X
 12.03.2018 Култура

На што се должи успехот на Шведска?

1

Кон средината на 19-от век, Шведска била сиромашна земја на периферијата на Европа. Оваа земја преживувала благодарение на земјоделството, но и на бројните реформи што успеале да ја доближат до глобалниот развој, да ги следи индустриските револуции и да ја трансформираат Шведска во една од најдобрите земји во светот.

Денес Шведска има околу 10 милиони жители, а БДП по глава на жител изнесува преку 51.000 долари, што ја сместува меѓу најбогатите земји. Иако имаат доста силна индустрија, скоро 65 отсто БДП е од услугите, додека индустријата учествува со 33 отсто, а земјоделството со само 1.6 отсто. Слично е и со работната сила. Дури 86 отсто работат во услужниот сектор, 12 отсто во индустријата, а во земјоделството само 2 отсто.

Индустриската револуција на Шведска од 19-от и 20-от век, Шведска ја искористи и токму поради неа, таа се најде на врвот во Европа. 1900-те години, 50 отсто од Швеѓаните биле поврзани со земјоделство, но новата модерна машинерија овозможиле модернизација и во тој сектори, но и развој на останатите сектори, па за брзо време станале големи извозници на челик, железо и дрво. Исто така, започнал силен развој на индустријата и извозот, а подемот на европските економии довел до зголемување на побарувачката за шведски производи. Во тоа време настанале многу акционерски друштва што денес се мултинационални компании како „Ериксон“, „АББ“ итн.

Почетокот на 20-от век, голем поттик за развој на индустријата дал и користењето на друг ресурс - водата, односно реката и водопадите во северниот дел на земјата, што се користеле за производство на релативно евтина електрична енергија. Евтината енергија на шведската индустрија и овозможила конкурентност на глобалниот пазар

Секако, низ историјата, работите не оделе толку лесно, меѓутоа Шведска успешно се прилагодувала на промените, што ѝ овозможило долгорочен успех. Иако не учествувала во Првата и Втората светска војна, овие војни имале големо влијание врз нивната економија.

2

Во периодот по Првата светска војна постоела криза во шведската економија, која избила во 1921 година. Невработеноста пораснала на 30 отсто, производството паднало за 25 отсто, многу компании банкротирале, а тоа бил еден од најтешките периоди за шведската индустрија.

Сето ова било проследено со неколку години опоравување, после што, во 1929 година во Америка, се случила „Големата депресија“, економска криза што го преплавила целиот свет, така што Шведска, на почетокот на 30-те години, повторно се соочувала со проблеми. Невработеноста пораснала на 25 отсто, а после неа дошло и до пад на извозот поради недостаток на побарувачка на странските пазари.

Во 1931 година, Шведска ја девалвирала својата валута во однос на доларот, обидувајќи се да го поддржи извозот. Биле преземени првите чекори за воспоставување на таканаречниот „шведски модел“ - политика што сакала да преземе поголема одговорност за социјалните проблеми и да влијае врз деловните циклуси.

По Втората светска војна, следувал период на економски бум. Шведска не учествувала во војната, а нејзините индустриски капацитети и работната сила останале недопрени, што било добро во повоената реконструкција на Европа.

Тогаш „Шведскиот модел“ бил создаден како историски компромис помеѓу социјалдемократските влади и индустрискиот сектор кој бил во приватна сопственост и претставувал среден пат помеѓу планираната економија и капитализмот.

Во текот на 60-те години дошло до големи промени на пазарот на трудот. Иако во повоените години невработеноста била ниска, само 2 отсто, некои индустрии како текстилот и кожата сепак „попуштиле“ под притисокот на меѓународната конкуренција. Во текот на 60-те и 70-те, силниот раст на јавниот сектор и социјалниот систем, го зголемиле притисокот врз даночниот систем. Шведска и ден денес е позната по релативно високата даночна оптовареност.

Во текот на 70-те години, повторно се јавиле проблеми. Извозно ориентираната Шведска била силно погодена од „нафтената криза“ во првата половина на 70-те години. Падот на глобалните економски активности ги донеле на површина проблемите, што не биле видливи додека економијата растела во 60-те. Високите даноци станале големо оптеретување. Во текот на 70-те, владата се обидувала со субвенции да ги спаси работилниците за челик и бродоградилиштата, но тоа се покажало како краткорочно решение за одржување на вработеноста. Владата се обидела и со девалвирање на валутата, што на краток рок ја зголемила конкурентноста на некои сектори, но ни тоа не било долгорочно решение на проблемите.

3

Решението дошло во форма на дерегулација во текот на 80-те. Шведска сфатила дека ако сака да ја зголеми конкурентноста на глобалниот пазар, мора да дерегулира многу сектори.

Следеле години на економски раст. Во 90-те, Шведска се соочи со пукање на балонот на недвижности, формира по дерегулацијата на финансиските пазари и силниот раст на кредитирањето, но Шведска тогаш направила нов пресврт.

По оваа криза, воведе балансиран буџет, владините трошоци биле ограничени за да се доведат јавните финансии во позитива.

Во 1996 година било воведено ограничување на јавната потрошувачка, што наишло на широка поддршка од сите политички опции. Во 2007 година бил основан Советот за фискална политика, составен од експерти чија задача била да контролираат дали државната потрошувачка е во согласност со целите на растот, вработеноста и долгорочната одржливост на јавните финансии. Со тоа, Шведска станала една од финансиски најодговорните европски земји.

Паметното управување со јавните финансии им овозможило да избегнат ненадејни намалувања за време и после последната глобална криза, па дури и успеале да ги намалат даноците.

Денес Шведска е модерна економија, насочена кон високата технологија. Многу познати технолошки компании како „Скајп“ и „Спотифај“ имаат корени во Шведска, и е единствената земја во ЕУ во која сите региони имаат БДП над просекот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура