X
 08.04.2018 Живот

Славче Соколовски го живее фудбалскиот сон: Го сретнав Пеле, „Алтона меџик – Вардар“ е младински шампион во Австралија

Како клуб, нè интересира квалитетот, независно кој од каде е дојден. Имаме и странци во првиот тим. Но во моментот сме единствен тим во кој повеќето се Македонци - дури 10, и горд сум што имаме квалитет, вели Соколовски


Славче Соколовски (лево), легендата Пеле и Владо Тортевски

Напорната работа на крајот ги дава резултатите и тоа е клучот за успехот во Австралија. Верувам во мојата работа и во иднината на мојата генерација, вели Славче Соколовски, тренер на младинскиот тим на фудбалскиот клуб „Алтона меџик“, познат и како „Алтона Вардар“. Потврда за неговите зборови е фактот што младите фудбалери од овој клуб веќе втора година се шампиони во државата Викторија.

Соколовски веќе три години живее во Австралија. Вели дека таму го нашол својот втор дом, откако се разочарал во татковината и решил да преземе радикален чекор во својот живот. Едно од најубавите нешта што му се случиле таму е запознавањето со светската фудбалска легенда Пеле и ручекот поминат со него.


Славче Соколовски, асистент-тренер во 2015 и 2016 година

- За да бидеш успешен во една работа, треба да имаш цел според која ќе се водиш и ќе веруваш дека ќе успееш. Фудбалот е тоа што отсекогаш сум го сакал и безрезервно се вложувам со љубов, страст и емоции – објаснува Славче.

„Алтона меџик“ годинава прославува 50 години

Изминатата година беше прилично успешна за него. Презадоволен е оти ја оствариле замислената цел – генерацијата на млади фудбалери до 15 години втора сезона по ред е шампион на државата Викторија и шампион на Македонскиот куп во младински категории (генерација 2002).


Македонски куп 2018 година - младинскиот тим до 20 години

- Учествуваме на еден од најмасовните и најорганизираните турнири во Австралија, таканаречениот Меѓународен турнир – Австралијан футбол опен. Учествуваа екипи од повеќе држави, како Австралија, Нов Зеланд, Малезија и други. Во три дена продефилираа повеќе од 100 тима поделени во генерации од 12 до 18 години. Комплексoт беше со 14 фудбалски терени во градот Шепартон. Успеавме да го одбраниме тронот и по вторпат го освоивме турнирот за генерација родена во 2002 година. Сево ова е благодарение на претседателот на клубот, Игор Георгиевски, луѓето што работат за клубот, родителите и фановите, кои беспрекорно нè поддржуваат последниве три години. Без нив овие резултати немаше да бидат остварени – вели Соколовски.


Македонски куп 2017 година - младински шампиони до 15 години

Клубот „Алтона меџик“ годинава прославува 50 години постоење. Соколовски неодамна беше промовиран во тренер на младинскиот тим или генерација до 20 години.
- Целта ми е развој на децата, кои ќе бидат успешно промовирани и прекомандувани во првиот тим. Во овој клуб сум веќе четврта сезона, откако дојдов од Македонија. „Алтона меџик – Вардар“ е мој втор дом и луѓето од овој клуб се и моја фамилија – објаснува Славче.

Голем турнир со 40 тима

Тимот е составен од повеќе националности. Вратите на клубот се широко отворени за сите, без разлика на верската и националната припадност.
- Како клуб нè интересира квалитетот, независно кој од каде е дојден. Имаме и странци во првиот тим. Но, во моментот сме единствен тим во кој повеќето се Македонци - дури 10, и горд сум што имаме квалитет. Се надевам дека наскоро некое од нашите деца ќе добие повик во младинската репрезентација – вели тој.


Со претседателот на клубот, Игор Георгиевски (лево)

На почетокот од годинава се одржа најголемиот македонски куп во Австралија. Соколовски објаснува дека популарниот Македонски турнир, кој десет години се одржува во Сиднеј, благодарение на претседателот Игор Георгиевски, годинава првпат се одржал во Мелбурн. Домаќини биле тимовите „Алтона меџик“ и „Сиденхем парк“.
- На турнирот учествуваа 40 тима поделени во 4 категории - сениори, младинци до 20 години, ветерани и женски тимови. Одржувањето на Македонскиот турнир е во знакот на дружење, социјализација и спортска забава – објаснува тој.

Австралија ги поддржува децата да спортуваат
 
На прашањето каква поддршка нуди државата за децата што сакаат да спортуваат, тој одговара дека Австралија како држава им ги дава сите бенефиции на децата, без разлика во кој спорт се активни.
- Конкретно во фудбалот условите се на највисоко ниво од аспект на инфраструктура, терени обезбедени со осветлување, со вештачка трева, опрема и реквизити. Исто така, лигата во која се натпреваруваат е организирана на високо ниво – вели Славче.


Интернационален куп, фудбалски школски шампиони за 2017 година

„Алтона меџик“ има надежни таленти за фудбал. Еден од нив е Горан Лозановски, кој моментално е и прв тренер на првиот тим. Настапувал за младинските селекции на Австралија и сениорската репрезентација.
- „Алтона меџик“ отсекогаш бил расадник на фудбалски таленти. Патпати бил шампион на Викториската премиер лига. Самите факти кажуваат за каков клуб се работи - клуб со големо реноме во Австралија – вели Славче.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот