X
 18.03.2018 Наука

Научници од Оксфорд развија метода која може да го замени тестирањето лекови на животни

Природниот центар за замена, прочистување и редукција на животните во истражувањата е британска организација која се занимава со развој на методи кои би го намалиле користењето на животните во експериментите, или со други зборови, би го намалиле мачењето на животните. Секоја година тие ги наградуваат најдобрите истражувачи кои се водат по нивните принципи во истражувањето на човековите болести и развојот на лековите, па оваа недела центарот ја додели и меѓународната награда за 2017 година на истражувачки тим од Универзитетот во Оксфорд.


Фото: Pixabay

Веста е интересна затоа што тимот научници од Оксфорд за своето истражување наместо животни, користел компјутерски симулации. Со помош на софтверот Virtual Assay, тимот развил компјутерски модел на човекови срцеви клетки и испробал неколку илјади симулации за да види како 62 лекови (и 15 соединенија кои инаку се користат во истражувањата) ќе влијаат на клетките.

Споредувајќи ги добиените податоци со оние клиничките излегува дека моделот погодил што е потенцијално опасно за срцето. Моделот предвидел и дали може лекот или соединението да предизвика аритмија во дури 89 отсто од случаите. Тоа се чини поточно и од сличните истражувања на животните.

Податоците од истражувањата за влијанието на лековите на срцевите клетки, во кои се користени зајаци, се совпаѓаат со клиничките подаатоци во само 75 отсто од случаите. Главната авторка на студијата, Елиса Пасини верува дека еден ден ќе бидат спасени многу животни.

-Актуелните стратегии за процена на кардиотоксичноста на лековите вклучуваат комбинација од предклинички студии кои користат разни животни, вклучително и глувци, зајаци, кучиња, свињи... Оваа фаза од скринингот може да го надмине искористувањето на (најмалку) 60 илјади животни годишно и тука нашите модели би можеле да одиграат важна улога - истакна Пасини.

Резултатите од студијата беа објавени минатата година, а групата веќе почна да спроведува виртуелни студии во истражувањето на болести и на дијабетес тип 2.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука