X
 10.03.2018 Образование

Колку чини една студентска година во Германија?

Пред кандидатот да почне со студирање мора да докаже дека има доволно пари. Тој мора да поседува т.н. „доказ за финансирање“. Најчесто се бара сума од 8 илјади евра за една година.



„Доказот за финансирање“ најчесто мора да се приложи со барањето за добивање виза, а најдоцна може да се приложи во моментот кога ќе се побара дозвола за престој во Германија. Постојат различни начини како кандидатот да докаже дека е во состојба да ги финансира студиите:

- Родителите на кандидатот да поднесат доказ за приходи и имот;

- Некој со престој во Германија да се обврзе дека ќе ги преземе трошоците на кандидатот;

- Одредена сума се депонира на банкарска сметка која потоа се блокира (Sperrkonto);

- Се приложува банкарска гаранција;

- Кандидатот добива стипендија од призната институција.

Кандидатот треба да се распраша во германската амбасада во својата земја за да знае точно кој доказ се бара.

Совети за отворање сметка која орочено се блокира

Ваквата банкарска сметка ја користат многу студенти од странство. Таа се нарекува „Sperrkonto“ (sperre - заклучување, блокирање) бидејќи сумата што ќе биде уплатена на сметката ќе биде блокирана сè додека кандидатот не допатува во Германија.
Отворањето на ваква сметка во банка воопшто не е компликувано. Само треба да се обрне внимание на следните нешта:

1. Правовремено да се поднесе барање

„Sperrkonto“ може да се отвори кај најголемата германска банка Дојче банк. Процедурата трае околу една недела. Но, кон почетокот на студентскиот семестар процедурата би можела и да се одолжи. Затоа кандидатот треба навреме да поднесе барање за отворање таква сметка. Електронската адреса на банката на која кандидатот може да се обрати со барање гласи: db.student@db.com.

2. Заверување на сите документи

Исполнетите формулари и копија од пасошот мора да се заверат во конзулатот или Амбасадата на СР Германија во земјата од која доаѓа кандидатот. Дури потоа документите можат да се испратат на адреса на Дојче банк. Треба да се има предвид дека не е можно да се испраќаат документите по електронски пат или факс бидејќи банката прифаќа само оригинални документи. Адресата на банката гласи:

Deutsche Bank Privat und Geschäftskunden AG
Service Center Hamburg/Ausländische Studenten
Alter Wall 53
20457 Hamburg
Deutschland/Germany

3. Отворање сметка

Кога Дојче банк ќе ги добие документите на кандидатот, отвора „Sperrkonto“. Отворањето чини 50 евра. Откако сметката ќе биде отворена, на неа мора да се уплатат најмалку 7.908 евра.

4. Пристап до парите

Штом кандидатот допатува во Германија, веднаш може да договори термин со банката по избор (тоа не мора да биде само Дојче банк, во Германија постојат и редица други банки, како „Sparkasse“ или „Volksbank“). Таму кандидатот добива своја банкарска кеш-картичка со која може да подигнува пари, но и сите податоци за т.н. „онлајн бенкинг“, преку кој добива пристап до своите пари преку интернет.
Подготвил: K.K / DW

Издвојуваме

Образование