X
 08.04.2018 Живот

Како Германците го зголемуваат наталитетот?

1
Фото: DPA

Во Германија наталитетот е во пораст, а е поврзан со зголемениот број мигранти, но и со демографската политика. Платеното породилно отсуство и повеќе место во јасли и во градинките играат важна улога.

Федералното биро за статистика минатата недела објави дека во Германија во 2016 година биле родени речиси 800.000 деца, 7 отсто повеќе отколку во 2015 година. Бројот на деца по едно женско лице се зголеми на 1,59 и е највисоко во последните 43 години. Точно, наталитетот се зголеми поради зголемениот број странци во Германија што доаѓаат од земји со традиционално зголемен број на деца, но и кај Германците пораснал од 1,43 на 1,46 деца на жена.

Во последните десет години германската влада презела мерки за зголемување на наталитетот. Во нив спаѓа и исплата на две третини од месечниот личен доход за родителот кој во првата година од животот на детето одлучува да остане дома. Всушност, и двајцата родители имаат право на 14 месеци породилно отсуство, а еден смее да отсуствува најмногу 12 месеци. Можно е и двајцата родители да имаат породилно отсуство во траење по седум месеци.

Родителите имаат и право да бидат со детето првите три години од својот живот, со тоа што другите две години отсуството не е платено. Освен тоа, законот гарантира место во јасли за детето кога ќе наполни една година.

Флексибилно планирање - важен фактор


Тешко е да се процени до која мера владината политика придонела за зголемување на наталитетот. Различни фактори влијаат врз ова зголемување. Еден од нив е и германскиот економски раст.

Истражувањата покажале дека породилното отсуство е важен фактор. Додека функционираше стариот модел, мајките обично биле тие што се грижеле за децата дома, често и поради тоа што заработувале помалку. Сега родителите имаат право на две третини од платата кога се на породилно отсуство. Ова е направено по пример на шведскиот модел.

Ваквиот систем им овозможува на родителите да бидат флексибилни во планирањето на животот по раѓањето на детето. „Ова е многу важно кога ќе дојде време да се размислува за тоа дали семејството сака и друго дете“, вели Ливија Олах, која предава демографија на Универзитетот во Стокхолм.

2
Фото: Getty Images

Малку места во јасли

Но породилното отсуство не е доволен поттик ако по неговото истекување не постои добар разработен план за тоа кој ќе се грижи за детето. Тоа беше голем проблем во Германија во првите години по воведувањето на реформите, бидејќи во многу региони едноставно немаше место во јаслите.

За споредба, ситуацијата во Франција покажува колку претшколското образование е важен фактор за стапката на наталитет. Франција има највисока стапка на наталитет во Европа, а истовремено значително пократко породилно отсуство: само шест недели пред и десет недели по породувањето. Во Франција политиката повеќе е фокусирана на институционалното згрижување на децата и не е невообичаено родителите да го остават своето дете во јасли по само неколку месеци од раѓањето.

Пазарот на трудот е проблематичен


Во Германија се чини дека главната пречка за повисока стапка на наталитетот е пазарот на трудот. Во оваа земја породувањето најчесто се гледа како нешто што ја уништува кариерата на жената. Законските одредби кои овозможиле жените да работат скратено работно време беа одлична промена, но критичарите замеруваат дека пазарот на трудот стана многу строг. Многу компании сѐ уште одбиваат да им дозволат на вработените да работат од дома или со скратено работно време.

Економијата ќе профитира само ако повеќе работодавци го променат својот став и станат наклонети кон семејствата. „Постојат многу професии што можат да се работат од дома или со флексибилно работно време и не постои причина да останеме приврзани за крутите структури“, вели Ливија Олах.

Извор: Дојче веле
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот