X
 02.04.2018 Наука

Се шири опасна супербактерија отпорна на антибиотици

гени
Фото: iStock

„Mcr-1“ генот што им помага на бактериите да му се спротивстават на колистинот, еден од ретките преостанати антибиотици што сè уште функционираат - сега стигна до болниците низ светот.

Благодарение на едно ново истражување, сега постојат докази за тоа од каде доаѓа - од фарми за свињи во Кина. Додека експертите претходно мислеа дека генот се развил на кинеските фарми за свињи, поради широката употреба на колистин кај животните, најновото истражување нуди повеќе докази што ја поддржуваат оваа идеја, а доказите го посочуваат почетокот на ширењето некаде во 2005 година.

Меѓутоа, техниките на генетичката анализа искористени во ова истражување би можеле да им помогнат на научниците подобро да се справат со ширењето на супербактериите во иднина.

„Брзината со која се шири ’mcr-1‘ на глобално ниво е навистина шокантна“, вели водечкиот истражувач Франсоа Балу од Универзитетскиот колеџ Лондон во Велика Британија.

mcr-1
Фото: UCL

Со секвенционирање на геномите од 110 бактериски дела и со нивно споредување со постојните геномни податоци, тимот идентификувал голем број податоци од 457 ’mcr-1‘ позитивни геномски секвенции, земени од луѓе и од животни од пет континенти.

Тоа им овозможило да покажат од каде се појавил „mcr-1“ и како се шири низ целиот свет.

„Со дешифрирање на генскиот код на овие бактерии откривме дека е можно да се предвиди не само како, туку и кога почнал да се шири генот“, вели Луси ван Дорп, еден од истражувачите.

„Ова е исто толку важно колку и присуството на ’mcr-1‘ низ светот, во многу различни видови бактерии“, додава таа.

Поради потенцијално тешките несакани ефекти, колостинот се користи само како последна опција на антибиотик за инфекции како ешерихија коли, но со ширењето на „mcr-1“ ќе биде неефикасен.

„Со оглед на недостигот на нови антибиотици, нашата надеж за спречување на сегашната криза во јавното здравство е да се подобрат постојните лекови, преку искористување на потенцијалот за секвенционирање на бактерискиот геном“, велат научниците.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука