X
 27.03.2018 Живот

Робин Вилијамс - тежината што се крие зад насмевката

робин
Фото: Еvina Rinaldi

Робин Вилијамс (1951-2014) бише американски стендап-комичар и актер, често опишуван како енергичен, жив и особено духовит и талентиран. Остана запаметен по голем број улоги, како „Goog Will Hunting“, „Dead Poets Society“, „Good Morning, Vietnam“ и цртаниот филм „Aladin“.

Иако кај колегите и публиката оставил впечаток на весел и оптимистичен човек, во текот на неговиот живот се борел со депресија и проблеми со зависност од алкохол и кокаин. И покрај ова, работел до својата смрт, во 63-тата година, кога изврши самоубиство.

„Без оглед на тоа што луѓето го велат, зборовите и идеите можат да го променат светот“.

Неговото детство


Робин Вилијамс бил роден во Чикаго, во богато семејство, меѓутоа, имал лошо детство. Поради честото отсуство на неговите родители заради работата, Робин бил осамено дете.

За да ги совлада тешкотиите од растењето и злоупотребата на училиште, почнал да создава измислени пријатели. Овие измислени ликови ја прошириле својата улога и хуморот за Робин станал главниот механизам за одбрана и начин да им го привлече вниманието на своите родители.

Во средно училиште Робин се вклучувал во спортски клубови и бил одделенски претседател. Тогаш ги открил драмскиот клуб и импровизацијата, која набрзо станала неговиот главен начин на изразување. Иако во овој период се ослободил од детските стравови и срамежливоста, другите ученици го изгласале како личност со најмалку шанси да успее.

Кога дошло време да се запише на факултет, се одлучил за политички науки, но набрзо се покажало дека повеќе време поминува во факултетскиот театар отколку на предавања. Ја напуштил дипломатската кариера и се посветил на комедијата и импровизацијата.

По три години обидување, добил стипендија за „Џулијард“, еден од најпрестижните уметнички факултети во Америка, но и во светот. Но, стилот и вредноста што „Џулијард“ ги негувал не одговарале на неговиот талент и идеи, па по две години се откажал од студирањето, со коментар од професорите дека повеќе немаат што да го научат.

„Дадена ти е само мала искра на лудило. Не смееш да ја изгубиш“.

Кариера


По заминувањето од „Џулијард“, Робин се посветил на стендап-комедијата и ги доживеал првите успеси во клубот „Холи Сити Зу“, во Сан Франциско. Во текот на 60-тите и 70-тите години Сан Франциско бил центар на рок-музиката, хипиците, дрогата и сексуалната револуција, а Вилијамс ја започнал и ренесансата во комедијата.

Неговите први настапи како стендап-комичар биле неверојатни; никој никогаш не видел нешто слично. Маничните рутини и необичните ликови му донеле обожаватели и почетна слава. Бидејќи имал голема љубов кон стендап-комедијата, со неа се занимавал цел живот.

„Дали понекогаш настапувам во маничен стил? Да.
Дали сум маничен цело време? Не.
Дали понекогаш се растажувам? Да.
Дали тоа силно ме погодува? Да“.


Кога кон крајот на 70-тите се преселил во Лос Анџелес, почнала неговата телевизиска кариера. Глумел во неколку серии истовремено. Брилијантните аудиции и талент го довеле до серијата „Mork & Mindy“, во која го глумел главниот лик.



Сценариото на серијата не било премногу структурирано, со цел на Робин да му се даде можност за импровизација, што се покажало како одлична идеја и серијата за брзо време се нашла во поп-културата на тоа време.

Во период од неколку месеци Робин станал ѕвезда, нешто за што не бел подготвен. Во текот на тој период почнал да консумира алкохол, дрога и жени.

Ваквото однесување престанало по смртта на негов близок пријател, кој починал од предозирање, па Робин одлучил да ги промени своите навики.

„Кокаинот е божјиот начин да ти каже дека заработуваш премногу пари“.

По ова дошло до промена во кариерата на Робин, од телевизија на филмови. Првата улога во која станал познат била во филмот „Good morning, Vietnam“, за која добил номинација за „Оскар“. Наредните децении Вилијамс имал можност да глуми во многу филмови, низ широк спектар на жанрови и генерации на кои им бил допадлив.



Својот прв и единствен „Оскар“ го добил за улогата на психологот во филмот „Good Will Hunting“ од 1997 година, а потоа следувале уште две номинации за „Dead Poets Society“ и „The Fisher King“. Иако овие дела од неговата кариера звучат строго и сериозно, повеќето го знаат по улогата на Духот во „Аладин“, улога напишана специјално за него, со простор за импровизација.

Личен живот


Во текот на неговиот турбулентен и непредвидлив живот, Робин се занимавал и со хуманитарна работа. Заедно со колегите Вупи Голдберг и Били Кристал ја основал организацијата „Комик Релиф“, која во 2016 година собрала 80 милиони долари помош за бездомниците.

Проблемите со злоупотребата на алкохолот се вратиле во неговиот живот на почетокот на 2000 година, по 20 години апстиненција. На инсистирање на семејството и пријателите, некое време поминал во центар за рехабилитација. По успешното закрепнување наишол на нова препрека - неговата втора сопруга го оставила.

И покрај тешкотиите и депресивното расположение, Робин се фрлил на работа и се одлучил за стендап-турнеја. За жал, дознал дека му е потребна операција на срцето, така што турнејата била прекината на половина. Операцијата била успешна, но бил потребен период за да закрепне. Тогаш повторно настапила депресијата во посилна форма, заедно со повторно консумирање алкохол.

Во текот на 2014 година била откажана серијата на која работел по само една сезона бидејќи му била дијагностицирана Паркинсонова болест (но по неговата смрт било откриено дека имал деменција).

„Некогаш мислев дека најлошата работа во животот е да завршиш целосно сам. Не е. Најлошата работа во животот е да завршиш со луѓе покрај кои се чувствуваш како да си целосно сам“.



Во август 2014 година, по неколку години здравствени, семејни и проблеми со зависноста, Робин се самоубил. Неговата жена Сузан подоцна открила дека пател од продолжени сезони на анксиозност, инсомнија, стрес и тремор на рацете повеќе од една година, изјавувајќи: „Го уби терористот во главата на мојот сопруг“.

Иако е потребно уште време критиката да го прифати глумечкиот талент на Робин како можеби еден од најголемите на денешницата, секој што дошол во контакт со неговата работа сигурно знае дека со леснотија ги пренесувал своите чувства на публиката, успевајќи да ја насмее, воодушеви, збуни или да ја натера да плаче.

Тој е одличен пример за идеја дека за успех и лично остварување не се пресудни физичкиот изглед, ниту потеклото, туку трудот, талентот и желбата да се соочиме со она што ни го овозможува животот. Низ неговите улоги пренесувал многубројни поуки и за помладите и за постарите генерации.

И покрај исполнетиот живот, Робин одлучил да го напушти, збунувајќи го целиот свет и отворајќи ни ги очите дека треба внимателно да ги набљудуваме луѓето околу себе бидејќи и покрај насмевката, можеби им е потребна помош.

„Мислам дека најтажните луѓе секогаш најмногу се трудат да ги развеселат другите луѓе. Баш затоа што тие знаат како е да се чувствуваш безвредно и не сакаат тоа да го почувствува никој друг“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот