X
 12.03.2018 Наука

ФИНКИ го заврши системот со кој ќе се спасуваат повредените војници од бојните полиња

Системот SIARS со помош на биосензорите и мобилните уреди ги собира и организира медицинските податоци на повредените војници, врши класификација на повредените на далечина користејќи радио-врска, и при транспорт на најтешко повредените, ги пренесува нивните податоци до назначениот медицински објект, објаснува проф. д-р Ана Мадевска-Богданова, координатор на тимот на ФИНКИ


Брза помош за повредените војници

Брза интервенција при спасување повредени лица и намалување на стапката на смртност на војниците на бојните полиња во акции во кои учествуваат и војници на Армијата на Република Македонија сега е можна со современиот телемедицински информациски систем SIARS – Smart I (Eye) advisory rescue system. Системот го создадоа Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Факултетот за електротехника и Медицинскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и Воената академија „Михајло Апостолски“ од Скопје.

Системот ќе биде претставен на работилницата што ќе се одржи в понеделник (19. Март) во скопскиот хотел „Холидеј ин“. Со тоа ќе заврши тригодишниот проект во рамките на програмата на НАТО, под наслов „Наука за мир и безбедност – SIARS“.


Како најбрзо до најблиската болница

- Оваа програма поддржува проекти за развој на системи што придонесуваат во предизвиците на одржување на мирот и помагање на повредените во масовни катастрофи. Системот SIARS со помош на биосензорите и мобилните уреди ги собира и организира медицинските податоци на повредените војници, врши класификација на повредените на далечина користејќи радио-врска, и при транспорт на најтешко повредените, ги пренесува нивните податоци до назначениот медицински објект – објаснува проф. д-р Ана Мадевска-Богданова, координатор на тимомот на ФИНКИ.


Нашиот тим

Во тимот учествуваа уште 13 членови од ФИНКИ, УГД и други надворешни соработници, со поддршка од деканот на ФИНКИ, вон. проф. д-р Иван Чорбев.
Мадевска-Богданова објаснува дека развиени се неколку андроид апликации со соодветни интерфејси коишто поврзуваат три биосензори за EКГ, стапка на отчукување на срцето (HR), стапка на дишење (RR), крвен притисок и сатурација на кислород, заради пренесување на виталните параметри како и други податоци за повредата и за состојбата на повредените пред да стасаат до болница или друг воен медицински објект.
- ФИНКИ изработи и две апликации за користење на безжичните сензори за потребите на Генералната болница во Цеље во болничка околина и за нивните ургентни возила – вели таа.


Проектот е во рамките на програмата на НАТО

Екипата на ФИНКИ учествувала на повеќе настани на кои успешно била претставена функционалноста на системот SIARS во Словенија, Босна и Херцеговина и во Македонија. Научната страна на проектот е потврдена со 30-тина трудови објавени во научни списанија и со статии на меѓународни конференции.

Повеќе информации за самиот проект и за најновите активности може да се најдат на официјалниот веб сајт http://siars-nato.finki.ukim.mk, како и на ФБ страната на SIARS https://www.facebook.com/SiarsNato/
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука