X
 30.03.2018 Живот

Сириски бегалци учат каменоделство за повторно да ја изградат нивната земја

Група сириски бегалци во Јордан учат каменоделство. Тие секој ден се собираат за да учат како да обликуваат камења во преубави орнаменти како оние што некогаш ги разубавуваа градбите во Алепо пред да бидат срамнети во војната.


Фото: Atlas Obscura

Центарот каде што тренираат е на 12 милји јужно од сириската граница. Тоа е доволно близу за понекогаш да се слушнат бомбите преку граница. Бегалците се надеваат дека еден ден ќе можат да ја преминат границата и ќе започнат со обновување на културното наследство на нивната земја. Курсот трае 42 недели, а почна во септември минатата година.

- Во иднина можеби ќе се вратиме во Сирија. Таму имаше многу работи што беа уништени, многу споменици беа оштетени. Можам да учествувам во повторното градење на мојата земја - вели Махмуд Рафик Ал Ќасем, 40-годишен поранешен трговец со градежен материјал од Хомс.

Тој е еден од 28. бегалци што учествуваат во програмата - група во која има и мажи и жени. Учествуваат и седум Јорданци.

Овие луѓе, меѓу кои има и поранешен сириски војник, таксист и работник, ги минуваат деновите или учејќи теорија на час или делкајќи надвор. Тие учат геометрија и ги посетуваат античките локалитети во Јордан, слушаат предавања по геологија и историја на исламската архитектура и учат како да изработат орнаменти од камен и глина.

Од почетокот на војната Сирија ја напуштиле повеќе од 5,6 милиони луѓе. Само во Мафрак има речиси 80.000 регистрирани сириски бегалци, додека во бегалскиот камп Заатари уште толку. Меѓу оние што ја напуштаат земјата има лекари, наставници, инженери, но и луѓе што делкаат камен.

- Пред војната беше едноставно да се најдат професионалци - архитекти, инженери, дури и конзерватори - повеќето од други земји. Но, најтешко беше да се најдат луѓе со вештини за конзервацијата и реставрацијата што сакавме да ги направиме - истакнува Стивен Батл, кој ја менаџира програмата за тренингот.

Тој вели дека ако пред војната било тешко да се најдат вешти луѓе, тогаш што ќе се случи кога ќе заврши војната.


Фото: Atlas Obscura

Голем дел од тренингот на кој одат бегалците се прави врз основа на фотографии од згради во Алепо кои биле направени пред уништувањето. Дури и ако не добијат шанса наскоро да се вратат во Сирија, вештините со кои се стекнуваат ги прават способни да работат на модерни градби каде што се користи камен, како и на историски споменици.

Програмата завршува во септември, кога се очекува да почне нов курс.

Каменоделството им дава шанса на овие бегалци повторно да ја изградат не само нивната историја, туку и дел од нивниот идентитет.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот