X
 09.03.2018 Живот

Коските пронајдени на пацифичкиот остров ѝ припаѓале на Амелија Ерхарт


Амелија Ерхарт
(Фото: Getty images)


Коските пронајдени на островот Никумароро во Тихиот Океан ѝ припаѓале на Амелија Ерхарт, е заклучокот на стручните лица по најновите форензички анализи.

Овие смели тврдења, објавени во магазинот „Forensic anthropology“, би требало да ја окончаат повеќедецениската мистерија за исчезнувањето на славната авијатичарка.

„Сè додека не се појават конечни заклучоци за тоа дека пронајдените остатоци не ѝ припаѓаат на Ерхарт, ќе сметаме дека всушност нејзе ѝ припаѓаат“, се наведува во магазинот.

Коските се пронајдени во 1940 година – по три години од нејзиното исчезнување.

Покрај нив биле пронајдени женски обувки, кутија за секстант каков што користел навигаторот Френ Нунан, кој во 1937 година исчезнал заедно со Ерхарт, како и шише слично на тоа што авијатичарката често го носела. 

Кога остатоците биле првпат пронајдени, се сметало дека ѝ припаѓаат на Амелија.

Така било сè додека доктор Дејвид В. Худлес од Фиџи не заклучил дека коските му припаѓаат на маж.

Сепак, најновата студија покажува дека Худлес погрешил.

„Форензичката антропологија не била многу развиена на почетокот на 20 век“, се наведува во студијата.

Професорот Ричард Јанц од Универзитетот во Тенеси користел модерни методи, вклучувајќи компјутерска програма која врз основа на коските ги проценува полот, потеклото и растот.

Добиените мерки Јанц ги споредил со податоците до кои дошол проучувајќи фотографии од Амелија Ерхарт и нејзината облека.

Резултатите покажале дека има повеќе совпаѓања со Амелија отколку со преостанатите 99 отсто од луѓето што учествувале во истражувањето.

„Дури и да не ѝ припаѓаат на Амелија, му припаѓаат на некој многу сличен на неа“, пишува во студијата.

Затоа Јанц заклучил дека Ерхарт умрела по извесно време откако нејзиниот авион паднал на островот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот