X
 23.03.2018 Технологија

Забранете им на трети страни да користат ваши податоци од „Фејсбук“

Сите информации што ќе ги објавите на социјалните мрежи, навидум безопасните апликации како игрите можат да ги праќаат на трети лица, како што покажа и неодамнешниот скандал со „Кембриџ Аналитика“. Еве како да контролирате кој може да ги користи вашите податоци.


Фото: tportal.hr

Минатата недела беа објавени информации дека „Кембриџ Аналитика“, приватна компанија која анализира податоци, користела информации од фејсбук-профили на 50 милиони корисници во текот на изборната кампања во Америка во 2016 година, а многумина се прашуваат како е можно тоа.

Некои апликации, кои одамна сте ги отворале и на кои сте им дале дозвола на „Фејсбук“, ги сменија сопствениците и сега вашите лични податоци се пренесуваат на други организации. Медиумите открија дека „Кембриџ Аналитика“ користела навидум едноставна апликација наречена „thisisyourdigitallife“ за да ги прегледува профилите. Оваа, но и слични алатки, на прв поглед не изгледаат опасно и многумина често не размислуваат кога ги прифаќаат условите, но собраните податоци може да се проследат на трета страна. Еве како да прегледате кој ги користи вашите информации, за да не ви се случи и вам.

Што споделуваме?

Секогаш кога сакате да се регистрирате за нова апликација или страница, најверојатно ќе ви понудат можност да се регистрирате со помош на профилот на „Фејсбук“ или „Гугл“. Многумина го прифаќаат тоа од едноставна причина што секоја нова регистрација трае неколку минути за да се одговори на основните прашања, како што се име и е-адреса, а многу страници потоа бараат и да се провери вашиот идентитет преку е-пошта. Тука е и поставувањето профилни фотографии и други опции што ви се потребни. Многумина ја избираат пријатната опција која со само еден клик го прави сето тоа и не обрнуваат внимание на условите за користење на страницата, па споделуваат повеќе информации отколку што се свесни.

Многу огласувачи и организации така доаѓаат до информации кои им помагаат да ги идентификуваат целните групи, а преку „Фејсбук“ добиваат информации за вашето име и презиме, листа на пријатели, профилна и други фотографии, образование и работни места кои сте ги објавиле. Квизовите и тестовите исто така бараат дозвола и од вашиот профил собираат информации кои не се потребни за кратка забава или на вашите пријатели им испраќаат покани за користење на нивната апликација без вие да го знаете тоа.

Како да се ослободите од тоа?

За да видите кои информации ги споделувате со таквите алатки, одете во App Settings. Таму ќе видите листа на сите апликации на кои сте им дале дозвола, а со кликање на одредена апликација можете да добиете увид во податоците што ги споделувате со нив и да го прекинете или ограничите тоа. Но, имајте на ум дека јавните информации не можете да ги скриете од никого без целосно бришење на вашиот профил.

Информациите што некоја апликација ги бара зависат од нивните сопственици, кои не се должни да ви обезбедат целосен преглед на условите за приватност, туку тоа зависи од нивната добра волја и работна пракса. Но, штом еднаш ќе ѝ скратите некое право на апликацијата, како она да може да објавува на вашиот ѕид, ќе видите опција за отстранување на минатите дозволи и тие ќе бидат избришани. Запомнете дека веќе собраните податоци и понатаму можат да бидат користени од страна на организацијата и ако навистина сакате информациите за вас веќе да не се користат, ќе треба да се обратите директно до организацијата што ги поседува.

Како да го ограничите идното споделување информации?

Ако по оваа афера се освестивте и не сакате да споделувате информации, а профилот на „Фејсбук“ уште ви е потребен, ќе морате да ги средите дозволите за апликациите. Тоа можете да го направите со помош на опцијата Edit на страницата Apps, websites and plug-ins.

Но, вашите податоци сè уште не се сосема безбедни. Ако вашите пријатели дозволат пристап до некоја апликација која подготвува информации за нивните фејсбук-пријатели, трети страни сè уште имаат пристап. За да се спречи ова, одете во Апликации, потоа кликнете Edit под Apps other people use и тука ќе можете да наместите што сакате и што не сакате да споделувате.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија