X
 19.03.2018 Живот

Која е „Кембриџ Аналитика“? Компанијата која собрала информации за 50 милиони корисници на „Фејсбук“

„Кембриџ Аналитика“ е компанија која нуди услуги за бизниси и политички партии кои сакаат „да го променат однесувањето на публиката“. Компанијата тврди дека е способна да анализира многу податоци од потрошувачи и тоа да го комбинира со науката за однесувањето за да ги идентификува луѓето кои можат да бидат таргетирани од страна на организациите со маркетиншки материјал. Компанијата собира податоци од лепеза на извори, вклучително и од социјалните мрежи како „Фејсбук“ и од своите анкети.




Седиштето на компанијата е во Лондон и истата е формирана во 2013 година како огранок на друга компанија наречена „СЦЛ Груп“, која нуди слични услуги низ целиот свет. Основачот на „Кембриџ Аналитика“, Александер Никс, во едно интервју рече дека компанијата е создадена за да се осврне на вакуумот во американскиот републикански политички пазар, кој стана очигледен кога Мит Ромни беше поразен на претседателските избори во 2012 година.

-Демократите очигледно ја водеа технолошката револуција и анализата на податоците и дигиталното ангажирање беа области каде Републиканците не успеваа да им парираат. Тука видовме можност - истакна тој.

Викендов беше откриено дека во 2014 година од 50 милиони профили на „Фејсбук“ биле собрани информации од страна на британскиот академик Александре Коган и неговата компанија „Глобал Сајенс Рисрч“ (ГСР). Коган ги собрал информациите преку апликација на сајтот. Собирал детали за Американци кои биле платени за да направат тест за личноста, но собирал информации и за нивните пријатели на „Фејсбук“. Коган имал договор да ги сподели овие информации со „Кембриџ Аналитика“. Но, според укажувачот Кристофер Вајли, повеќето од овие лични информации биле собрани без овластување. Тој истакна дека „Кембриџ Аналитика“ градела моќна софтверска програма за да го предвиди и да влијае на гласањето.

Вајли, кој претходно работел за „Кембриџ Аналитика“, ја откри оваа и други пракси на компанијата, кои тој ги опиша како „пропагандна машина со комплетна услуга“. Неговите изјави се сосема спротивни на оние на Никс, кој во февруари пред британските пратеници рече дека компанијата не користела податоци од „Фејсбук“ во својата работа.

Во соопштение објавено во саботата, компанијата негираше дека правела нешто погрешно и рече дека не собирала податоци, како и дека ништо не било користено во американските претседателски избори во 2016 година. Според соопштението, компанијата ги почитувала условите на „Фејсбук“ и ги избришала сите податоци добиени од ГСР. Коган исто така рече дека ГСР не направила ништо погрешно.

Ова не е првата контроверзија поврзана со компанијата. Истата беше обвинета дека се нуди да таргетира странски донатори за британската кампања за брегзит и во ноември беше објавено река Никс контактирал со основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, за да го праша дали ќе сака да помогне со објавувањето на имејлови поврзани со Хилари Клинтон.

Што велат од „Фејсбук“?

„Фејсбук“ ги суспендира „Кембриџ Аналитика“ и неколку лица од нејзиниот сајт додека го истражува случајот. Од „Фејсбук“ велат дека на Коган му дале дозвола за пристап до информациите. Сепак, Коган ги прекршил правилата кога ги споделил податоците до „Кембриџ Аналитика“ и дозволил тие да бидат користени за комерцијални цели.

-Луѓето свесно ги дале нивните информации, не се инфилтрирани системи и не се украдени или хакнати лозинки или чувствителни информации - истакнаа од „Фејсбук“.

Оттаму додаваат дека во 2015 година дознале за ова и ја отстраниле апликацијата и барале сите информации да бидат уништени.


Фото: Pixabay

Кој ја раководи „Кембриџ Аналитика“?


Компанијата е дел од „СЦЛ Груп“ и има неколку исти директори со таа компанија. Главниот играч е 42-годишниот Никс, кој во 2003 се приклучил во СЦЛ откако студирал на Универзитетот во Манчестер. Никс го развил политичото крило на бизнисот.

Генералниот директор на политичкиот оддел на „Кембриџ Аналитика“ е Марк Турнбул, кој пред да дојде во СЦЛ минал 18 години во фирмата за комуникации „Бел Потинџер“.

Како „Кембриџ Аналитика“ е поврзана со Доналд Трамп?


Роберт Мерсер, клучен поддржувач и донатор на Доналд Трамп, дал 15 милиони долари за финансирање на „Кембриџ Аналитика“. Мерсер, кој исто така го финансирал десничарскиот сајт „Брејтбарт“, беше воведен во компанијата од страна на Стив Банон. Банон ја водеше последната фаза од изборната кампања на Трамп и потоа служеше како негов главен стратег.

Компанијата работела на кампањите на тројца претседателски кандидати, меѓу кои и Трамп. На сајтот на компанијата се наведува дека таа анализира милиони податоци за да ги идентификува најнаговорливите гласачи и нештата за кои тие се грижат и потоа им испраќа пораки „за да ги стави во акција“. Секој ден биле анкетирани гласачи од 17 сојузни држави и онлајн рекламирањето и социјалните мрежи биле искористени за да им бидат испратени пораки. Компанијата тврди дека на овој начин ги зголемила донациите и излезноста и дека придонела за победата на Трамп.

Како што сега дознавме, некои податоци дошле од профили до кои компанијата не требало да има пристап.

Компанијата работела на политички кампањи во земји како Кенија, Колумбија, Индија и Свети Кристофер и Невис.

Што е следно?

Најверојатно сега ќе има прашања на кои „Кембриџ Аналитика“ и „Фејсбук“ ќе треба да одговорат. Никс можеби ќе треба да ја објасни неговата позиција за податоците од „Фејсбук“ пред пратениците.

Во Велика Британија, „Кембриџ Аналитика“ и „Фејсбук“ се еден фокус од истрагата за податоците и политиката која ја спроведува Канцеларијата на Комесарот за информации. Одделно, Изборната комисија исто така истражува каква улога имала „Кембриџ Аналитика“ во референдумот за излез од ЕУ.

Во САД, Роберт Милер ги побара имејловите од компанијата како дел од неговата истрага за наводното руско мешање во претседателските избори одржани во 2016 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот