X
 03.03.2018 Живот

Колку далеку можете да стасате ако знаете само англиски?

Многу луѓе патуваат или живеат во странство и некако успеваат да го прават тоа знаејќи само англиски јазик. Во Велика Британија и во САД сè помалку луѓе учат други јазици бидејќи англискиот се смета за глобален јазик и сите претпоставуваат дека каде и да одат, ќе најдат некој што ќе ги разбере. Од друга страна, незнаењето други јазици може да ги спречи луѓето да патуваат во странство бидејќи се плашат дека нема да бидат разбрани или дека нема да ги разберат другите.


Фото: Pixabay
Дали англискиот е навистина глобален?

Англискиот јазик беше наметнат како глобален јазик за бизниси, патување и за политика, но дали навистина е така? Иако англискиот се користи во многу земји, можеби ќе се изненадите кога ќе дознаете дека не е меѓу двата најзборувани јазици во светот. Кинескиот е јазик што го зборуваат најголем број луѓе, а по него е шпанскиот. Англискиот, сепак, не е толку доминантен јазик како што многумина мислат. Можеби е време нации како Велика Британија и САД да престанат да се претставуваат како лоши во учење други јазици за да избегнат да учат друг јазик освен англискиот. Луѓето во светот даваат сè од себе за да научат други јазици, а англискиот е еден од нив. Исто така, има многу земји каде што двојазичноста и мултикултурализмот се норма.

Колку далеку може да одите?

Познато е дека луѓе што зборуваат англиски може да се најдат во речиси секој поголем град во светот. Сепак, тоа не значи дека патувањето без да се знае кој било друг јазик е лесно. Доколку единственото нешто што сакате да го добиете од вашите патувања се фотографии пред споменици или посети на места каде што има премногу туристи, тогаш учењето друг јазик освен англискиот веројатно и не е толку важно. Но, ако сакате да бидете помалку турист, а повеќе патник, ако сакате да ги сфатите културата, историјата и луѓето, ако сакате да соработувате со локалците или да патувате настрана од типичната маршрута, тогаш учењето на јазикот на земјата во која сакате да одите е вистинското нешто што треба да го направите. Дури и ако планирате да ги посетите само големите градови, знаењето на локалниот јазик може да ви биде од голема помош.

Што треба да учите?

Можеби се прашувате на кои јазици треба да се фокусирате. Многу експерти велат дека шпанскиот е одличен јазик кој треба да се научи бидејќи се зборува во Северна и во Јужна Америка, а секако и во Европа. Но, шпанскиот е и одличен почеток за учење други сродни јазици, како францускиот и португалскиот. Штом еднаш ќе го усовршите шпанскиот, учењето друг романски јазик ќе ви биде многу полесно. Друга одлична опција е најзборуваниот јазик во светот - кинескиот. Не само затоа што се зборува во Кина, една од најголемите светски велесили, туку и затоа што е корисен ако патувате во Тајван и Сингапур, кои се огромни бизнис-центри. Патувањето низ целиот свет ќе ви биде многу полесно доколку успеете да научите и шпански и кинески.

Дури и ако немате планови да одите во друга земја, учењето странски јазик може навистина да биде збогатување. Тоа ќе ви го разбуди интересот за друга култура, ќе ви помогне да стекнете нови пријатели и ќе ве инспирира да патувате.

Зошто да се задоволите само со англискиот кога можете да добиете многу повеќе?
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот