X
 05.04.2018 Култура

Промоција на книгата „Летот на јастребот“ – збирка песни и раскази од Сашо Ристоски



Во понеделникот, на 2 април 2018, во култното место на турска чаршија – Менада, во присуство на четириесеттина пријатели и љубители на пишаниот збор, се одржа промоција на книгата „Летот на јастребот“ од Сашо Ристоски, во издание на издавачката куќа и книжарница „Или - Или“ од Скопје.





Збирката содржи педесет избрани песни и тринаесет раскази коишто, поголемиот дел од нив, авторот ги има создавано во периодот од 1993 – 2001 година. Самата есенција на збирката најдобро е опишана во кратката рецензија:

„Зошто воопшто би се читала токму оваа книга? Затоа што ќе ве заплисне една голема искреност, природност, отвореност. Ќе ве удри в лице огромната потреба од еден идеален свет и потрага по мир и хармонија со себе и сė околу вас. Затоа што писателот има ретка добродетел да се преиспитува себе си. И тоа поштено, до коска. И да, не се срами да изразува чувства, немири и несигурност. Читајќи го Сашо, ќе се пронајдете себе си. А тоа не е малку, нели? Напротив! Тоа ќе нė сплоти со авторот и ќе нė направи едно. А тоа е и целта на пишувањето, нели?“



Сашо Ристоски е гостиварчанец, роден 2 април 1968 во Битола. Минатиот век живее во Скопје, а овој и во Нови Сад. По струка металуршки инженер, работи во маркетинг. Со пишување песни и раскази се занимава од 1993 година. Во 2001, заедно со цртачот Александар Сотировски, во списанието „Урбан“ го објавува краткиот стрип „Желката и јастребот“ на литерарна предлошка на неговиот истоименен расказ.

Оваа збирка е негово прво, а сигурно нема да биде и последно литературно дело…

Книгата, во овој момент, ја има само во книжарницата „Или - Или“ во Скопје, ул. Васил Главинов 3, и чини 200,00 ден.

ПЕСНА НА ПОЕТОТ
Подивените води
На реката Поезија
Ме носат со себе.
Преку планини и шуми,
Низ ливади и пустини
Се влевам во морето.
Во бесконечноста.
Капка солена вода,
Солза на пра-поетот
И неговата муза.
Капка црвена крв,
Потемнува,
Темносина станува,
Во мастило се престорува.
Капка мастило што лизга
По замрзнатата површина
На глечерот од хартија.
Паѓа, станува, скока, вреска,
Трча, љуби, лета, губи,
Застанува – и пак истото...
Додека не се стопат
И глечерот
И капката
И подивените води
И не постанат едно –
Песна на поетот!

ЗБОРОТ КРАЈ
Кога крајот ќе дојде
Откорни цвеќе
И стави го на прозорецот.
Нека биде пролетно
Зашто пролетта ме боли.
Кога крајот ќе дојде
Полеј го со вода
И пушти
Сонцето да го грее...
Истото сонце кое
Љубов го нарековме
И се восхитувавме
На благоста
На спокојот
На среќата.
Истото она сонце
Што нè однесе
Далеку
Далеку
Далеку
Во нашиот рај
Кадешто не постоеше
Зборот крај.

Покана за блуз

Седиш спроти мене, покрај пијаното, во ноќниот бар во соседството, тука, во Петтата Авенија, блиску до Унион Сквер. Срцето ти е потопено во алкохол. Очите се огледала - некој рекол! Tвоите се здробени фарови на розов кадилак... Сонуваш за Истанбул, на онаа страна...

Слушам како шепотат: „Не го вознемирувај Дивиот Френки! Дај му чаша виски за да ти раскажува за војничките работи.“ А тој ќе ти го даде цел свој живот и цела нечиста совест изнесени на дланка која трепери низ зачадениот ноќен бар... Живот на Ромео кој крвари, а крвта што се цеди низ ракавот од изнајмениот смокинг ја пореметува вонземската складност на Стеинвејновите црно-бели типки...

„Пијаното е пијано, а не јас“ - го цеди грлото, доцедувајќи ја последната капка од чашата, со глас рапав од евтини цигари, доцедувајќи ја последната мисла од замаглениот од чад кафеански воздух: „Вчера е овде“ – тој гргори, а во неговите матни очи и маглата може да се изгуби...

Малечок е! Велат, бил џокеј - бурбонот го уништил. Бил вљубен во една девојка од Џерси... „Чекај!“ – му велам, и му ги врзувам неговите единствени црвени чевли. Надвор е потоп...

Со Френки под рака, чекорејќи како со шпански чизми на нозете, го фаќаме последниот вечерен воз, кој преку Сингапур, нè носи на север, до нашата и само наша, волшебно ладна, ладна земја...

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура