X
 04.04.2018 Технологија

Што откако ќе го избришете фејсбук-профилот?

фб
Фото: Alamy

Долго сте размислувале за тоа. Сте си ветиле дека ништо нема да ја промени вашата одлука. Сте одлучиле да го избришете вашиот профил на „Фејсбук“, најголемата социјална мрежа на светот.

Дали оваа одлука е поради несигурноста по избивањето на скандалот поврзан со компанијата „Кембриџ аналитика“? Можеби поради апелот на Брајан Актон, коосновачот на „Вацап“? Или Илон Маск? Напорните огласи и бесконечната количина на фотографии на деца, храна, животни и патувања?

Причините се неважни. Важно е дека сте одлучиле и сте го направиле тоа.

Но што сега?

Прво, немојте да брзате со преземање на сите можни апликации и пријавување на сервиси што ќе ги заменат сите работи што сте ги правеле на „Фејсбук“. Наместо тоа, искористете го времето без „Фејсбук“ за да размислите за својот однос кон мобилниот телефон, социјалните мрежи и интернетот во целина.

Поставете си го прашањето: Што правев на „Фејсбук“? Ако вашата активност се сведувала на објавување фотографии и гледање туѓи фотографии, испраќање и примање пораки и информирање за случувањата, имате неколку опции.

Ако ви е важно да не сте на „Фејсбук“ и немате ништо против неговите други производи, како „Фејсбук Месинџер“ или, пак, „Вацап“, тогаш насочете се кон овие апликации.

„Вацап“ е најдобрата опција поради тоталната енкрипција на комуникацијата помеѓу корисниците. Тоа значи дека „Фејсбук“ никогаш не може да има пристап во вашите пораки. Исто така, можете да ја преземете апликацијата „Сигнал“. На оваа апликација никој нема да ви ги преземе податоците и наместо кориснички профил, се користат телефонските броеви.

Со помош на сервисите како „Пејперлес пост“ и „Ивентбрајт“ можете да организирате настани. Првата е подобра за помали собири, а другата е за поголеми случувања.

Фотографии


„Фејсбук“ е најголемата светска платформа за споделување фотографии. Втората најголема е „Инстаграм“, во сопствеништво на „Фејсбук“. „Гугл Фотос“ е гладен за вашите податоци, а „Ајклауд“ на „Епл“ работи само на уредите на „Епл“.

Како алтернатива на „Фејсбук“ се наметнуваат „Твитер“, „Снепчет“, „Тумблр“ и „Имгур“. На овие платформи за фотографии можете да споделувате фотографии со голем број корисници. Секако, зависи од тоа колку ваши пријатели и познајници ги користат овие платформи.

Тука е и „Веро“, сервис кој неодамна стана популарен. Основачите на апликацијата тврдат дека на неа нема да се појавуваат огласи, но во иднина ќе се наплаќа регистрирањето. Оние што го користат „Веро“, ја фалат неговата функционалност, но ќе налетате на ист проблем како и со „Твитер“, „Снепчет“ и другите - вашето корисничко искуство ќе зависи од бројот на луѓе со кои можете да се поврзете.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија