X
 16.03.2018 Живот

Италијанскиот 11 септември

Додека Велика Британија се опоравува од шокантното труење на поранешниот шпион Сергеј Скрипала, случување кое навраќа на Студената војна, Италија денес се присетува на најистакнатите жртви на идеолошкиот судир меѓу Западот и Истокот.


Фото: Twitter

На денешен ден пред 40 години, на 16 март 1978 година, поранешниот италијански премиер Алдо Моро беше киднапиран од страна на терористи на Црвените бригади. Моро одеше кон италијанскиот парламент каде требаше да учествува во гласањето доверба на новата влада од десниот центар на чело со демохристијанскиот премиер Џулио Андреоти. Припадниците на Црвените бригади ги убија петмината телохранители на Моро, а него го одведоа во скривница за да му суди народниот суд составен од самите киднапери.

Моро, како лидер на Демохристијанскта партија (ДЦ), беше обвинет дека е главниот творец на „историскиот компромис“ меѓу италијанската Комунистичка партија (ПЦИ) и демохристијаните, кој всушност доведе до создавање на владата на Андреоти. Судот составен од киднаперите го прогласи за виновен и го погуби. По 55 дена заробеништво, неговото тело беше пронајдено изрешетено во багажник на автомобил паркиран на еднаква оддалеченост од седиштето на ДЦ и ПЦИ во центарот на Рим.

-Тоа беше италијанскиот 11 септември. Постојат места кои ни говорат за настаните. Секој ден минувам низ тоа подрачје и не можам а да не помислам на пролета 1978 година и на Италија исцрпена од страшната деценија - напиша оваа недела Езио Мауро, уредник на „Ла Република“.

Киднапирањето и убиството на Моро беа врв на италијанските таканаречени оловни години, периодот од крајот на 1960-ите до почетокот на 1980-ите, кои се карактеризираа со политичко насилство. Од бомбашкиот напад на миланскиот Плоштад на фонтаните во 1969 година, кога беа убиени 17 лица, до болоњскиот масакр (бомбашки напад на главната градска железничка станица, изведен во 1980 година), кога беа убиени 85 лица, изведени се стотина напади и убиства. Црвените бригади беа едни од најсмртоносните групи во тоа време.

-Во 1975 година Црвените бригади ја променија стратегијата и тргнаа во фронтална борба со италијанската држава - вели историчарот Филипе Форо.

Сепак, околностите околу убиството на Моро никогаш до крај не беа расчистени и во Италија постои голема теорија на заговор за тоа зошто тој бил мета. Додека бил во заробеништво, Моро напишал низа писма до неговата фамилија, до Андреоти и до папара Павле Шести, кои повикуваа на негово ослободување. Во едно писмо до сопругата, Моро напишал дека неговата крв ќе биде на нивните раце, но не објаснил на кого мисли. Тој додал дека стекнал многу противници заговарајќи политика на историски компромис со комунистите во НАТО, во италијанската тајна служба, во политиката...

-На Соединетите Американски Држави не им беше прифатлива моќта на Комунистичката партија во најважната средоземна земја, а и Советите гледаа закана во историскиот компромис - вели судијата Фердинандо Импосимато, кој го водеше подоцнежното судење на киднаперот на Моро.

Министерот за култура Дарио Франческини смета дека случајот со Моро може да понуди лекција на земјата заплеткана во политичката пат позиција.

-Тој убеди двајца изборни победници, од кои ниеден немал мнозинство, да ја поддржат владата. А она што било вредно за челниците во минатото, вредно е и за овие денес - истакна Дарио.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот