X
 08.03.2018 Здравје

Емотивната болка е еднакво сериозна како и физичката

Грег беше високо интелигентен 17-годишен хомосексуалец кој неодамна ја откри својата сексуална определба на училиште. Тој две години имаше симпатии кон Девон, сениор и едно од двете други деца хомосексуалци во неговото училиште. По еден месец откако призна дека е хомосексуалец, Грег конечно реши да му предложи на Девон да се дружат. Како што често се случува кај тинејџерите, одбивањето беше сурово. Чувствувајќи се понижено, Грег се упати кон училницата каде што требаше да има тест по историја. Најдобриот пријател на Грег секогаш седеше до него на историја и Грег се надеваше дека ќе ја добие неговата поддршка пред тестот. Но, кога Грег пристигна на час, неговиот пријател не беше таму бидејќи го повредил глуждот и професорката решила да го ослободи од тестот. Сам и без поддршка, Грег го мина часот борејќи се со солзите и трудејќи се да се фокусира на тестот. Знаејќи дека тестот не му е добар, Грег ѝ се приближи на професорката после часот за да ѝ објасни зошто имал проблем со концентрацијата. Но, наместо да добие емпатичен одговор, беше казнет зашто измислувал изговори.


Фото: Pixabay

Ова е пораката што им ја праќаме на средношколците за емоционалната наспроти физичката болка. Ако си го повредите глуждот, тоа ќе биде забележано и ќе добиете сожалување. Но, ако ви го скршат срцето и ако емоционалната болка што ја чувствувате е толку тешка што не можете да се сконцентрирате, нема да добиете ништо. Ако ова е начинот на кој ја воспитувате младината, дали е изненадување што кршењето на срцето е толку малку сфатено и што емотивната болка е толку често игнорирана?

Не дека секој тинејџер што вели дека срцето му е скршено треба да биде ослободен од тестирање. Со оглед на тоа колку често на тинејџерите им е скршено срцето, повеќе ученици би биле отсутни отколку присутни. Но, Грег не беше некој што закрепнуваше од одбивањето кое се случило пред неколку дена или недели. Тој беше ученик кој голташе солзи и очигледно беше емотивно повреден.

Очајно ни е потребен поотворен дијалог за тоа колку сериозно кршењето на срцето влијае врз нашите емоции и нашето функционирање. А за таквите дискусии да бидат продуктивни, треба да се оттргнеме од мислата дека има нешто детско, засрамувачко или несоодветно во чувствувањето голема емотивна болка кога ни е скршено срцето бидејќи кршењето на срцето е тешко на која било возраст. Ние страдаме од емотивна болка што е речиси неподнослива со денови, недели, па дури и месеци. Нашето тело доживува стресови кои можат да го оштетат нашето здравје. Нашата способност да се фокусираме и концентрираме, да мислиме креативно, да решаваме проблеми и генерално да функционираме во нашиот редовен капацитет, значително се намалува. Нашите животи се превртени, оставајќи нè да се прашуваме кои сме и како да се дефинираме додека продолжуваме напред.

Фактот дека сето ова поминува виртуелно непризнаено, ако не и целосно игнорирано од општеството, уште повеќе го отежнува нашето премрежје. Нашите пријатели и блиски може да ни понудат поддршка во текот на одреден период. Нашите училишта, институции, работни места, па дури и здравствениот систем не го прават ни тоа.

А не сме слепи за жалењето. Кога некој многу близок ќе почине, особено ако е брачен партнер, родител или дете, обично сме ослободени на некое време, ни нудат сочувство и сме сфатени дека нема да функционираме најдобро додека жалиме. Сепак, работодавците најверојатно најмалку би поддржале и сочувствувале кога ќе им кажеме дека минуваме низ тежок развод.

Но другите видови тага, како кршење на срцето, не се признати ни одобрени. Тие се обесправени, без оглед на тоа колку сме емотивно уништени. Не само што немаме поддршка и сочувство туку сме и принудени да ги шириме нашите намалени емоционални резерви за да сокриеме колку лишено се чувствуваме, само за да не бидеме осудувани дека сме премногу емотивни, незрели или со слаб карактер.

Ако емотивната болка беше видлива, кршењето на срцето и страдањето што го предизвикува не би биле запоставени. Кога ќе се појавиме на работа или на училиште со скршена нога, рака или прст, обично добиваме повеќе внимание, грижа и разбирање бидејќи луѓето можат да го видат тоа. Но, тоа не се случува кога ќе ни го скршат срцето. А, сепак, скршените коски не нанесуваат когнитивно, емоционално и психолошко оштетување како кршењето на срцето.

Истовремено, со тоа што работодавците не им даваат на вработените време и поддршка која им е потребна за да закрепнат, компаниите се оставени со помалку продуктивни работници кои подолго време функционираат со помал капацитет. Ако компаниите го признаваат исцрпувачкото влијание на кршењето на срцето и им даваат на вработените време да жалат, да добијат поддршка и да закрепнат, тоа би им дозволило на вработените да се вратат на целосната продуктивност поскоро. И ако училиштата го прифатат основниот факт дека емотивната болка е исто важна како и физичката, тие би можеле да ги учат наставниците да бидат почувствителни кон учениците чие срце штотуку било скршено.

Кога емотивната болка би била видлива, ние би се однесувале многу поразлично. Би наоѓале пољубезни начини за раскинување врска и би биле помалку сурови при одбивањето на луѓето што покажале интерес за нас. И кога ќе ни го скршат срцето, би биле поотворени да ја побараме помошта што ни е потребна.

Сепак, засега мора да се потсетиме дека и покрај недостигот од институционална поддршка, не сме беспомошни и без одбрана од кршење срце. Има нешта што можеме да ги направиме и треба да ги одбегнуваме за да ја намалиме емотивната болка, за да го забрзаме закрепнувањето и да ги залечиме емотивните и психолошките рани. Можеме да им помогнеме на нашите срца да заздрават и можеме да им помогнеме на другите да го залечат скршеното срце. Секаде околу нас има луѓе со скршени срца. Време е да ги отвориме очите и да го видиме тоа бидејќи само тогаш може вистински да закрепнеме и да продолжиме напред.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје