X
 11.03.2018 Култура

Писатели што меѓусебно не се поднесувале


Хемингвеј и Фокнер
(Фото: Wikimedia Commons)


Поради малото влијание на суетата, ривалството или тврдоглавоста, зачинети со генијалната јазична умешност, книжевните џинови не се совладувале да кажат што мислат едни за други. Ова е осврт на некои од најжестоките, а сепак најкреативни вербални напади (но и одбрана), настанати од страна на каприциозните книжевни божества.

Фокнер против Хемингвеј

Ова е едно од најочигледните ривалства во книжевниот свет – обајцата Американци, добитници на Нобеловата награда, а сепак на спротивни страни што се однесуваат не толку на самата тематика колку на употребата на јазикот и стилот на пишување.

Иако вредноста на делата и на двајцата писатели е неспорна, токму поради посебноста на нивната книжевна техника, за Фокнер вредноста не Хемингвеј била... дискутабилна. Кога го прашале да го оцени своето дело во однос на делата на современите писатели, Фокнер меѓу другото, прокоментирал:

„Ернест Хемингвеј нема храброст, никогаш не направил нешто на своја рака. Никогаш не бил познат по користењето зборови кои би можеле да го натераат читателот да се фати за речникот и да провери дали се правилно искористени.“

На Фокнер не му се допаѓала едноставноста на Хемингвеј, која во тоа време вистински предизвикувала контроверзии.

Хемингвеј, пак, не му останал должен и му возвратил многу директно:

„Кутар Фокнер. Дали вистина мисли дека големите емоции доаѓаат од големите зборови? Мисли дека не ги познавам тие зборови од десет долари. Сите многу добро ги знам. Но, постојат постари, поедноставни и подобри зборови, и тие се оние што ги користам.“

Џозеф Конрад версус Д. Х. Лоренс

Значајноста на творештвото на Лоренс, меѓу другото, му се припишува на неговото продлабочено тематизирање на сексуалноста, емотивните превирања и природата на човечките инстинкти.

Критиката главно го оспорувала сметајќи го за евтин порнограф. Згора на тоа, неразбирањето и омразата кон него и неговото дело, го истерале во доброволно заточеништво.

Од другата страна на рингот стои Џозеф Конрад, писател на големото поморско искуство. За разлика од „блудниот“ Лоренс, англиската јавност сметала дека Конрад е автор „по мера“.

Конрад немал високо мислење за Лоренс, па, така, своето мислење не го задржал за себе:

„...Лоренс добро почна, но со текот на времето се расипа. Гнасотилаци. Ништо освен непристојност.“

Лоренс, пак, го возвратил ударот така што застанал во одбрана на Херман Мелвил, за кого Конрад, врвниот морепловец, изјавил дека ништо не знае за морето:

„...Визијата на Мелвил... е многу поиздржана отколку таа на Конрад, затоа што Мелвил не ги сентиментализира океанот и морската разновидност.“

И не запрел тука, туку додал сол на раната со следнава констатација:

„Песимизам проникнува во целото дело на Конрад и нему сличните – писатели меѓу рушевините. Не можам да му простам на Конрад што е толку тажен и што толку лесно се предава.“

За разлика од отворените конфликти, историографијата на книжевноста забележала многу еднострана нетрпеливост кај писателите. Во ваквите случаи, можноста за одбрана или контранапад најчесто изостанува, затоа што се работи за писатели од различни временски епохи.

Којзнае колку би се потресла сиротата Џејн Остин кога би знаела дека Марк Твен, меѓу другите критики што ги упатил на нејзина сметка, уште додал дека „секоја библиотека е добра додека не поседува еден том од книгите на Џејн Остин, па макар немала ниедна друга книга!“ Иако сета своја омраза кон ликот и делото на Остин ја искажувал на многу живописен начин, Твен никогаш не понудил подлабоко објаснување што толку му сметало кај оваа романтична Англичанка, освен што сметал дека ликовите во нејзините романи воопшто не се уверливи.

Уште еден писател кој изразувал насилни тенденции кон свој колега чие дело не му се допаѓало е Џорџ Бернард Шо кон Вилијам Шекспир. Опишувајќи го процесот на читање на Шекспировите дела, рекол:

„Интензивноста и нетрпеливоста кај него [Шекспир] често достигнуваат толку голем замав, што многу веројатно би ми претставувало олеснување да ископам камења и да го гаѓам, затоа што знам колку тој и неговите обожаватели се неспособни да разберат некои други, помалку очигледни видови понижување.“

Меѓу другото, филозофијата на Шекспир тој ја сметал празна, моралот во неговите дела – површен, а самиот Шекспир како мислител го карактеризирал како слаб и недоследен, со склоност кон снобизам и вулгарни предрасуди. Најмногу му забележувал за недостигот од социјален ангажман во делата.

Капоти и Керуак

Неретко вербалните напади на писателите ги распламтувала чиста љубомора, па се претпоставува дека тоа било случај и со Труман Капоти.

Капоти бил многу ексцентрична личност, живеел во константна потрага по внимание, но и прифаќање, што најверојатно се должело на болното и осаменичко детство.

Две години откако бил објавен култниот роман на битникот Џек Керуак, „На пат“ (On the road), а само една година по романот „Појадок кај Тифани“ на Капоти, во една телевизиска емисија, без да биде повикан нешто да каже, Капоти „истресил“:

„Никој од овие луѓе [битници] нема ништо интересно да каже и никој од нив не знае да пишува, дури ни господинот Керуак... Тоа не е пишување, туку е – чукање.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура