X
 28.03.2018 Образование

Марко Јосимовски, најдобриот студент на Економски со просек 10: Системите во развиените земји ги препознаваат добрите студенти и ги наградуваат со одлични работни позиции

Додека бев на последипломски студии на Универзитетот во Гент, Белгија, добив неколку понуди за работа бидејќи бев еден од најдобрите студенти во генерацијата. Сепак, по завршувањето на студиите решив на одреден период да се вратам во Македонија бидејќи почна да ми недостига домашната атмосфера и најблиските, вели Јосимовски кој во моментов работи во Народната банка на Македонија.



Скопјанецот Марко Јосимовски диломираше на Економскиот факултет во Скопје со просек 10. Тој е еден од седумте студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои дипломираа во учебната 2015/2016 година со највисок можен просек и за тоа добија признанија од матичниот универзитет. Средношколецот од Корчагин на Економскиот факултет дипломираше на насоката е-бизнис, во меѓувреме магистрираше на Гент Универзитетот во Белгија на насоката за корпоративни финансии, а во моментов работи во Народната банка на Македонија (НБРМ) како помлад аналитичар во Дирекцијата за монетарна политика и истражување. За тоа колкава посветеност треба од студентот за да ги заврши студиите со највисок можен просек, но и за потребните откажувања, Јосимовски вели:

- За да се постигне просечен успех од 10 во текот на сите четири години од студирањето е потребно, пред сѐ искрено да го сакате она што го изучувате и секако постојана желба и мотив да научите што е можно повеќе. Потребно е да се биде максимално посветен, фокусиран и да работите многу време не само на совладување на предвидената редовна литература, туку и на дополнителни научно-истражувачки проектни активности кои честопати се надвор од предвидената програма. Клучни работи кои се неопходни за остварување на овој резултат се и дисциплината и конзистентноста. Секако дека е многу важен и одморот, па затоа не би рекол дека се потребни многу откажувања од останати активности надвор од факултетот, но дефинитивно е потребен одличен менаџмент и распоред на времето.

Факултети.мк: Која беше Вашата главна мотивација за време на студиите?

- Главна мотивација за време на моите студии беше желбата да создадам вредност. За мене вредност претставува постојано учење, надградување со ново знаење и вештини, а особено практичната примена на тоа знаење во реалниот свет. Токму примената на наученото и стекнатите вештини во реалноста се појдовна точка во процесот на создавање на ново знаење со цел да изградиме уште подобро општество во иднина. Исто така, уште еден фактор кој дополнително ја поттикнуваше мојата фокусираност за постигнување на овие резултати беше желбата постојано да станувам подобар во она што го правам. Без разлика дали станува збор за учење или нешто друго, секогаш сакам да се натпреварувам и да работам кон остварување на високи резултати и цели.

Факултети.мк: Зошто економските науки, конкретно делот на е-бизнис стана Вашата професионална определба? Што најмногу Ве привлече да го студирате тоа?

- Како средношколец бев особено заинтересиран за математиката и природните науки. Средното образование го завршив во СУГС „Раде Јовчевски - Корчагин“ како ученик во математички клас (природно-математичко подрачје А) со просечен успех 5. Иако најголемиот дел од моите соученици образованието го продолжија на некој од техничките факултети, јас се одлучив одличната основа по математика да ја искористам продолжувајќи го своето образование во друга насока, поточно во областа на економијата. Од студиските програми понудени на Економскиот факултет без многу двоумење се одлучив за насоката е-бизнис бидејќи сметам дека е исклучително предизвикувачка, интересна и значајна за глобалното бизнис окружување.



Факултети.мк: По завршувањто на студиите, образованието го продолживте во странство. Зошто одлучивте да заминете на постдипломски студии во странство?

- Веднаш по дипломирањето заминав во Гент, Белгија, каде го продолжив моето образование. Таму студирав на Гент Универзитетот (Ghent University) кој е еден од најдобрите светски универзитети. Бев добитник на стипендија за талентирани студенти од Фламанската Влада и тоа дополнително ме мотивираше да вложам труд и да постигнам високи резултати и таму. Магистрирав на насоката за корпоративни финансии како еден од најдобрите студенти во генерацијата и се стекнав со титулата magna cum laude, што во превод би значело „со голема почест“. Главна причина зошто се одлучив да ги продолжам студиите во странство е бидејќи универзитетите во развиените земји нудат многу повеќе можности за студентите кои постојано сакаат да се надградуваат со нови знаења и вештини, постојано сте во контакт со врвни професори кои објавуваат научни трудови во најелитните светски научни списанија и едноставно е чест да се биде дел од едно такво академско окружување.

Факултети.мк: Која е најголемата разликата во образовниот процес меѓу универзитетите во земјава и тие во странство? Што најмногу им недостига на нашите универзитети?

- Постојат многу разлики помеѓу универзитетите во Македонија и оние од развиените земји. Конкретно на Гент Универзитетот, професорите кои ми предаваа мене во исто време беа ангажирани и како професори и истражувачи на најпознатите светски универзитети како Универзитетот во Пенсилванија, Универзитетот во Чикаго, Оксфорд Универзитетот и многу други. Наставата е многу интерактивна, постојано сте во контакт со професорите и асистентите кои навистина работат посветено и се обидуваат да го извлечат најдоброто од вас. Едноставно целиот пристап на тие универзитети е насочен кон создавањето на вредност, односно создавање на ново знаење преку многу истражување и работа. Од студентите се бара да вложат многу. За да се положат испитите покрај класичната академска литература потребно е да се совладаат и голем број на научни трудови, а потребно е во меѓувреме да сте ангажирани на истражувачки проекти и постојано да бидете активни на час. Исто така, компетитивноста кај студентите е на многу високо ниво. Постојано се натпреварувате со врвни студенти од сите краеви на Европа и светот и едноставно мора многу да вложувате во себе и да работите макотрпно во континуитет за да постигнете добри резултати. Токму затоа студентите кои завршуваат на овие универзитети лесно доаѓаат до одлични работни позиции и едноставно работодавците, особено големите компании и универзитетите, се борат да ги привлечат.

Факултети.мк: Имавте ли понуди да останете во странство?

- Конкретно во мојот случај, бидејќи бев еден од најдобрите студенти во генерацијата, добив неколку понуди за работа. Првата пристигна од Гент Универзитетот за да работам како асистент и истражувач на докторски студии на универзитетот. Втората понуда исто така беше за докторски студии и позиција на асистент-истражувач, a пристигна од Католичкиот Универзитет во Лувен (KU Leuven) кој е исто така еден од најдобрите светски универзитети. Понатаму, добив и понуда од БНП Париба банката за едногодишно стручно усовршување во банката со можност за вработување. Едноставно кажано, целиот систем во развиените земји е изграден врз основа на тоа уште од најрана возраст да се препознаат и привлечат добрите студенти и притоа да се наградат со одлични работни позиции кои ќе им овозможат да изградат успешни кариери. Сепак, после завршувањето на студиите, решив на одреден период да се вратам во Македонија бидејќи се најдов во момент кога почна да ми недостига домашната атмосфера и најблиските. Едноставно дома се чувствувам најпријатно и затоа барем за овој период одлучив да се обидам да ја започнам мојата кариера тука.

Факултети.мк: Во моментов сте работно ангажиран во Народната банка на Република Македонија (НБРМ). Од Вашето искуство, дали најдобрите студенти кај нас добиваат конкретни понуди за работа веднаш по завршувањето на студиите?

- Во НБРМ работам како помлад аналитичар во Дирекцијата за монетарна политика и истражување и сметам дека во Македонија ова е одлично место за почеток на кариерата како економист. Што се однесува до тоа дали во Македонија најдобрите студенти добиваат понуди за работа после завршувањето на студиите, можам да кажам дека во Македонија е сепак многу поразлична ситуацијата во споредба со развиените земји. Можеби некои студенти добиваат одредени понуди и во Македонија, но сепак мислам дека условите и работните позиции кои се нудат во странство се многу попредизвикувачки и подобри.



Факултети.мк: Каде ја гледате својата професионална иднина, кои се Вашите планови?  

- Гледано долгорочно, конкретен план за мојата понатамошна кариера немам, но би сакал да продолжам на докторски студии по економски науки. Мојата работа во НБРМ е тесно поврзана со научно истражување, па оттука и започнување на докторски студии е можеби и логичен редослед на настаните. Од друга страна пак, доколку во Македонија не успеам да реализирам одредени професионални цели кои ги имам зацртано на краток рок, постои можност повторно да отидам во некоја од развиените земји и таму да продолжам со градењето на професионална кариера.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование