X
 31.03.2018 Технологија

Мислевте дека „Фејсбук“ знае многу за вас? „Гугл“ е полош

Во последните неколку недели „Фејсбук“ постојано беше на насловните страници поради менаџирањето на приватните податоци на корисниците, а сега се откри и колку информации има „Гугл“.


Фото: Daily Mail

Еден експерт за информатичка технологија во серија твитови објасни што точно гигантот за пребарување знае за него уште од 2008 година. Тука се вклучени разни податоци - почнувајќи од сите места што ги посетил изминатата година до страниците што ги отворил, а имало и избришани фајлови од неговиот профил на „Гугл драјв“. Веста доаѓа среде скандалот со „Кембриџ аналитика“, со кој беше откриено дека компанија поврзана со американскиот претседател Доналд Трамп добила податоци за 50 милиони корисници на „Фејсбук“. Информациите биле искористени за да се таргетираат гласачите во САД врз основа на психолошките профили, така што политичките реклами ширеле дезинформации.

Дилан Каран од Ирска решил да ги преземе своите архиви од „Фејсбук“ и „Гугл“. Големината на податоците што ги имала најпопуларната социјална мрежа била еднаква на околу 400.000 документи во „Ворд“. Но, ова се изгубило во споредба со податоците што ги има „Гугл“, кои биле 5,5 гигабајти, што е речиси десет пати повеќе. Ова е исто како три милиони документи во „Ворд“.

Споделувајќи ги неговите пронајдоци на „Твитер“ во твит кој беше ретвитнат повеќе од 150.000 пати, тој истакна: „Сакате да се преплашите? Ќе ви покажам колку  ’Фејсбук‘ и ’Гугл‘ зачувуваат ваши информации без вие да сте свесни за тоа“.

Каран открил дека „Гугл“ постојано ја следел неговата локација во заднина, вклучително и колку време му било потребно да оди од една дестинација до друга. Исто така, „Гугл“ паметел информации за неговите интереси и активности, како и нагаѓања за неговата можна тежина и за приходите.

Еве што сè „Гугл“ знае за вас:

Каде сте биле

Ако ви е вклучена локацијата на вашиот телефон, таблет или друга направа, „Гугл“ ги зачувува сите локации на кои сте биле. Но, тоа не е сè. Се зачувуваат и имињата на локалите што сте ги посетиле, колку време сте поминале таму, како и патот по кој сте се вратиле дома.

За да дознаете кои податоци „Гугл“ ги зачувува за вашите патувања, кликнете тука.

Настани на кои сте биле

Податоците на „Гугл“ содржат целосно досие од вашиот „Гугл календар“. Тука спаѓаат сите настани што сте ги додале, без разлика дали сте присуствувале на нив. Каран сподели дел кој покажува дека тој бил на интервју за работа во маркетинг, вклучително и времето кога пристигнал.

Сè што некогаш сте пребарувале

„Гугл“ снима и сè што сте пребарувале на интернет, што не е изненадување за пребарувач. Она што може да ве шокира е дека сето тоа се снима и откако ќе ја избришете историјата. Во досието на Каран имало 90.000 различни внесувања, а биле прикажани и фотографиите што тој ги снимил и страниците до кои пристапил. Тука се вбројува и забранетата страница „ThePirateBay“, која Каран ја споменува за да посочи колкава штета може да причини оваа информација ако се објави.

Ако сакате засекогаш да ја избришете историјата, кликнете тука и избришете, но треба да знаете дека ова ќе треба да го направите на сите уреди.

Реклами што можеби ве интересираат

„Гугл“ гради маркетиншки профил за вас врз основа на неколку фактори - вашата локација, пол и возраст. Исто така, се гледаат и вашите хобија и вашите персонални и професионални интереси, што може да се открие преку вашите пребарувања и активност на интернет.

За да пристапите до вашиот маркетиншки профил, кликнете тука.


Фото: Daily Mail

Информации што сте ги избришале и е-пораки што сте ги испратиле


Фајлот наречен „Гугл тејкаут“ вклучува и досие од сите информации што сте ги ставиле на вашиот „Гугл драјв“.  Ако сакате да дознаете кои фајлови „Гугл“ ги има од вашиот „Гугл драјв“ и е-адреса, симнете си го фајлот тука.

Апликациите што сте ги користеле


„Гугл“ има информации за сите апликации што ги користите. Тука се вклучени и информациите колку често ги користите, каде ги користите и со кого контактирате преку нив. Тука може да се вклучени и детали како со кого зборувате на „Фејсбук“, во која земја се тие, па дури и во колку часот си легнувате.

За да дознаете кои информации ги има „Гугл“ за апликациите што ги користите, кликнете тука.

Што сте пуштале на „Јутјуб“

„Гугл“ знае сè што сте пуштале на „Јутјуб“. Ова може да открие многу детали за вашата личност, од политички и религиозни верувања, до проблеми со менталното и физичкото здравје.

За да проверите што сте пуштале на музичкиот канал, кликнете тука.


Фото: Daily Mail

Кога сте вежбале


Ако користите „Гугл фит“, компанијата има детали и за тоа кога сте вежбале. Ако ја користите оваа апликација, кликнете тука за да си го симнете фајлот со сите податоци што ги има за вас.

Сите фотографии што сте ги направиле или пребарале

Фајлот на Каран ги содржи сите фотографии што ги направил со телефонот. Вклучени се и метаподатоци за тоа каде и кога ги направил сликите, а може да се најдат и сите слики што тој ги пребарувал или ги снимил. Тука може да се видат и сите локации што ги пребарувал или на кои кликнал, секоја статија што ја пребарал или прочитал и секое пребарување на „Гугл“ што го направил од 2009 година наваму.

За да проверите за кои се фотографии „Гугл“ знае, симнете го фајлот тука.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија