X
 27.03.2018 Живот

Да ги научиме нашите деца да бидат јунаци во својот живот, а не во видеоигрите

деца

Дали и колку веруваме во ова? Дали мислиме дека ќе им се случи и на нашите деца?

Кога ги забележуваме првите знаци?

Проблемот настанува тогаш кога играњето игри станува поважно од самата реалност, кога детето повеќе време и енергија вложува во игрите отколку во сопствениот живот.

Кога седењето пред екраните доминира во животот на нашето дете и кога приоритет над сите животни активности имаат игрите или социјалните мрежи, и кога ќе видиме дека детето попуштило со учењето и ги запоставило сите други обврски, станува очигледно дека нешто не е во ред, така што за нас компјутерот е главниот виновник.

Денес не може да се замисли животот без интернет, компјутер, телефон бидејќи сите овие уреди ни го олеснуваат животот. Така треба и да биде. Полесно и побрзо доаѓаме до информации, полесно се комуницира. Многу корист, но од друга страна и опасност приоритет да ни стане интернетот, социјалните мрежи, игрите итн.

Зависноста не е нешто ново, познато е дека луѓето можат да бидат зависни од храна, алкохол, дрога, секс, но и од „електронски кокаин“, каде што спаѓа и играњето игри. Ова е потврдено и од СЗО.

Зависноста, за која сè уште не сме целосно свесни, полека сè повеќе ги освојува нашите деца. Започнува наивно, од раѓање - за бебето да биде мирно му пуштаме песна, но не да слуша, туку да гледа во екранот, за подобро да спие, за подобро да јаде, да биде мирно во ресторанот, дома додека мама и тато ги завршуваат обврските. Кога бебето ќе порасне, тогаш и само знае да побара и да го вклучи она што сака да го гледа, па така родителите се горди што тоа со „малите слатки прстиња точно знае каде треба да притисне“. Тогаш почнуваат цртаните, филмовите, игрите, сите со иста цел. Детето да биде мирно, да се занимава додека патува семејството, додека чека итн.

Што мислиме дека постигнуваме со тоа? Дали ги знаеме последиците?

Додека детето е окупирано со интересни содржини, тоа е мирно, но реалноста му е досадна. Кога детето игра игра, гледа цртани, филмови, се зголемува нивото на хормонот за среќа, малку допамин, малку ендорфин и директно детето се испраќа во зависноста. Мозокот поттикнува лачење на хормонот на среќата и детето станува зависно од тоа чувство.

За да се развива, мозокот мора да биде стимулиран. Кога одредени делови од мозокот се активни бидејќи детето е ангажирано во одредена задача, во тие делови се зголемува бројот на врските меѓу мозочните клетки. Но во другите делови што не ги користиме се намалува бројот на врските меѓу клетките. Тоа значи дека структурата на мозокот на детето на извесен начин ќе зависи од начинот на воспитување, односно од видот на вообичаени активности на детето.

И навистина, кога гледаме од оваа перспектива, мора да се согласиме дека влијанието на дигиталното опкружување на детето би можело да биде доста големо.

Често се лажеме дека децата играат „паметни“ игри што го развиваат логичкото размислување. Меѓутоа, не размислуваме дека логиката и стратегијата во виртуелниот свет немаат смисла во реалниот живот, во кој треба да зборуваме, преговараме, разговараме, размислуваме...

Да ги научиме децата да бидат јунаци во својот живот, а не во своите игри. Нека развиваат сопствени стратегии, оние животните, кои ќе ги направат херои на своите постигнувања. Да ги научиме да ги надминат сопствените зацртани нивоа за да се чувствуваат добро и да бидат здрави. Треба да ги соочиме со животот, таков каков што е, ниту премногу лесен ниту премногу тежок. Нека знаат дека не секогаш ќе им биде пријатно и удобно.

Во спротивно, детето кое станува или станало зависник од видеоигрите или интернетот губи контрола над своето време и својот живот.

Запоставувањето на обврските и лошите оценки се само некои од првите видливи знаци. Се јавува импулсивност и неспособност на одложување на задоволувањето на желбите и недостиг на социјални вештини и антисоцијално однесување. Детето се повлекува, се чувствува непријатно, чувствува немир, напнатост, анксиозност, депресија, агресивно е. Единствено задоволство чувствува пред екранот.

На крајот оваа зависност може да доведе до психотичност, со што нема да прави разлика помеѓу реалниот и виртуелниот свет. Постојат многу причини да се замислиме и конечно да им поставиме јасни, видливи граници на нашите деца за утре да бидат јунаци во своите животи, а не во своите видеоигри.

Автор: Јелена Вишекруна, педагог
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот