X
 19.03.2018 Култура

И за средношколци и за родители - „Еднаш свет изградив“ премиерно во Театарот за деца и младинци

Претставата наменета за публика над 15 години отвора важни прашања кои секој млад човек си ги поставува - вели режисерот Јане Спасиќ

Плакатот за претставата го изработи Елена Андреева

„Еднаш свет изградив“, авторски текст на режисерот Јане Спасиќ, инспириран од романот „Сидарта“ од Херман Хесе, ќе биде премиерно изведен во среда од 20 часот на сцената на Театарот за деца и младинци. Оваа претстава има важна мисија, да ги доведе младинците, средношколците во театар. Наменета е за млади од 15 години нагоре.

Пред неколку години, овој театар ги направи првите чекори за заживување на младинската сцена, кога беа поставени две претстави „Нашиот клас“ и „Заспаниот разум раѓа чудовишта“. Тие се играа извесно време, ама беа тргнати од репертоарот.
Директорката Катерина Силјановска-Илиевска најави дека засега „Сидарта“ ќе биде претставник на младинската сцена, а наскоро ќе биде вратена „Нашиот клас“ во режија на Владимир Милчин.
- Утре е светски ден на театарот за деца и младинци, ние ќе го одбележеме во среда со премиера - рече директорката Илиевска-Силјановска.

Преку семејна приказна за татко и син кои се среќаваат после долги години, авторот на претставата, Спасиќ се обидува да согледа неколку поважни животни фази и да ги разгледа последиците на индивидуалните одлуки, велат од театарот.
- Преку нивниот однос и приказните на таткото се поставуваат повеќе прашања за значењето и последиците од изборите во животот. Дали децата може да избегаат од изборите на своите родители и дали може да направат свои самостојни избори или тие секогаш ќе носат сенка од изборите на своите родители, дали постојат универзални вредности или сите се индивидуални? Дали на животот може да му се даде подолготрајна смисла или секоја животна фаза има свое значење? Дали некое од овие прашања има дефинитивен одговор или засекогаш остануваат отворени – прашуваат во ТДМ.

Спасиќ заеднички го креираше текстот со актерите од ТДМ: Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и детето-актер Михаел Стојановски, кој има девет години.

Драган Довлев

Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите на Бранкица Јордановска, композитор на музиката е Дарија Андовска, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ. Асистент на режија е Горјан Аревски.
- Ова беше значаен процес на работа за мене. Долго време дискутиравме како ќе ја работиме, создадовме три верзии на текстот. Ставивме наша приказна за татко и син, претставата е драма со многу семејни елементи. За мене процесот беше мачен и интересен истовремено. Се радувам што соработував со луѓе со кои имаме слични ставови и разбирање на работите. Ова е претстава што можат слободно заеднички да ја гледаат родител и тинејџер – рече Спасиќ.

Симона Спировска

Големо е задоволството што повторно имаме претстава на младинската сцена, истакна актерот Драган Довлев. Пред неколку години, кога беше директор на театарот, токму тој се залагаше за заживување на младинската сцена.
- Се појавија многу прашања и скепска околу оваа сцена. Но, сѐ додека има актери кои се подготвени да ја жртвуваат и својата професија, иднината на младинската сцена ќе биде загарантирана. Да се разбереме, ова не е „Сидарта“ од Херман Хесе. Сите прашања кои Хесе ги отвора во романот се отвораат и во оваа претстава. Крупни прашања кои театарот мора да ги отвора – вели Довлев.
Симона Спировска нагласува дека е особено важно да постои младинската сцена, зашто децата кои се публика на детските претстави, кога ќе пораснат, неколку години нема каде да одат во театар.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура