглед на тоа што веќе не би било дел од причинско-последичниот систем.

Исходот најверојатно би бил таков што минатото, сегашноста и иднината би постоеле во исто време.

Инаку, Хинц ги проучувал неротирачките црни дупки кои во рамките на хоризонтот на случувања го имаат Кошиевиот хоризонт – место каде што минатото престанува да ја одредува иднината.

Денешните физичари сметаат дека ниту едно лице не би можело да го помине Кошиевиот хоризонт од едноставна причина што не би го преживеало. За време на движењето кон оваа точка времето би почнало да забавува, а патникот на едно место би се сретнал со светлосни честички, исклучително силни гравитациски бранови и со сè друго што црната дупка би го привлекла во себе во истиот момент.

Сепак, доктор Хинц тврди дека црните дупки „Рајснер Нордстром де Ситер“ се исклучок.

„Се разбира дека ниту еден физичар нема да отиде таму за да го провери тоа. Станува збор за математичко прашање. Сепак, овој  проблем има и физички, па речиси и филозофски импликации, поради што и ме привлече“, објаснил тој.

„Има некои точни решенија на Ајнштајновите равенки кои се вонредно мазни, без аномалии, без плимски сили кои се движат во бесконечност, каде што сè совршено добро се движи кон Кошиевиот хоризонт. Натаму, сè е нејасно“, додал Хинц.

Истражувањето е објавено во списанието Physical Review Letters.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука