X
 11.03.2018 Образование

Студентите по археологија растураат со здружението „Аксиос“ – организираат предавања, издаваат списание, анимираат средношколци, истражуваат

Во „Аксиос“ пред сè ја цениме нашата автентичност, независност и неусловеност во работата. Сакаме она што го правиме да биде наше дело, со наши раце, труд и пот. Секоја поддршка е добредојдена, секоја добронамерност ќе биде прифатена, но никогаш по цена на нашиот интегритет, вели во интервјуто Игор Ефтимовски, студент по археологија од четврта година и претседател на здружението


Игор Ефтимовски, претседател на Студентското археолошко здружение „Аксиос“

Наместо да се зборува за специфични археолошки наоди, локалитети или хипотези, археолозите се насочија кон општите цели и теориско-методолошки аспекти на археолошката наука. Предавања и дискусии поврзани со современите теориски и методолошки текови во археологијата беа во фокусот на настанот „Современа археолошка теорија“, кој се одржа во Археолошкиот музеј на Македонија. Интересно е што настанот го организираа студенти – членови на Студентското археолошко здружение „Аксиос“.
- Настанот е резултат на две компоненти, од кои првата е студентската љубопитност – вели Игор Ефтимовски, студент по археологија од четврта година од катедрата за археологија и историја на уметноста при Филозофскиот факултет во Скопје и актуелен претседател на „Аксиос“. Здружението е основано во 2001 година за да ги обедини студентите во едно креативно тело, преку кое тие би ги изразиле своите идеи и размислувања во науката и професијата што избрале да ја студираат. Денес „Аксиос“ брои 14 члена, а дејствуваат од сопствена канцеларија во зградата на Филозофскиот факултет. Со Ефтимовски, кој има досегашен просечен успех од 9,97 и е двократен државен првак по историја, разговараме за „Современа археолошка теорија“ и за активностите на студентското здружение.

Која беше основата идеја на „Современа археолошка теорија“ и што сè опфати ова случување?

- Како студенти постојано имаме интерес за новитетите и прогресивните развојни правци во областа што сме избрале да ја студираме и сакаме постојано да се надградуваме за професионалната иднина што ни претстои. Сите ние ќе продолжиме по свои патеки, ќе истражуваме различни теми што нè интересираат и ќе се специјализираме во различни субобласти на археологијата. Но, науката е секогаш дефинирана од страна на нејзината теориска основа и методологија - наука е ако има јасна методологија. Тоа се клучните аспекти со кои мора да биде запознаен секој археолог, без разлика на неговиот личен афинитет кон специфични теми. Се надеваме дека овој настан и предавањата што можеа да ги слушнат ќе ги поттикнат студентите и младите археолози да се посветат на подетаљното изучување и анализирање на современата научна теорија и методологија за да можат во иднина и самите да ја надградуваат.


Од промоцијата на вториот број од списанието AXIOS

Современата археолошка теорија е тема на која ѝ се посветува големо внимание на светските археолошки симпозиуми, па дури има и цели денови во кои се расправа само на таа тема. На многу од светските катедри за археологија, пак, таа се изучува во текот на неколку семестри. За жал, кај нас се посветува малку внимание на овој клучен аспект на археологијата, па се надеваме дека овој настан ќе ги поттикне нашите колеги да ја извадат од „сенка“ оваа тема и да ја стават под „светлото“ на дискусијата. Македонската археологија има потреба од многу повеќе конструктивна дискусија и здрава дијалектика. Другата компонента што придонесе за реализацијата на овој настан е младешкиот идеализам и донекаде револт. Во балканската археологија сè уште знаат да се протнат некои анахрони етноцентрични идеи останати од минатиот век, за кои нема место во современата археолошка наука. Од друга страна, понекогаш се оди и во другата крајност на целосно негирање на интерпретацијата и нејзино „искоренување“ од археолошките текстови, сведувајќи ја науката само на „мерење и опишување“, што исто така не е добро. Никој човек не е способен да ја даде целосната објективна вистина, особено кога се работи за културите на древни цивилизации кои егзистирале пред многу векови и милениуми. До неа мора да се приближуваме со заедничка, мултидисциплинарна соработка и многу различни интерпретации, кои преку таа здрава дијалектичка дискусија ќе нè доведат поблиску до откривање на човечките тајни што ги крие песокот на времето.


Од ланската промoција на AXIOS

Какви активности реализиравте во последно време, што планирате за годинава?
- Најзначајната активност на „Аксиос“ во изминатите две години, на која сме особено горди, беше основањето и публикувањето на првите два броја на меѓународното електронско списание за студентски стручни трудови од областа на археологијата, историјата на уметноста и културното наследство AXIOS. Целта на списанието е да ја поттикне истражувачката работа на студентите, нивната пишувачка навика и комуникација на меѓународно ниво. Списанието е достапно за слободно и бесплатно читање и преземање. Реализиравме и низа други проекти - македонската промоција на светски познатиот археолошки документарен филм „Спасувајќи го Мес Ајнек“, предавања во скопските средни училишта под наслов „Што? Како? Археологија и историја на уметноста“ за да ги запознаеме средношколците со нашите две науки, успешна петиција за реновирање на библиотеката на Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, збогатување на библиотечниот фонд со кој располага Здружението, организирање екскурзии и посети на археолошки локалитети, учество во теренски истражувања итн. Деновиве почнуваме со подготовките за издавање на третиот број од списанието AXIOS, а ќе го искористиме пролетното време за реализација на неколку теренски екскурзии. Во идејна развојна фаза е и еден специфичен креативен настан кој ќе ги слави културата и уметноста со мултидисциплинарно учество на уште неколку студентски здруженија, но да не откриваме многу детали предвреме. :)


На археолошкиот локалитет „Баргала“ кај Штип

Какви се условите за работа на едно студентско здружение во денешниот образовен систем? Каква поддршка имате, што ви недостига?
- Сите институции од сферата на науката, образованието и културата се соочуваат со тешкотии во нашето општество, главно поради фактот што сè уште недоволно ја разбираме и цениме важната улога што тие може да ја имаат во градењето и подобрувањето на тоа општество. Студентските здруженија не се имуни на овие состојби, но како што велат - ако има волја, има и начин, па успеваме да опстојуваме и да работиме. Секогаш може да биде подобро - целта кон која треба да се стремиме како заедница. Во „Аксиос“ пред сè ја цениме нашата автентичност, независност и неусловеност во работата. Сакаме она што го правиме да биде наше дело, со наши раце, труд и пот. Секоја поддршка е добредојдена, секоја добронамерност ќе биде прифатена, но никогаш по цена на нашиот интегритет.


На „Маркова кула“, Демир Капија

Колку се вклучени
студентите во археолошките истражувања? Како ја спроведувате праксата?
- Веќе споменав дека состојбите во науката, образованието и културата не се баш најсјајни. Тоа ги вклучува и археолошките истражувања, кои поради недостиг на финансии и услови, ретко целосно ги исполнуваат своите однапред поставени цели и одржуваат континуитет на реализација. Имаме многу случаи кога една година ќе се работи на некој терен, за потоа да има пауза од две до три години додека да се продолжи. Тоа негативно се одразува врз самите материјални остатоци што се наоѓаат на локалитетот - оставени на немилост на атмосферските појави и биолошките фактори. За среќа, студентите активно учествуваат во теренската пракса и скоро на секое археолошко истражување ќе најдете понекој студент. Сепак, не постои функционален организиран систем како во другите држави, според кој ќе се одвива таа студентска пракса (резултат на претходно споменатите тешкотии), туку се сведува на будно следење на активните терени во државата и одржување контакти со повозрасните колеги кои ги раководат тие истражувања.


Посета на „Пепелиште“, Неготино

Каква е поддршката од сродните институции – музеите во земјава? Колку се отворени за студентите, во поглед на помош, отстапување материјали за семинарски работи, кабинетски истражувања?
- Кога се работи за сензитивни материјали, како што се археолошките наоди, секогаш мора да постои една доза на претпазливост во нивното отстапување на недоволно искусен кадар. Но, со меѓусебна комуникација, запознавање и стекнување доверба, нашите музеи знаат да бидат пријатна околина за студентите и да им овозможат стручна надградба и помош во истражувањата. Една од насоките за понатамошно подобрување на овој однос би било организирањето повеќе музејски едукативни работилници наменети за студентите. Студентското археолошко здружение „Аксиос“, со својата 16-годишна традиција, ја има стекнато почитта на музејските институции во државата и одржува активна соработка со нив. Особено сакаме да му се заблагодариме на Археолошкиот музеј на Македонија, кој секогаш имал отворени врати за активностите на Здружението. Тука мора да ги споменеме и здруженијата Центар за истражување на предисторијата и Институт за археолошки истражувања од Скопје, како и Институтот за старословенска култура од Прилеп, со кои имаме одлични односи.


Членовите на „Аксиос“

Каква е соработката со студентските здруженија од регионот и пошироко. Има ли размена на студентска пракса, со кои здруженија најмногу?
- Една од нашите главни цели е токму поттикнувањето на меѓустудентската комуникација и соработка. Од домашните здруженија, одржуваме одлични пријателски релации со Македонското студентско етнолошко-антрополошко друштво и Клубот на млади историчари „Клио“. Лани „Аксиос“ го прошири своето членство и со студенти по археологија од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Што се однесува до надворешните односи, соработуваме со Клубот на студенти по археологија од Белград и Здружението на студенти по историја на уметноста „Kunsthisterik” од Љубљана. Соработката е по различни основи - од идејна, до практична. На пример, веќе овој месец од 19 до 24 март наши претставници ќе учествуваат на регионалната пролетна археолошка школа што ќе се одржува во Нови Сад. Во претходно публикуваните два броја на списанието AXIOS со свои текстови учествуваа и 13 студенти од четири различни универзитети од Србија, Словенија и од Германија.

Што со постдипломските студии. Кои универзитети се најдостапни, а кои најпривлечни за студентите по археологија?
- Кога се во прашање постдипломските студии, нашите студенти најчесто се одлучуваат да продолжат на матичната катедра. Доколку се оди во странство, тоа се универзитетите во земјите од регионот, а особено е популарна Словенија. Постојат и случаи во кои наши вредни студенти успеале да го продолжат своето образование и во центри со светско реноме, како што се Оксфорд, Лајден, Минхен итн.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование