X
 19.03.2018 Живот

Инфлуенсери во Македонија - Како работат Лила Филиповска, Ина многуфина, Анита Љатифи, Филип Поповски...

Факултети.мк зборуваше со дел од македонските инфлуенсери за тоа што значи оваа работа, како се работи, кој ги создава идеите за рекламирање, колку приватноста се меша во неа...



Во светот се Криси Тајген, Мет Драџ, Кјара Ферањи, Мишел Обама, Ким Кардашијан, Рејчел Бретан, Тим Ферис, Џ.К. Роулинг, Јао Чен, Алексеј Навални... Кај нас сега се Лила Филиповска, Анита Љатифи, Ина многуфина, Огнен Јанески, Филип Поповски... Тие се познати како инфлуенсери, или влијателни. Некои се комерцијални инфлуенсери, па рекламираат само производи, други се занимаваат со социјална проблематика, со општествено-политички теми. Некои заработуваат и живеат од овој начин на маркетинг. Нивната популарност на социјалните мрежи е голема, имаат интернет-публика во шестцифрени броеви и кога нешто ќе објават или напишат на нивните профили, тоа ќе го видат многуте нивни следбеници. И не само што ќе го видат, туку и голем дел ќе го прифатат она што тие го кажале и покажале, многумина ќе го послушаат нивниот совет или избор или барем само ќе се подзамислат за тоа. Сигурно е нема да останат рамнодушни.

Инфлуенсерите како канал за маркетинг, како што го нарекуваат пи-ар експертите, е релативно нова можност кај нас, за разлика од остатокот во светот. Се развива толку брзо колку што се развива маркетингот, а публиката реагира на нив.

Факултети.мк зборуваше со дел од македонските инфлуенсери за тоа што значи оваа работа, како се работи, кој ги создава идеите за рекламирање, колку приватноста се меша во неа...

Лила Филиповска: Може сериозно да се заработува

Водителката Лила Филиповска важи за еден од најпознатите комерцијални инфлуенсери на овие простори. Оваа можност за работа ѝ се појавила случајно.



- Кога го правев мојот инстаграм-профил, немав намера да бидам инфлуенсер, блогер или што било. Го направив онака како што го прават сите други. Генерално, сакав да ја рекламирам мојата работа и да објавувам за моите пријатели и соработници без никаква посебна намера или цел. Тој профил го доживував како место каде што ќе се промовирам себеси, мојата работа, мојата професија пред сè. И така тргна – раскажува Лила.

Таа вели дека повеќе од две децении го следи маркетингот и го разбира. Така и сфатила дека социјалните мрежи се добро место не само за нејзина промоција, туку и на голем број брендови и фирми, кои нашле одличен начин за презентација преку нејзините постови.

- Имам добра подлога бидејќи цел живот работам на телевизија, добро разбирам како функционира маркетингот, следам многу страници од каде што можам да учам. Кога првпат ми понудија ваква работа, воопшто не бев збунета и не ми беше тоа ништо ново. Но, морам да признам дека првите пари што ги заработив со презентација на инстаграм-профилот ми беа многу слатки. Сега на „Инстаграм“ сериозно се заработува – вели Лила.

На „Инстаграм“ има 110.000 следбеници, преку „Стори“ има меѓу 40.000-50.000 гледаност, а на „Фејсбук“ има 95.000 следбеници и 5.000 пријатели. На својата фан-страница на оваа мрежа има околу 41.000 илјада следбеници.

- Така располагам со сериозна бројка на онлајн-публика, што значи дека моите клиенти имаат мошне убава можност каде да бидат презентирани. Откако бев поканета во Прага на промоцијата на најновиот парфем на „Тифани“ како инфлуенсер од Балканот, сфатив дека можам слободно да си го користам тој термин за себе – објаснува Лила.

Идеите и начинот на кој ќе претстави одреден производ се нејзини, а во работата е вклучен и нејзиниот син Филип, кој дипломирал маркетинг, како и асистентот Спасе, кој е задолжен и околу креативниот дел и околу делот со фотографирањето. За поголеми кампањи во работата вклучува и маркетинг-агенција.

- Клиентите очекуваат да се дознае за нивниот бренд, тој да се пробие или, пак, да го забетонира своето место на пазарот. Мене ми е драго зашто успеваме во тоа – раскажува Лила.

На македонскиот пазар, вели, има место за ваков тип маркетинг.

- Да, се заработува од овој тип реклама, од инфлуенсерство. Јас лично заработувам, а за другите не знам. Не работам со компензација. Многумина така работат, ги гледам на „Инстаграм“ и сметам дека грешат – објаснува нашата соговорничка.

Кога станува збор за инфлуенсерство, нема работно време.

- Знаете дека имам и друга работа и среќа што сум одлично организирана. Повеќето мислат дека е едноставно, ќе се сликнеш, ќе ставиш слика и тука завршува приказната. Но, тоа не е точно бидејќи секој клиент очекува секоја слика да биде различна, на некоја слика да се појавам јас, па мора да бидам средена за фотографирање, да најдам соодветен простор, да направам добра фотографија, да осмислам како ќе го доловам моментот за да го однесам производот до потенцијалниот купувач... Сето тоа одзема време и енергија, а пред сè треба креативност – вели.

Лила раскажува дека се случило да одбие клиенти за работа.

- Имам одбиено клиенти зад чии производи не сакам да застанам. Ако сметам дека нешто не е добро, не сакам никого да убедувам дека е добро. Оваа работа не е за една година. Верувам дека инфлуенсерството е иднината на маркетингот. Светските модни брендови на сите свои ревии ги канат светските инфлуенсери, а тоа е доволен доказ колку се тие важни и успешни – додава Лила.

Анита Латифи: Одговорноста е клучна

Шефот на маркетинг во Албанскиот театар, Анита Латифи, инфлуенсер станува несвесно. Најчесто на „Фејсбук“ таа неретко отвора социјални и општествено-политички прашања, а одвреме-навреме говори и за комерцијални производи.



- Тоа е благодарение на прилично вложен труд, конзистентност и смелост да започнеш или да се вклучиш во дебати на социјалните мрежи, а истовремено да го одржуваш профилот со примамливи постови за поширок аудиториум. И во времето кога јавниот ефект од постовите беше речиси симболичен (а никогаш не недостигал по други канали – во пораки или во живо), јас бев упорна во постирањата. Сметам дека дел од нас со подолги „кариери“ на социјалните мрежи успеавме да охрабриме голем број да се вклучат во дебатите, а воедно и да влијаеме врз квалитетот на самата дебата. Сепак, клучни моменти во кои израснав во инфлуенсер, односно кога видно се зголеми бројот на следбеници, се кризните моменти, т.е. прашањата за меѓуетнички тензии, протести, природните непогоди, политички кризи, како и за големи хуманитарни акции – вели Анита.

Во нејзините постови не може да не се забележи доза на хумор или сатира, па заедно со своите следбеници го мрази понеделник, ја чека платата, „се празни“ за хаотичниот сообраќај, за залудни ветувања за отпочнување диети... Чести се и политички и општествени теми, а и најкоментирани.

- Неколку хуманитарни акции за лица и семејства кои имаа потреба од помош на чие чело бев, а и многубројни други во кои бев коорганизатор или „фејсбук-покровител“ се всушност најголемата гордост за сето ова што го правам на оваа социјална мрежа и токму заради нив, не жалам за ниту една минута потрошена таму – објаснува.

Неретко, вели Анита, знае да пофали производ, услуга, поединец без тоа да ѝ биде побарано.

- Но, да. И заработувам. Меѓутоа, прифаќам исклучиво веродостојно инфлуенсирање, односно исклучиво производи или услуги во кои и самата верувам и кои моите следбеници лесно би ги поврзале со мене. Несомнено одговорноста е клучна. Порано знаев да се поведам од емоции и да бидам вовлечена во дебати во кои наместо убедување на останатите со моите аргументи, повлечена од толпата, и самата ги поминував црвените линии. Агресивните постови и коментари најлесно добиваат поддршка и овации, но тоа не е моја цел. Разумно и аргументирано дебатирање е патот до целта - убедување на останатите во тоа што ти веруваш дека е исправно – додава Анита.

Филип Поповски: Инфлуенсерите се бренд-амбасадори

Оние што го следат Филип Поповски редовно гледаат како „Готвиме со Фичо“. Тој е убеден дека во денешно време инфлуенсерите се многу битни во маркетингот, па секоја сериозна компанија треба да има некој што ќе го презентира нејзиниот бренд во најдобро светло. Компаниите одбираат инфлуенсер за кој сметаат дека е подготвен да го претставува брендот. Инфлуенсерот е всушност бренд-амбасадор и тоа не е мала работа, станува збор за голема одговорност.



- Оваа форма на маркетинг постои уште пред ерата на интернетот, но тогаш било малку потешко. Овие луѓе се занимавале со лобирање или практично се движеле во кругови каде што можеле да зборуваат за брендот што го претставуваат. Денес е многу полесно и многу попрецизно. Преку социјалните мрежи многу лесно може да се постават таргети со кои се допира до оние што ги интересира темата или производот за кој е ангажиран инфлуенсер. Јас сум инфлуенсер за еден од најсилните брендови на светот, „Кока-кола“, и можам да речам дека веќе три години успешно соработуваме. Денешните сериозни брендови се ветер во грб за креативните инфлуенсери, тие само им помагаат да бидат подобри - вели Филип.

Коста Петров: Внимателна стратегија

Маркетинг-експертот Коста Петров вели дека за подготовка и имплементирање маркетинг-стратегија со инфлуенсери, потребна е голема внимателност, неколкумесечно истражување, но најважно од сè - одлично дефинирана визија и цел за брендот. Првиот чекор за успешна инфлуенсер-стратегија е категоризирање на инфлуенсерите по интерес.



- Не предлагам користење на инфлуенсери кои имаат само голема бројка на следбеници. Многу поважно е дали следбениците се таа таргет-група што му е потребна на брендот. Многу е важно да дефинира и која друштвена платформа да се таргетира во кампањата – вели Петров.

Тој ги советува компаниите да ги следат активностите на инфлуенсерот кој сакаат да го ангажираат, но и коментарите на неговите фанови.

- Некогаш грешка на инфлуенсерот или негов коментар може скапо да го чини брендот или репутацијата на компанијата. За успешна соработка со инфлуенсери, многу е важно и да се дефинираат очекувањата од соработката, но и дали станува збор за ексклузивна соработка или само на одреден период. За успешна маркетинг-стратегија со инфлуенсери, најважно е да ги оставите да бидат тоа што се, нека ги пишуваат тие статусите, нека ја креираат тие содржината. Така нивните фанови ќе сфатат дека се работи за промоција на бренд во кој инфлуенсерот силно верува, а не само платена маркетинг-реклама – вели Петров.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот