X
 11.03.2018 Живот

Рајовиќ: Поради што децата ќе ни израснат во фрустрирани луѓе?


Детенце си игра „Јанга“
(Фото: Pixabay)


Досадата е вид стрес и непријатна состојба. Кога им е досадно, и возрасните и децата се обидуваат да се ослободат од тоа чувство, односно да си најдат занимација. Но, проблемот со досадата кај децата во денешно време достигнува загрижувачки размери, бидејќи децата тешко си наоѓаат занимација, а да не е поврзана со компјутер, видеоигри или мобилен телефон. Д-р Ранко Рајовиќ зборува за тоа што можат родителите притоа да направат, но посочува и каде грешат кога станува збор за детската досада.

Проблемот со досадата отсекогаш бил двигател, а досадата е важен и добар фактор за развојот на детето, зашто го поттикнува да си смисли забава, да се организира, да ги поврзува работите, можеби самото да смисли игра, да си побара друштво.

Но, што се случува со денешните деца?

Претерувајќи со заштитата кон своите деца, родителите наместо нив прават милион работи, меѓу другото, решавајќи им ги проблемите и спречувајќи ги самите да го направат тоа. Им купуваат видеоигри, па кога ќе се презаситат, им купуваат нови. 

Денешните деца растат во виртуелен свет. Според анализите на психолозите, содржините на кои се изложени, независно дали станува збор за ТВ-програми или видеоигри, се направени за да ги „заробат“ децата, заменувајќи им ја меѓучовечката комуникација со нивните врсници.

Тука се поставува прашањето: Што ќе прави детето кое не знае како да се справи со досадата, за 5 или за 10 години? Одговорот е – ќе стане фрустрирана личност со праг на толеранција еднаков на нула. Според Рајовиќ, овие нови генерации деца се научени да добијат сè сега и веднаш и не се научени на трпение и на чекање. Тој ги советува родителите, во таквите ситуации да ги игнорираат желбите на децата и да ги остават да го изразат своето незадоволство, макар и плачејќи.

„Имам пријателка која на својата ќерка, кога се пожалила дека ѝ е досадно, ѝ одговорила: ’Како мислиш дека ти е досадно? Па само на глупавите деца им е досадно, а ти не си глупава‘. И тогаш девојчето отишло да си игра. Детето развива креативност и логичко размислување кога се бори против досадата!“

Што можат да направат родителите?

Прво, родителите грешат кога ја заземаат позицијата на најдобри другари на своите деца, играјќи си постојано со нив. Нивна задача е да им помогнат на децата да се осамостојат.

Рајовиќ им предлага на родителите да им купат сликовница и да им читаат или да им раскажуваат приказни согласно сликите во книгата. Приказните можат да ги менуваат од ден на ден, поттикнувајќи ги децата да се вклучат коригирајќи ги според првичната верзија, па дури и да заземат активен пристап во креирањето нови текови на приказната. Мозокот како орган за преживување, во периодот на адаптација прифаќа сè на што е изложен, па ако родителот од мали нозе им чита на своите деца, цврстиот однос што ќе го формираат децата со родителите ќе се воспостави преку книгите, додава Рајовиќ.

Рајовиќ споделува една анегдота за творецот на големата автомобилска компанија „Хонда“ – Соикиро Хонда, кој и откако стекнал огромно богатство, бил прв на работното место. На прашањето, на што се должи тоа, Хонда одговорил дека во детството бил силно поврзан со неговиот татко, кој редовно го носел со себе на работа, па работењето на машините и мирисот на масло во својата фабрика, го навраќале на најсреќниот период од животот. Поентата на Рајовиќ е следнава: „Кај сите големи луѓе, независно на кое поле се успешни, раното детство е исклучително важно за нивниот успех“. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот