X
 09.03.2018 Култура

„Ако немате слобода на изразување и владеење на закони - немате слободна држава“


Салман Ружди
(Фото: Flickr / Hilel Steinberg)


Сер Салман Ружди, англоиндиски романсиер и есеист, кој поради својот контроверзен роман „Сатански стихови“ морал повеќе од десет години да се крие во Британија, претставува еден од најзначајните писатели на 21 век.

Неговиот препознатлив книжевен стил критичарите го опишуваат како „магичен реализам“. Автор е на романите „Деца на полноќта“, „Харун и море од приказни“, „Исток, запад“, „Срам“, „Гримус“ и веќе споменатиот „Сатански стихови“, за кој од страна на иранскиот религиозен водач била издадена фатва – смртна казна.

Добитник е на многу награди и признанија за своето творештво, вклучително и Букерова награда за најдобар роман од областа на фантастиката. Член е на Кралското книжевно друштво.

Еве неколку извадоци од неговото творештво, каде што пишува за тероризам, религија и слобода на говор:

„Слободните општества се општества во движење, а каде што има движење, има и триење“.

„Она што еден писател може сам да го создаде во своите четири ѕида ниту една власт не може лесно да го уништи“.

„Еден од проблемите на одбраната на слободата на говорот е што честопати морате да браните луѓе што ги сметате за ужасни, непријатни и одвратни“.

„Две работи го чинат темелот на кое било отворено општество – слободата на изразување и владеењето на законите. Ако ги немате тие две работи, немате слободна држава“.

„Одговор на религијата не е нејзиното исчезнување, туку размислувањето за неа на поинаков начин. Да се биде дел од неа на поинаков начин“.

„Не постои совршена сигурност, туку само различни нивоа на несигурност“.

„Мораме да разјасниме нешто: тероризмот не е стремеж кон легитимни цели со помош на нелегитимни средства. Без оглед што сакаат да постигнат убијците, создавањето подобар свет сигурно не е една од нивните цели“.

„Понекогаш легендите ја креираат реалноста и стануваат покорисни од фактите“.

„Губењето на истокот значи дезориентираност. Прашајте кого сакате од морепловците – на море водач е истокот. Ако го изгубите, сте ја изгубиле својата потпора, извесноста, знаењето за она што било и за она што би можело да биде, а можеби и самиот живот. Така е. Истокот е ориентација, ориентир, Ориент. Така гласи официјалната верзија. Така кажува јазикот, а јазикот никогаш не треба да се доведува во прашање“.

„Останав само јас да ја раскажам нашата приказна“.

„Во овој свет каде што нема тивки агли, нема лесно бегање од историјата, од немирите, од грозната и бучна врева“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура