X
 06.03.2018 Култура

Како Гиљермо дел Торо го освои „Оскарот“: големото момче кое им остана верно на чудовиштата

voda
Фото: Screenshot

Филмот „Обликот на водата“ (The Shape of Water) на мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо е победник на 90-тото доделување на „Оскарите“, кое се одржа во неделата во театарот „Долби“ во Лос Анџелес. Освен наградата за најдобар филм, Гиљермо е награден и со „Оскар“ за најдобра режија.

Кога првпат го запознал Гиљермо дел Торо пред повеќе од 25 години, Алфонсо Куарон, првиот мексикански режисер што добил „Оскар“ за најдобар режисер, бил многу љубоморен. „Слушнав за генијот од Гвадалахара и бев љубоморен. Но наскоро и тој почувствува љубомора кон мене“, вели Алфонсо.

Била судбоносна средба. Исто како и со Алехандро Инаритѕ, уште еден оскаровец. „По неколку години од средбата, Алфонсо Куарон ме повика и рече дека постои тип од Мексико кој има брилијантен филм, но е предолг, така што мислиме дека ти си единствениот човек што може да го убеди“, се потсетува Дел Торо.

Некако судбината сакала толку талентирани мексикански режисери да се родат и да работат во истиот период, и да ја пишуваат новата историја на Холивуд, па и светската кинематографија.

Инариту, Куарон и Дел Торо станале познати како „Три амигоси“. Оваа генерација режисери работеле заедно со поддршка од многу други кои се непознати за пошироката јавност, но и за Холивуд, и тие и тоа како се почитувани. Започнале да создаваат филмови кога мексиканската индустрија била на најниско ниво, во 80-тите години. Немале многу избор бидејќи со индустријата доминирала евтина продукција за ескорт барови и теленовели. Но „Трите амигоси“ почнале да создаваат нов интересен филм за проблемите, како што е ХИВ, експериментални хорор-филмови или драми со различни техники на раскажување.

Куарон 80% од „Гравитација“ го создал со помош на компјутерска графика, а луѓето му рекле дека нема да функционира ако актерката цело време биде во механичка опрема. „Птица-човек“ и „Пановиот лавиринт“ користат магија и тешка реалност, што потсетува на магичниот реализам во литературата на Латинска Америка.

Од „Гравитација“ на Алфонсо Куарон во 2014 година како да започна ренесансата на латино-филмовите. Следуваа „Оскари“ за мексикански режисери, па така и Алехандро Инариту освои два, за „Човекот-птица“ и „Одмаздник“. Минатата година оваа низа беше прекината со филмот „Ла ла ленд“, но годинава повторно отиде во рацете на мексикански режисер.

Гиљермо дел Торо можеби е и најпознатиот претставник на движењето наречено „њу мексикан синема“, со својот филм освои четири „Оскари“. Необичната фантазија и романсата во „Обликот на водата“ имаше најмногу номинации во споредба со кој било филм - 13, а досега лесно освојуваше награди.

„Мислам дека долго време се подготвуваа“, вели д-р Мирјан Хаду од Универзитетот „Ројал холовеј“. „Сите тројца режисери почнале во исто време во 90-тите, имаат слична заднина и истовремено преминале во Холивуд, така што тоа постепено се раѓало“.

Оваа појава на нови режисери со необично потекло и необична фантазија ја одржува климата во Холивуд, па така сега тој е поотворен за алтернативи. Тројцата режисери станаа доста влијателни. И тројцата се блиски соработници, и тројцата за своите филмови избираат најдобри светски актери, со огромни буџети.

Врската на Дел Торо со публиката има една константа: монструми, необична приказна. Неговите филмови „Хелбој“ и „Блејд II“ постигнаа фантастичен успех, додека „Пановиот лавиринт“ предизвика восхит.

„Обликот на водата“ е фузија од две половини - американска приказна прераскажана во неговиот поетичен талент.

„Уште од детството им бев верен на чудовиштата. Ме чуваа и ме фасцинираа да верувам дека тие се заштитници на нашата прекрасна несовршеност, тие дозволуваат и ја отелотворуваат можноста за неуспех“, вели Дел Торо.

Тој признава дека 25 години се занимавал со доста необични приказни, составени од движења, бои, светлост и сенка. Како што вели, тие му го спасиле животот, и тоа трипати.

Што е необично во „Обликот на водата“? Станува збор за неверојатно хибриден филм, за кој тешко е да се определи жанр. Фантазијата, сигурно. Критичарите се натпреваруваа кој покомплицирано ќе го дефинира и ќе покаже колку слоеви се кријат под водата. Драма, научна фантастика, бајка, романтична бајка, трилер, мјузикл, мелодрама, приказна за монструми... политички бунт, неприфаќање на системот поради поделбата на големите блоковски сили, патријархална култура. Постојат и такви критичари што сметаат дека во филмот се користени делови од „Малата сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Кинг конг“, „Франкенштајн“ итн.

За Дел Торо, „Обликот на водата“ е бајка за тешките времиња.

„Доколку останете чисти и верни на вашата вера, она во кое верувате - во мојот случај чудовиштата - можете да постигнете успех“, изјави Дел Торо кога ја примил наградата на Венецискиот фестивал. „Идејата беше во мене неколку децении. Почнав да го пишувам сценариото од 2012 до 2014 година и имав целосна приказна. Преубавото нешто поврзано со ова суштество е што е некој вид Давид на Микеланџело. Тоа е апсолутно прекрасно во секој поглед и детаљ“.

Бидејќи протагонистите, монструмот и Елис не можат да комуницираат бидејќи ја немаат моќта на говорот, пронаоѓаат начин да зборуваат без да кажат еден збор. И тука доаѓаме до неговата приказна за поврзувањето со другите.

„Филмот е поврзување со другите. Идејата за емпатија, идејата дека сме си потребни едни на други за да преживееме. Затоа оригиналниот наслов на сценариото, додека го пишував, беше ’Бајка за тешки времиња‘, бидејќи мислам дека овој филм е спротивност на цинизмот и разделеноста што секојдневно ја чувствуваме“.

Тој во филмот, како и во „Пановиот лавиринт“, кокетира со идејата за живот по смртта, иако не верува во него. „Не верувам дека има живот по смртта, но мислам дека ни станува јасно во последните минути од нашиот живот. Сето она што ќе го постигнете, исчезнува. Останувате со вашите дела и со она што не сте го направиле. А тој момент на јасност ви дава мир или е најстрашниот страв бидејќи конечно сфаќате кои сте“, вели тој.

„Мислам дека непослушноста е праг на одговорноста и мислам дека треба да ги следите вашите инстинкти, а филмот се обидува да го покаже тоа низ параболата - изборот и непослушноста некогаш одат рака под рака“.

Автор: Зорица Марковиќ
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура