X
 04.04.2018 Образование

Тимот на Факултети.мк со нов проект, Деца.мк портал за најмилите

Што и да правиме во животот, го правиме за да бидеме задоволни, да имаме среќни семејства и здрави поколенија. А кога се работи за нашите деца, не се штедиме, го сакаме најдоброто, ги бараме вистинските одговори.


Водени од тие желби, ги прашавме возрасните што најмногу ги мачи кога детето ќе им се разболи, кога ќе побара братче или сестриче, кога не сака да чита лектира, кога е тажно, кога не сака да јаде, кога е луто или не може да се одлучи дали сака на карате или на балет. Ги прашавме и кои им се дилемите кога избираат доктор за детето, кога почнува пубертетот, кога не му ја знаат шифрата на детето од профилот на „Фејсбук“…



Си игравме и разговаравме и со најмалите, и со првачињата и со средношколците. Ги прашавме дали им се оди во училиште, дали родителите им се и другари, за првата симпатија, но и дали се плашат од доктори и од животни и дали со мама и тато зборуваат за тоа како се раѓаат децата…

Сите ни кажаа по нешто, а разговаравме и со оние што знаат повеќе од сите нас. И со сето тоа почнавме една приказна која едноставно ја нарековме Деца.мк. Приказна која бара одговори на потребите, желбите и проблемите на децата и родителите, а раскажана со проверени факти, научни сознанија и релевантни извори чиј адут се науката, искуството и професионализмот, а не сензационализмот и популизмот.

Оваа интернет-страница нека биде омилената игротека за децата во која секогаш ќе биде нашата Биби, која ќе ги води од царството на среќното детство до здравото полнолетство. Ќе растат заедно, под будното око и со секојдневните совети на многу домашни и странски стручни лица, докажани професионалци, доктори, социолози и психолози, научници и експерти кои ќе бидат тука за секој проблем, за секое прашање, за секој немир и за секоја потреба на посетителите на оваа интернет-страница. Со тоа возрасните во Деца.мк ќе имаат доверлив пријател за секоја пригода и за секоја дилема кога се работи за децата и семејството, зашто денес ги учиме децата да се одвикнат од пелени, а веќе утре ни бараат совет за првата симпатија.

Како ќе ни растат децата, така ќе растеме и ние. За брзо време ќе почнеме да цртаме, ќе го анимираме нацртаното и досетливо ќе учиме низ игра.

Се надеваме дека Деца.мк за многу кратко време, заедно со вас, ќе ја направиме креативна лабораторија за среќно семејство

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование