X
 05.04.2018 Образование

Дескоска го образложи предлог-законот за високо образование, ректорите ги кажаа забелешките




Kвалитет во високото образование и автономија на универзитетите. Ова се очекувањата на министерката за образование и наука Рената Дескоска од предлог-законот за високо образование, за кој денеска имаше јавна расправа организирана од собраниската Комисија за образование наука и спорт.
- Сум почувствувала што значат демократски односи на универзитетот и можност за развој на слободна мисла, но исто така сум била сведок на она што значи не толку слободни и демократски односи. Сум била сведок на партизација и упад на власта на универзитетот, сум видела декани и ректори што го дозволувале тоа, но исто така сум била сведок и на декани што се спротивставувале на таквиот упад - рече Дескоска на јавната расправа.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, имаше забелешки на членот 15. Според него, треба да се избрише можноста со која се враќа целосниот правен субјективитет на факултетите и институтите како единици во состав на Универзитетот.
- Организациската и статусната поставеност на универзитетите во Европа и во светот го одразува концептот на интегриран универзитет, а не обратно. Со давањето својство на правно лице на единиците, законот ја напушта концепцијата за интегриран универзитет според Болоњската декларација – рече тој.
Јанкуловски има забелешки и за членот 40 и смета дека не треба да се навлегува во содржината на студиските програми, туку тоа треба да им се остави на факултетите. Тој го пренесе и ставот на Ректорската управа и Универзитетскиот сенат на УКИМ дека треба да се определи минимална нето-плата.

Ректорот на Штипскиот универзитет, Блажо Боев, изјави дека три месеци е прекраток рок за универзитетите да ги усогласат своите акти со новиот закон и за да има квалитетна регулатива, потребни им се најмалку шест месеци.

Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Азиз Положани, рече дека е потребен нов модел на финансирање на високото образование, а Башким Зибери, проректор на Тетовскиот универзитет, смета дека во ист дух треба да се донесе и закон за наука и истражување за да се добие целина.

Претставниците од Младинскиот образовен форум побараа студентскиот правобранител и студентските претставници да се избираат на тајни и непосредни избори, а не по делегатски систем - од Универзитетскиот сенат на предлог на универзитетското студентско собрание.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование