X
 28.03.2018 Култура

Фотографии од „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново во Скопје, а наскоро и во Минхен



Фотографии од обновувањето на црквата „Св. Ѓорѓи“ во ресенското село Курбиново вечерва во 20 часот ќе бидат изложени во Музејот на град Скопје. Фотографиите се направени пред две години, кога веќе беа почнати конзерваторските работи во црквата.
Изложбата ги претставува резултатите од проектот „Македонски фрески – Маско 360“, кој го реализираа Здружението „Македонида“ и Факултетот за христијанска археологија и византиска историја на уметност при Универзитетот во Гетинген, Германија, со поддршка на германскиот институт „Макс Планк“ и Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија. Проектот го водеа д-р Панче Велков, претседател на „Македонида“, и професорот д-р Филип Нивонер од Универзитетот во Гетинген.

- Во моментите кога иконостасот беше изваден од црквата, се овозможи единствена шанса студентите од Гетинген непречено да ги фотографираат светски познатите фрески во црквата во Курбиново - ремек-дело на византиската уметност од 12 век – раскажува Велков.

На отворањето на изложбата вечерва ќе биде прикажана и кратка видеопрезентација на која ќе бидат претставени резултатите од конзерваторскиот проект на црквата, кој се реализира од страна на надлежната институција - Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола, под раководство на Ристо Палигора, советник-конзерватор при музејот.

Презентацијата е дел од пошироката кампања за валоризација и промоција на „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и нејзината конзервација, која ја води здружението „Македонида“ во соработка со партнерите од Германија и од Франција. На 7 мај изложбата ќе биде отворена во Минхен, на престижниот Универзитет „Лудвиг Маскимилијан“, поточно на Факултетот за византиски и современи грчки студии.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура