X
 14.03.2018 Култура

„Бикини Мун“ – модерно искуство кое навлегува во грдотијата на воајерската култура

Критиката го фали зборови, фестивалите се редат, а на 22 март во киното „Милениум“ ја очекуваме и македонската премиера на новиот филм на Манчевски




-„Бикини мун“ е супер металингвистички филм. Тој е фикција за снимањето на документарецот. Ако почнеме да се прашуваме за реалноста и вистината во документарецот, начинот на кој гледаме на нештата, документарецот е жанр помеѓу фикцијата и нефикцијата. Но, мислам дека може да има попродуктивна дебата за перформансот на протагонистот - пишува Жилерме Франко, филмски критичар од Бразил, за филмот на Милчо Манчевски, чија македонска премиера ќе биде на 22 март во киното „Милениум“ во Скопје.
Според Франко, приказната е многу добро конструирана и сите ликови и актери се синхронизирани и ги составуваат деловите од сложувалката која всушност е „Бикини Мун“.


- Режисерот ја предизвикува конструкцијата на реалноста на животот и филмот. Милчо Манчевски одлучува да ја избере естетиката на трагедијата за претставување на животот на големиот лик, кој е Бикини. „Бикини Мун“ е за нашите животи, нашите моменти на лудост, метафоричен портрет на сите нас. Филмот е снимка за внатрешноста, а не само надворешноста на Бикини - пишува Франко.
„Бикини мун“ е провокативен, повеќеслоен мокументарец кој ги нагласува најлошите делови од милениумскиот либерализам - оценува Стивен Перез на порталот Metroactive.com Според него, режисерот Манчевски користи неколку гледишта, вклучително и познатиот објектив на мобилните уреди, за да ги долови моментите.


-„Бикини Mун“ е модерно искуство кое навлегува во грдотијата на нашата воајерска култура - заклучува Перез.
Филмот во американска продукција неодамна на фестивалот „Фантаспорто“ во Порто, Португалија ја освои специјалната награда од жирито. Светската премиера му беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а беше прикажан и на фестивалот „Синеквест“ во Сан Хозе, Калифорнија. Освен Манчевски, Македонец во филмската екипа е и композиторот – Игор Василев Новоградска.  
Филмот на Манчевски беше дел и од филмските фестивали во Софија и во Белград, а деновиве треба да следуваат фестивалите во Сарасота, Флорида, во Истанбул, Филмскиот фестивал во Менхетн, Њујорк, Франкфурт, Нешвил... Главните улоги ги играат: Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на Манчевски. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин.
Подготвил: С.Ѓ
Тагови:

Издвојуваме

Култура