X
 18.03.2018 Живот

Руската предизборна кампања: нуклеарно оружје, пеење, истурање вода в лице

Денес Владимир Путин се очекува да биде избран за старо-нов претседател на Русија. Иако сѐ се знае однапред, изборите треба да се одржат, а со тоа мораше да да се одржи и предизборната кампања.

Еве што го обележа предизборниот период во Русија.

1. Путин повеќе пееше отколку што зборуваше

Ако Владимир Путин не сака нешто, тогаш тоа се кампањи и соочувања. Вистина, претседателот во последно време ја обиколува Русија и говори пред работниците, но ќе остане запаметено дека, формално, во кампањата повеќе пееше отколку што зборуваше.

Путин организираше само еден митинг, голем настан на стадионот Лужники, каде се собраа 80.000 луѓе. На митингот настапија и голем број на руски ѕвезди. Бидејќи беше настинат, предизборниот говор му траеше само три минути, а дополнителна обврска му беше да ја испее руската химна, која траеше подолго од самиот говор.


Фото: Pixabay

2. Програмата на Путин: Претставување нови нуклеарни „играчки“

Ако победата е извесна, тогаш кој би се замарал со програмата? За да ја покаже неговата, а и моќта на државата, Путин на спектакуларен говор пред пратениците претстави нова „играчка“.

Всушност играчката не е ни малку безопасна. Напротив, тоа е (нуклеарна) крстаречка ракета која има неограничен радиус на дејство. Пораката повеќе беше за Американците отколку за гласачите. Сепак, руските гласачи сакаат сѐ од што се плашат Американците.

3. Најопасниот противкандидат беше исфрлен од играта


Ако некој имаше шанси (макар и минимални) барем малку да му ги замрси сметките на Путин, тоа беше Алексеј Навални. Но, потоа се вмеша изборната комисија и утврди дека тој не ги исполнува условите за кандидатура.

Имено, на 41-годишниот адвокат му е изречена пресуда за проневера на пари, а со тоа му беше забрането да се кандидира до 2028 година.


Фото: 100posto.hr

4. Недозволување вториот најопасен кандидат да напредне

Меѓу осуммината кандидати, двајца доаѓаат од редови на партии со комунистички знак. Една од нив како свој кандидат го изнесе милијардерот Павел Грудинин. Во отсуство на подобри (контра)опции, неговиот рејтинг почна да расте, а потоа медиумите почнаа да копаат по неговиот имот.

Како и секој вистински милијардер, Грудинин имал „мрачни“ банкарски сметки во странство, се разбира во Швајцарија, а се најде нешто и во злато. Доволно за да му се скратат крилата.


Фото: 100posto.hr

5. Секои избори имаат кловн

Најпознатиот руски политички кловн, уште од 1990-тите, е Владимир Жириновски. Иако е кандидат на Либерално-демократската партија, тој нема речиси никаква врска со либерални ставови. За тоа многу зборува пријателството на Жириновски со Војислав Шешељ.

И на овие избори тој го привлече вниманието со некои брилијантни идеи, вклучувајќи ја и обновата на новиот Советски Сојуз, кој би ги вклучил - верувале или не - и Турција и Иран!

6. Тука е и „курвата“ која фрла вода в лице

Кога веќе Путин не учествуваше во предизборните соочувања, остатокот од дружината се согласи да игра „лига без шампиони“. И тоа не беше толку здодевно како што звучи.

Поточно, во еден дуел, „кловнот“ Жириновски ја нарече „глупача“ Ксенија Собчак, единствената жена која се натпреварува за челната позиција во Русија, на што таа му врати лиснувајќи чаша вода во неговото лице.

По овој потег, Собчак за Жириновски од „глупача“ стана „курва“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот