X
 20.03.2018 Наука

Што е тоа синестезија?

Феноменот синестезија е еден од ретките поими во психологијата на кои македонската психологија не обрнува многу внимание. Последица на тоа е што овој поим, според моето слободно мислење, дури и на дипломираните психолози не им е доволно јасен.
Првиот научен извештај за синестезијата се појавил во 1812 година кога австрискиот лекар Сах во својата докторска дисертација за албинизмот опишал еден интересен феномен - само на две страници - што го забележал кај себе. Имено, тој тврдел дека зборовите ги доживува во боја и во секвенции на музика, но не направил обид да го објасни овој феномен. Во психологијата биле опишани и други вакви случаи.



Значи што е синестезија?  

Синестезијата е состојба при која сензорен инпут од еден когнитивен ток предизвикува сензорен инпут од друг, нестимулиран когнитивен систем. Едноставно речено, при визуелен стимулус субјектот доживува звук и обратно, при звучен стимулус субјектот „гледа“, на пример, бои. Поедноставно речено, тоа значи кога стимулуси се звуци, субјектот гледа бои. Зборот  синестезија е грчки и значи „заедничка сензација“, спротивно на анестезија, што, пак значи  „нема сензација“. Синестезијата не е волева активност, различните асоцијации и сетила остануваат релативно стабилни во однос на времето и асоцијациите се специфични за  индивидуите. Тоа значи дека со силата на нашата волја ние не можеме да го постигнеме следното: кога ќе ни се прикажат звуци, да гледаме бои и сл. Во психолошката литература се наведува дека околу 4,4 % од популацијата се синестети.   
Научен интерес за овој проблем се појавил дури околу 1930 година. Тоа е период кога во психологијата доминантен психолошки правец бил бихевиоризмот. Според бихевиоризмот, целокупното наше однесување е научено и може да се објасни со условувањето и искуствата на поединецот во неговата непосредна околина. Бихевиористите сметале дека чувствата и мислите не се мерливи, па затоа се сконцентрирале на надворешните влијанија.   
Синестезијата станала пошироко позната околу 1980 година. Тогаш, во една пригода, американскиот невропсихолог Ситовик  бил на ручек во ресторан и забележал дека во кујната се припрема сос од пиле. Готвачот го пробал сосот и изјавил дека има „погрешен вкус“ и дека му требаат „повеќе точки“.  Ситовик бил заинтригиран од овие необични изјави на готвачот и почнал да го истражува овој феномен, денес познат како синестезија.  

Истовремено, британскиот психолог Барон-Коен обрнал внимание на едно интервју на сликарката Елизабет Палфорд. Таа изјавила дека зборовите и музиката ги доживува во бои. Барон-Коен се заинтересирал за овој случај и почнал да го истражува. Од оваа област напишал неколку труда за т.н. вонсетилна перцепција, идентификувајќи ја синестезијата како стабилен феномен. Тој со своите соработници докажал дека синестезијата е невролошка состојба.  Користејќи  fMRI (Functional magnetic resonance imaging), покажал дека кога стимулуси биле звуци, мозокот покажува активност на оние делови што се поврзани за визијата. Ова се случувало само кај лица кај кои бил забележен феноменот синестезија, но не и кај други лица.  Потоа и други психолози почнале да ја истражуваат синестезијата.   
Познати се околу 60 вида синестезија. Еден вообичаен вид е зборовите да се доживуваат како силни вкусови. Еден чест вид на синестезија е асоцијацијата буква-боја, при која буквите се доживуваат како нијанси на боја. Ова е познато под името хромостезија, каде што звуците се поврзани со боите. Во психолошката литература се наведува дека музичарот Фарел Вилијамс и сликарот Ван Гог доживувале некој вид синестезија.  

Барон-Коен со користење на методот fMRI  (Functional magnetic resonance imaging) сметал дека синестезијата е невролошка состојба. Во истражувањето тој користел 6 лица што манифестирале синестезија  („синестети“) и 6 лица што не манифестирале синестезија   (контролна група). Кај синестетите скеновите навистина покажале активност на делот од мозокот поврзан со визијата кога стимулуси биле звуци, дури и тогаш кога учесниците во експериментот биле со врзани очи. По ова невронаучниците со зголемен интерес се фокусирале на овој феномен.   
Колку и да е интересна, синестезијата на одредени лица може да им предизвика тешкотии. Во психолошката литература е опишан еден редок вид на синестезија при кој лицето неволно ја доживува сензацијата што ја доживува друго лице. Еден ваков случај во психологијата е познат како „Случајот Хант“ (Каролина Хант), госпоѓица Хант вака ја опишала својата синестезија:  „Моето најрано сеќавање е кога имав три години. Имавме куче на кое му се скрши ногата пред мене. Се сеќавам дека во моментот кога ја видов скршеницата јас доживеав болка. Таа ја доживеала болката моментално, пред да почне да размислува за настанот. Понекогаш кога ќе загледам некој филм  - продолжила таа - или  кога гледам атлетичари на екранот, јас неволно го движам телото како луѓето на сцената. Избегнувам да гледам акциони филмови затоа што тие   премногу ме стимулираат. Ми се чини дека моите мускули се напнати како да трчам, заедно со глумците“.



Госпоѓица Хант опишала дека неодамна видела еден напис во Time magazine за спуштањето на авионот MH17. Во написот имало слика на лице врзано на едно седиште во трупот на авионот, кој бил приземјен на една ледина. Телото било цело, немало крвавење, нити скршеници. Во почетокот Каролина не реагирала затоа што немало видливо крвавење, но кога забележала дека ногата е во една невозможна позиција започнало синестезичкото искуство. Таа доживеала болка, почнувајќи од задниот дел на колкот до врвот на нозете, и исто така од грбот кон рацете.
Психологот Ротен напишал повеќе трудови за синестезијата. Тој вели дека меморијата на госпоѓица Хант не е случајна: „Како група, вели тој, синестетите постигнуваат подобри резултати на тест за помнење од несинестетите. Исто така, тие се подобри во задачи каде што се работи со бои, апстрактни шеми, но не се така добри кога станува збор за ориентирање во просторот.“   
Луѓето што немаат синестезија тешко можат да замислат свет каде што звуците имаат боја,   каде што бојата има вкус, а броевите се личности што ги познаваат.

Што би рекле ако некој ве праша: Каква боја има бројот 2? Каков вкус има буквата А?  Дали слушањето музика ви предизвикува бои или облици?  Повеќето луѓе ќе бидат збунети од овие прашања. Но кога на една вежба на моите студенти им ги поставив овие прашања, извесен број студенти (околу 2%)  соопштија дека доживеале нешто слично.   

Веќе споменав дека синестетите се подобри во задачи во кои се користат бои и апстрактни шеми. Ова, пак, нè наведува да го разгледаме прашањето за поврзаноста на синестезијата со креативноста. Еве што вели еден познат истражувач на оваа област, Рамашандран: „Синестезијата предизвикува претерана комуникација помеѓу делови од мозокот... што може да води кон поврзување на навидум неповрзани поими и идеи, накратко - кон креативност.
Лицата што имаат синестезија имаат перцептивни искуства кои се активираат од активноста во друг сензорен модалитет (на пример, звуци активираат бои), како и аудиторни искуства, или од други когнитивни искуства (на пример, броевите да иницираат бои). Овие (нови) асоцијации се автоматски, опстојуваат како функција на времето и се свесно перципирани.   
Кои докази, ако е можно тоа да се направи, можат да се наведат за да го потврдат односот  помеѓу синестезијата и креативноста? Најнапред, некои истражувачи забележале дека синестезија се сретнува кај извесен број креативни лица. Тука би можел да ги споменам композиторите Месиан и Скрајбин, сликарите Кандински и Хокни, физичарот Финман и други.
Дали сите ние сме по малку синестети? Повеќето истражувачи веруваат дека синестезијата ни кажува нешто за мозокот и когницијата, на општо ниво. Во психологијата е прифатено гледиштето дека секој од нас е ангажиран во крос-модална перцепција и интеграција. На пример, постојат неврони во мозокот кои одговараат на сензорни атрибути од различни модалитети, како на пример, боја, вкус, мирис. На бихевиорално ниво биле извршени серија експерименти кои се состоеле во следното: несинестезички лица биле замолени да направат крос-модално усогласување: да ја  поврзат висината на звукот со дадена боја. Се покажало дека несинестетите тоа го прават на следниов начин: висок звук се поврзува со светла боја, односно  колку што е звукот повисок, толку бојата е посветла. Интересно, истата тенденција е забележена кај синестети кои имаат свесно искуство – доживеана боја како одговор на музика и звуци.  Според тоа, дали може да се рече дека синестезијата е проширување (засилување) на овие крос-модални нормални процеси? Тоа е можно, но синестезијата веројатно е покомплексна.

На крајот, во врска со синестезијата, би можеле да ги поставиме следниве прашања на кои психологијата во наредниот период треба да одговори:
-  зошто бојата е најчесто синестезичко искуство;
-  дали  јазичните метафори се поврзани со синестезијата (на пример, често во секојдневниот живот зборуваме за „длабоки“ чувства);
-  дали богатството на синестезички искуства може да се објасни со едно единствено објаснување;
-  дали  синестезичката манифестација доживеана рано во детството се менува како резултат на влијание на срединскиот фактор?   

Томе Николоски, психолог
Подготвил: Томе Николоски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука