X
 09.04.2018 Култура

Пандора Апостолоска-Саздовска за искуството во Дубаи: Програма за размена на професори има и во Македонија, за жал, ретко се применува

Кога зборувам за подобрување на образовниот систем во Македонија, секако, главниот акцент треба да биде ставен на изборот на добар и квалитетен професорски кадар. За жал, во изминатата деценија ФЛУ не може да се пофали во однос на тоа прашање, со што тенденциозно го намалува реномето на самата институција. Уште полоша е состојбата со приватните универзитети


 Пандора Апостолоска-Саздовска пред Универзитетот „Шаржа“

Условите за студирање во Дубаи не се разликуваат многу од повеќето факултети за уметност во Европа, па донекаде и во Македонија. Разликата е во техничката опременост на студијата. Условите за работа и финансиите се важен дел во образованието, но не и пресуден, вели Пандора Апостолоска-Саздовска, мултимедијален ликовен уметник. Таа неодамна беше визитинг-професор на Факултетот за уметност и дизајн во Шаржа, Дубаи. Апостолоска-Саздовска зборува за своите искуства, ангажмани и изложби, за идните планови.


Беше визитинг-професор на Факултетот за уметност и дизајн во Шаржа, Дубаи. Како дојде до оваа соработка?
- Поканата се случи поради контактите остварени на ангажмани, изложби и студиски престои во земјите од Блискиот Исток во изминатите неколку години, и тоа четири самостојни изложби во Центарот за современи уметности во Абу Даби и повеќе групни излагања во 2017 година на Саемот за уметност во Дубаи, Дизајн Дистрикт Д3, 2016 во Саудиска Арабија и 2015 во Доха, Катар. Во јануари 2017 бев куратор на Македонскиот месец на уметноста во Центарот на современа уметност во Абу Даби ОАЕ.


Апостолоска-Саздовска: Имав среќа да работам со амбициозни и талентирани студенти

Какви услови за работа имаат студентите во една од финансиски најмоќните средини денес во светот?
- Условите не отскокнуваат многу од повеќето факултети за уметност во Европа, па донекаде и во Македонија. Разликата ќе ја забележите само во техничката опременост на некои студија, како на пример во одделот за фотографија, графика и графички дизајн. Што се однесува до мојот проект за кој бев поканета да предавам, беше поддржан од принцезата Ал Казими на кралското семејство во Шаржа и организацијата „Сажаја“ како главен покровител на настанот. Ми понудија одлични услови за работа. Работевме претежно со рециклирани материјали - објекти, скулптури и инсталации на тема миграции, екологија и глобално затоплување. Завршната изложба беше во галерискиот простор на самиот Универзитет. Условите за работа и финансиите се важен дел во образованието, но не и пресуден. Како педагог ми беше важно да допрам до суштината на она што сакав да го разберат во однос на уметноста, особено во областа на концептуалната уметност и инсталацијата. Имав среќа да работам со амбициозна и талентирана група на млади и навистина уживав во секој момент поминат со нив. Олеснителна околност беше што дел од студентите го имаа посетено Венециското биенале, а дел од нив беа вклучени во работилницата на Олафур Елиасон, така што предизвикот им беше поголем реализирајќи сопствени инсталации за време на проектот.


Со директорот за Центарот на современа уметност во Абу Даби и со амбасадорот на Босна и Херцеговина

Кои од нивните системски решенија би можеле да се применат и кај нас?

- Има многу, почнувајќи од размената на искуства преку програмата на визитинг-професори. Таа програма постои во Македонија, но, за жал, ретко се применува. Посета на Венециското биенале треба да биде задолжителен дел од програмата на студентите на Академијата. Многу е важно да се организираат работилници и симпозиуми со реномирани странски уметници. Така студентите ќе добијат искуство поразлично од нивниот ментор. Сведоци сме на многу генерации студенти што излегуваат од Факултетот за ликовни уметности и продолжуваат да создаваат дела слични на својот професор. На почетокот тоа е разбирливо, дури и прифатливо - да се биде под влијание, но не и изговор да се продолжи понатаму во истата насока. Затоа студентите треба да имаат можност да стекнат различни искуства во текот на нивното школување за да можат да го изградат сопствениот стил. Кога зборувам за подобрување на образовниот систем во Македонија, секако, главниот акцент треба да биде ставен на изборот на добар и квалитетен професорски кадар. За жал, во изминатата деценија ФЛУ не може да се пофали во однос на тоа прашање, со што тенденциозно го намалува реномето на самата институција. Уште полоша е состојбата со приватните универзитети.


Пред своето дело

Дубаи, Оман, Катар... средина за нас прилично непозната. Каков е односот кон ликовната култура во овие земји? Колку вложуваат во неа?
- Овие држави се прилично млади. Нивниот развој почнува кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години, со откривањето на нафтата, гасот и останатите благородни материјали. Тешко е да се прави споредба со Европа, која има долги години традиција и култура. Од друга страна, богатството и моќта денес им овозможуваат брз развој. Тоа се гледа преку архитектурата и технологијата, особено во Емирати и Катар. Многу вложуваат во културата, а повеќето фондации за култура се финансирани од кралските семејства. Најразвиени во моментов се Емиратите, особено Абу Даби со изградбата на трите најголеми музеи на вода, и тоа музејот „Лувр дизајн“ на францускиот архитект Жан Новел, кој беше неодамна отворен. За среќа, имав можност да го посетам. Архитектурата е навистина спектакуларна. Потоа „Перформинг арт центарот“, чија изградба е во тек, според дизајн на Заха Хадид, и музејот „Гугенхајм“ на архитектот Френк Гери. Наспроти модерната архитектура, во што се веќе препознатливи, јавната скулптура речиси ја нема. Монументалната скулптура може да се види само во музеите на современа уметност, елитните хотели и во банките. Единствено во јавен простор ја има во областа за дизајн во „Дубаи дизајн дистрикт (Д3)“ каде што се одржува најголемиот саем за дизајн и галериите за модерна уметност кои се лоцирани таму. Во декември годинава, со сопругот и скулптор Сашо Саздовски, повторно поради нашите, лични контакти успеавме да се избориме за самостојно излагање токму во една од галериите во Дубаи Д3. Проектот е поддржан од страна на нашето Министерство за култура, но со минимална, симболична сума која воопшто не е доволна за да се покријат трошоците за каталог, а да не зборуваме за откуп на галерискиот простор, престојот, патните трошоци и најважно - материјалите за изработка и транспорт на делата! Што укажува на непочитување од матичната држава кон нас, како веќе етаблирани автори.


Со министерот за култура

До 2006 година претежно бевте насочена на излагање во Македонија, а потоа се насочивте кон сцените во Европа, Блискиот Исток. Со кои предизвици се соочивте обидувајќи се да ги проширите хоризонтите на уметничкото дејствување?
- Предизвик секогаш постои, дури и кога изложувам тука, во Македонија. Но, кога се презентирам надвор, се соочувам со дополнителни, за мене понекогаш неистражени, непознати предизвици во однос на традицијата, културата, политиката, менталитетот на луѓето. Кога првпат го изложив делото „Загуба“ во 2015 година во Доха, Катар, бев инспирирана од средбата со неколку сириски бегалски семејства што ги запознав таму. Поттикната од нивната животна приказна се случи делото на кое беа испишани бројките на сириските детски жртви што настрадаа во граѓанскиот конфликт, кој, за жал, сè уште е актуелен. На отворањето на групната изложба присуствуваше и министерот за култура на Катар. Не знаејќи за нивната политика и ставот во врска со сириската криза во тоа време, делото предизвика големо внимание. Мојата сторија беше објавена на насловната страница во магазинот „Галф тајмс“ во Доха веднаш по отворањето на изложбата. Политичките теми сè уште се табу-тема во државите од Блискиот Исток, особено кога авторот е жена. Слична беше состојбата и во 2017 година, кога ја изложив инсталацијата на тема „Човекови права“ во Центарот за современа уметност во Абу Даби.

Најчесто излагате/реализирате проекти со сопругот, кој е скулптор. Какви се предностите кога дејствувате во ваков дуален контекст?
- Тоа што и двајцата сме ликовни уметници е голема предност бидејќи ја делиме истата страст кон уметноста, имаме слични ставови во однос на многу прашања, поддршка сме си еден на друг во мигови кога е потребно. Од друга страна, како автори и индивидуалци имаме различни теми кои ги истражуваме и искрено ме радува тоа. Мојата творечка работа е врзана со политиката и сосема се разликува од истражувачката работа на мојот сопруг во однос на скулптурата. И двајцата сме многу сериозни кога станува збор за уметноста, работиме во различни студија и не се мешаме при процесот на творење. Никогаш не правиме компромис, не изработуваме дела по нарачка или учество на јавни конкурси доколку се тематски однапред определени. Заедно го практикуваме минималистичкиот пристап и тоа е главната причина поради која изложуваме заедно во последните неколку години.


Музејот „Лувр“ во Абу Даби, кој беше отворен пред шест месеци

Деца-жртви, територии, (по)гранични линии, црвени линии, колективна меморија, миграции. Многу теми беа во фокусот на твоето истражување/изразување во последните години. Каде те доведоа денес? На што си фокусирана?
- На почеток на мојата истражувачка работа бев фокусирана на тема бегалци, мигрантска криза и состојба на војна поврзана со балканскиот конфликт. Целата приказна започна пред десетина години непосредно по завршувањето на граѓанскиот конфликт во Македонија. Во 2001 година, за време на кризата, семејната куќа на моите родители беше целосно изгорена. Тоа остави длабоки последици врз мене и врз моето семејство. Самостојната изложба што ја реализирав во Њујорк беше реконструкција на моите спомени од тој настан. Затоа во инсталациите секогаш вметнувам лични предмети кои на суптилен начин му даваат подлабока, интимна димензија на уметничкото дело. Од 2015 година по средбата со сириските бегалци во Доха, децата-жртви беа во фокусот на мојот интерес. Сега повторно се навраќам на политичката криза во Македонија во однос на грчкиот спор со името. На таа тема е големата самостојна изложба која годинава ќе биде отворена во Музејот на град Скопје со наслов In Transit, наспроти миграцијата како глобален проблем. Далеку од лажниот патриотизам и идеологија на претходната влада со чии ставови не се согласував и јавно упатував критики, постапките на новата влада се повторно разочарувачки. Во мигови кога иднината на ЕУ е на стаклени нозе и неизвесна особено по Брегзит и идејата на многу држави по Англија да го сторат истото, се поставува прашањето дали вреди да се продолжи понатаму?
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура