X
 03.04.2018 Наука

Гордана Јовановска-Каплан, геодет: Земјата околу рудникот Дамјан ќе заздрави дури во 2080 година

Зараснувањето на ваквите „отворени рани“ без човечка помош е речиси невозможно. Во светски рамки постојат закони кои не дозволуваат „напуштање“ на рудниците по нивното искористување, вели Гордана Јовановска-Каплан, геодет, докторанд на Универзитетот „Анадолу“ во Турција


Гордана Јовановска-Каплан

Земјата околу напуштениот рудник Дамјан кај Радовиш се очекува целосно да заздрави дури во 2080 година. Од 1987 година до денес, површината што била изложена на рударски активности „оздравува“ 10 отсто годишно. Ова е дел од анализата што во рамките на својата докторска дисертација ја правела Гордана Јовановска-Каплан, геодет, докторанд на Универзитетот „Анадолу“ во Турција. Таа веќе три години работи на отсекот за геоинформациски системи и далечинска детекција.


Спроведовте истражување за состојбата на почвата околу напуштените рудници. Која локација ја одбравте за истражувањето?
- Како дел од мал проект кој беше во рамките на моите докторски студии, заедно со мојот професор, одлучивме да направиме истражување за состојбата на напуштените отворени рудници. Го предложив рудникот Дамјан, кој се наоѓа во Бучим-Дамјан-Боровската Клисура. Ја избрав оваа локација затоа што по мало истражување дојдов до податоци дека рудникот е напуштен повеќе од три децении и не се преземени никакви активности за негово затворање.


Приказ на анализите

Како ги спроведовте анализите?
- Анализите беа спроведени преку сателитски снимки со 30 метри просторна резолуција, почнувајќи од 1986 до 2017 година. Со помош на различните слоеви од електромагнетниот спектрум што ги нудат сателитските снимки, беа пресметани вегетациски индекси кои ја даваат состојбата за земјиштето, односно вегетациската покривка на набљудуваното место, во овој случај рудникот Дамјан и неговата околина.

До какви сознанија дојдовте?
- Истражувањето беше спроведено за периодот од 1986 до 2017 година. За речиси три децении здравата вегетациска покривка во набљудуваната околина се проширила од 1,8 квадратен километар на само 4,3 квадратни километри. Ако ги погледнеме статистичките податоци, можеме да забележиме дека површината „заздравувала“ околу 10 отсто на годишно ниво.


Приказ на почвата

Како процесот на ползување на рудното богатство влијае врз екологијата на околината?
- Неизбежен е фактот дека користењето на минералите е од голема важност за човештвото, но исто така во ниту еден момент не треба да се занемаруваат влијанијата врз животната средина, како што се ерозиите, загадувањето на воздухот и на водата, уништувањето на земјиштето и штетата врз рударските работници.

Како се одразува тоа врз земјата, флората, фауната, подземните води?
- Обработката на отворените рудници како Дамјан вклучува отстранување на земјата и карпите за да се стигне до целта, па така не само што се уништува пејзажот, туку се уништува и целиот природен циклус. Поради целосно отстранување на шумите и зелените површни околу рудникот, се зголемува ризикот за ерозија на земјиштето и уништување на земјоделството во околината. При слевање на дождовните води во најблиските реки, заедно со нив се слеваат и седименти кои ја загадуваат водата, што може да му наштети на водниот свет. Околината на отворените рудници може да остане неплодна долги години и по затворањето на рудникот.


Најстарите сателитски снимки во архивата на НАСА се од 1986 година

Од истражувањето, дојдовте ли до заклучоци во колкав радиус околу рудникот е загадена земјата?
- За да се дојде до таков заклучок, потребни се податоци - сателитски снимки од теренот пред отворањето на рудникот за да се споредат со денешната состојба. Најстарите сателитски снимки што можат да се најдат во архивата на НАСА датираат од 1986 година.


Велите дека од 1987 година досега земјата околу рудникот Дамјан е регенерирана 10 отсто на годишно ниво. Како дојдовте до овие заклучоци?
- Користејќи ги резултатите што ги добивме од анализите на сателитските снимки, пронајдовме врска помеѓу временскиот период и порастот, односно намалувањето на неплодното земјиште, кое се движеше од -9,38% до -12%. Земајќи ја средната вредност од сите вредности од истражувањето, заклучивме дека земјината површина „заздравува“ околу 10 отсто на годишно ниво.


Како полесно да зараснат „отворените рани“

Колку време е потребно овие „отворени рани“ да зараснат?
- Зараснувањето на ваквите „отворени рани“ без човечка помош е речиси невозможно. Во светски рамки постојат закони кои не дозволуваат „напуштање“ на рудниците по нивното искористување. Не сум информирана за вакви закони и прописи кај нас. Но, штом сè уште постојат напуштени рудници, значи дека не функционираат како што треба.



Човекот може да ѝ помогне на природата

Постои ли начин да ѝ се помогне на погодената земја за побрзо да се прочисти?
- Да! По обработка на рудникот треба да се направи сè што е потребно за намалување на неговото влијание врз средината. Како што кажав претходно, доколку не се преземат заштитни мерки, земјиштето може да остане неплодно долги години. Бидејќи се работи за отворен рудник кој налага длабинско отворање на земјата, наједноставен начин за негово „затворање“ би била трансформацијата во вештачко езеро. Се разбира дека ова не е идеално решение, кое би значело затворање на рудникот со земјата која претходно била отстранета и нејзино пошумување, но е практичен начин кој се користи во светот.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука