X
 20.03.2018 Економија

„Амазон“ станува ноќна мора за секоја компанија


Складиштата на „Амазон“
(Фото: Reuters)


„Амазон“ е создадена во сајбер-просторот, но работи од складишта и други недвижности чија површина е иста како 90 њујоршки згради од типот на Светскиот трговски центар. Главниот извршен директор, Џеф Безос, е најбогатата личност на светот, кој богатството го заработил во услови што потсетуваат на сцена од романите на Чарлс Дикенс, како што кажуваат критичарите.

Инвеститорите со текот на времето ја засакале „Амазон“ веројатно поради нејзината специфичност. Само акциите на „Епл“ и на „Алфабет“ вредат повеќе, а за разлика од нив, „Амазон“ ги руши сите правила на водењето бизнис на една модерна корпорација. Влијанието на „Амазон“ врз другите компании од бизнис-светот е немерливо.

Бизнисот на Безос растел 24 години и бил изразено успешен, но сега влегува во нова фаза. Сака да доминира со секоја индустрија, а не само со книгите и електрониката. Од достави на пакети, преку автомобили и храна, па сè до банкарството, Безос сака неговото царство да биде прво во сè.

„Амазон“ станува име за штетата што може да им биде нанесена на другите компании, и овој статус го има веќе три години.

Но патот дотука не бил лесен. Од 2014 година речиси сè тргнало на лошо. „Амазон“ го претставила новиот смартфон „Fire“, кој набрзо се покажал како целосно фијаско. Бизнисот се покажал како катастрофален, а во еден момент директорите и шефовите тврделе дека за кризата биле виновни студентите кои изнајмувале, а не купувале книги.

Кога и инвеститорите го изгубиле трпението, вредноста на акциите во „Амазон“ паднала за 20 отсто, што ја снижило вредноста на компанијата на пониско ниво од „Волмарт“ или „Алибаба“. Само една година подоцна „Амазон“ скокнала на шестото место, а пазарната вредност ѝ се зголемила петпати. Тајната на враќањето бил одличниот тајминг на сите проекти што дотогаш се подготвувале синхронизирани со вистинскиот пазарен момент.

И во „Амазон“ не очекувале олкав успех. Тоа предизвикало да се промени и начинот на кој инвеститорите гледаат на „Амазон“. Одеднаш се докажало дека компанијата ќе биде конзистентно и силно профитабилна ако продолжи да се надградува во новата гранка – Amazon Web Service, која во 2015 година била заслужна за две третини од вкупниот профит, а минатата година – за 100 отсто од профитот.

„Амазон“ за корисниците го измислила денот за пазарување „Prime Day“, виртуелен „шопинг“ ден кога на купувачите им се нудат многу попусти и згора на тоа се убедуваат дека тоа за нив е привилегија. Приливот на пари и психолошката предност пред купувачите е она што „Амазон“ со релативна леснотија успеала да го постигне.

Другиот дел од заработката се должи на независните продавници што ги отвораат продавниците на платформата на „Амазон“. Од нив „Амазон“ зема дел од заработката. „Изнајмувањето“ на просторот ѝ донело заработка од 32 милијарди долари минатата година.

Ниту една друга компанија од обемот на „Амазон“ не расте толку брзо. Нејзините 180 милијарди годишно не може да се мерат со 500 милијарди на „Волмарт“, но „Амазон“ непрекинато расте. Денес „Prime Now“ дејствува во повеќе од 30 американски градови и доставува сè - од електроника до достави од ресторани. „Амазон“ сега има повеќе од 150 складишта.

Заедно со партнерот – продавниците „Whole Foods“, отворила книжарници и мали „киосци“ во кои се продаваат „Киндл“ и други брендирани гаџети. Никој не може да претпостави кои бизниси ќе ги проголта „Амазон“ наскоро. Ја купила и „Ринг“, компанијата која произведува сигурносни камери, а наскоро влегува и во банкарството. Сè посилен е интересот на нејзините раководители за отворање „класични“ продавници во кои ќе се продава сè, од игла до локомотива.

„Амазон“ планира да преземе и дел од корисниците на „Фед екс“, а сака да се вклучи и во дистрибуцијата на лекови и да стане „middleman“ во медицинската индустрија.

Сепак, „Амазон“ има и свои слабости, на пример, доставите надвор од САД. Секој што денес купува акции во „Амазон“, однапред плаќа за следните 180 години профит, а не треба да се занемари и анимозитетот кон „Амазон“ што се чувствува во Њујорк, Вашингтон и во Брисел. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија