X
 05.04.2018 Образование

Девојките со стипендии ќе се поттикнуваат да се запишуваат на техничките факултети

Само на ИТ-факултетите бројот на доделените стипендии во последните десет години речиси се приближува: мажи – 567, жени - 520, додека во сите други области предност имаат студентките
 


Девојките повеќе се запишуваат на факултет отколку момчињата во Македонија. Истото важи и за последипломските студии каде што се забележува мала предност на девојките наспроти момчињата, велат податоците на Државниот завод за статистика. Тим од Министерството за образование и наука, со цел унапредување на образовниот систем од аспект на родовата компонента (еднакви можности на жените и мажите), направи истражување од последните неколку години, земајќи предвид повеќе фактори, број на запишани студент(к)и, магистри, доделени стипендии.

Во академската 2016/2017 година биле запишани вкупно 58.083 студенти, од кои 55,6% биле девојки. 58% изнесува процентот на дипломирани студентки во 2016 година. Бројот на наставници и соработници во високообразовните установи, пак, во истата година изнесува 4.114, од кои жени се 46,4 проценти.

Во последните неколку години расте и бројот на стипендирани студентки, а и сумата што ја дава државата. Во студиската 2016/2017 година за стипендии за студентки се издвоени 60.522.111 денари, додека за студенти - 24.554.142 денари.
Бројот на наставници и соработници-жени во истата учебна година изнесува 1.910 или 46,4%.
Во истражувањето е направен и сооднос на стипендии за општествени хуманистички науки наспрема стипендии за био-технички, техничко-технолошки, природно-математички и математички науки.

*Жени студентки на општествени и хуманистички науки (4042) наспроти мажи студенти – 1383.
*Жени студентки на природно-математички, техничко-технолошки, биотехнички и медицински науки (4388), наспроти мажи студенти на природно-математички, техничко-технолошки, биотехнички (2497).

Иако од вкупниот број стипендии што се доделуваат по сите основи жените имаат поголемо учество (8.430 жени студенти наспрема 3.880 мажи студенти) и иако со предвидените стипендии во програмата се стимулираат повеќе природно-математички науки, сепак, соодносот на стипендии доделени за општествено-хуманистички науки наспрема стипендии доделени за био-техничките, техничко-технолошките, природно-математичките и медицинските науки не е еднаков кај жените и мажите.

Имено, кај жените студенти тој процент е само малку поголем. Кај природно-математичките изнесува 52% од вкупниот број стипендии, а кај мажите студенти тој процент изнесува 64% од вкупниот број стипендии.
Кај општествено-хуманистичките науки процентот на стипендии за овие науки кај студентките изнесува 48% од вкупниот број, додека кај мажите изнесува 36%. Причината за нееднаквиот сооднос на стипендии по научни области произлегува и од нееднаквиот избор на студиски програми кај жените и мажите. Имено, согласно податоците од Државниот завод за статистика во поглед на научната област каде што се запишани, најголем родов диспаритет во соодносот на запишаните студенти се појавува кај техничко-технолошките науки, каде што од вкупно запишаните 489 студенти во учебната 2010/2011 год. 179 (37%) се девојки, а 310 (63%) машки.

Наспроти тоа, кај општествените науки се забележува, исто така, поголема разлика во односот на девојките и машките, и тоа од вкупно 2.586 запишани, 60% се девојки, а 40% мажи или во апсолутни бројки изразено - 1.556 девојки, наспроти 1.030 машки.


Во Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020, исто така, е забележан стереотип на предрасуди за улогите на жените и мажите во наставните содржини и учебници на сите нивоа на образование. Потребно е да се вклучат програми за сексуално и репродуктивно здравје, како дел од наставните содржини во средно образование.
- Се предвидуваат неколку категории стипендии на студенти запишани на високообразовните установи. 125 стипендии им се доделуваат на студенти запишани на студиски програми по информатика, 530 стипендии – на студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и 105 стипендии за студенти што се запишани на студиски програми по хемија, физика и математика. Целта е да се зголеми учеството на студентите на студиските програми од областа на ИТ, техничко-технолошките, техничките и природно-математичките науки, во насока на нивна поголема вработливост, имајќи ја предвид родовата еднаквост.

Согласно податоците од пазарот на труд и изготвената анализа ,,Побарувачка за и понуда на високо образовани кадри по двоцифрена класификација на студиска програма, 2014-2018“, може да се заклучи дека најголем јаз се јавува кај следниве програми:

- Уметност и хуманистички науки (понуда: 1082, побарувачка: 567)
- Бизнис, администрација и право (понуда: 2690, побарувачка: 1691)
- Здравство и социјална заштита (понуда: 827, побарувачка: 792)
- Услуги (понуда: 863, побарувачка: 278)

Овој јаз помеѓу понудата и побарувачката особено ќе се одрази кај жените, имајќи предвид дека девојчињата доминантно се запишуваат и завршуваат на овие студиски програми, стои во истражувањето.
Согласно податоците од Државен завод за статистика: ,,Запишани студенти на додипломски студии, 2016/2017”, голем родов диспаритет во соодносот на запишаните студенти се појавува кај хуманистичките науки каде што од вкупно запишаните 7.205 студенти 4.718 (65.5%) се девојки, а 2.487 (34.5%) момчиња. Кај општествените науки од вкупно запишаните 24.807 студенти, 14.119 (56.9%) се девојки, а 10.688 (43.1%) момчиња.

Кај медицинските науки, од вкупно запишаните 8.231 студент, 5.845 (71%) се девојки, а 2.386 (29%) момчиња.
Истражувањето предвидува дека мора да се зголеми бројот на девојчиња корисници на стипендии од областа на техничко-технолошки науки, ИТ и био-технички за 20% до 2020 година.

Од 2016/2017 година првпат се доделуваат стипендии за хемија (22 студентки и 7 студенти ја добиле), за физика (18-10), математика (35 наспрема 3). Во пет студиски години (од 2012 до 2017 год.), Технолошко-металуршки факултет се обезбедени стипендии за 117 студентки, наспроти 34 студенти.
Само на ИТ-факултетите бројот на доделените стипендии во последните десет години речиси се приближува: мажи – 567, жени - 520.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование