X
 03.04.2018 Наука

Водата се однесува различно од другите течности, а научниците знаат зошто

Можеби не размислувате многу за тоа, но водата е многу чудна. Таа не се однесува како другите течности, а научниците веруваат дека знаат зошто е така и тоа нема никаква врска со чудната подреденост на молекулите.


Фото: Pixabay

Еден од најчудните аспекти на водата е нејзината густина. Вообичаено, течностите стануваат многу погусти кога ќе се оладат, но водата постигнува максимална густина на околу четири Целзиусови степени. Под оваа температура водата е помалку густа, па кога ќе се замрзне и ќе стане мраз на нула степени, мразот е помалку густ од водата. Затоа мразот плови, а телата од вода се замрзнуваат од горе надолу.

Но, тоа не е сѐ. Водата, исто така, има навистина висок површински напон, па после живата, има највисок површински напон од сите течности.

Водата има и невообичаено висока точка на вриење и многу хемиски супстанции се раствораат во неа, ако направиме споредба со другите течности.

За да навлезат во некои од овие бизарни карактеристики, научниците мора да се спуштат на молекуларно ниво. На собна температура и како мраз, молекулите на водата се подредени така што секој молекул е поврзан со четири други во пирамидален облик.

Истражувачите од Универзитетот во Бристол и Универзитетот од Токио користеле суперкомпјутер и компјутерско моделирање за да направат промени во оваа пирамидална природа на молекулите на водата. Правејќи ги овие приспособувања, тие можеле да ја натераат водата да се однесува како другите течности. На пример, мразот да биде погуст од течната вода и да пропадне на дното.

Ова, според тимот, функционирало кај сите особености на водата, што посочува дека аномалните карактеристики на водата се директен резултат на специјалното подредување на нејзините молекули.

- Со оваа процедура утврдивме дека она што ја тера водата да се однесува невообичаено е подредувањето на молекулите, како она пирамидалното. Четири такви подредувања може да се организираат така што би делеле заеднички молекул во центарот без да се преклопат. Присуството на овој аранжман на молекулите на водата, измешано со други несредени подредувања, ѝ ги даваат на водата нејзините карактеристични особености - објаснува Џон Русо.

Кога водата не би била таква каква што е, животот каков што го знаеме не би бил возможен. Водата е многу добар растворувач кој ни помага во растворањето на хранливите материи кои ни се потребни за да функционираме. Дури и малата густина на мразот помага во одржувањето на животот. Ако езерата замрзнуваа од дното нагоре, животот во нив не би постоел.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука