X
 18.02.2019 Технологија

Деловно-технички акцелератор е првата активност на научно-технолошкиот парк во Скопје

Со промоција на деловно-техничкиот акцелератор во просториите на Инофеит на кампусот на техничките факултети во Скопје денеска стартува реализацијата на проектот научно-технолошки парк. Во иднина тоа треба да биде место кое ќе привлекува бизниси и ќе го помага нивниот развој преку услуги и поддршка и ќе обезбедува помош за развој на претприемништво и комерцијализација.

Придобивките од научно-технолошкиот парк со кој Македонија реализира активности согласно агендата за дигитализација на Западен Балкан беа промовирани во присуство на премиерот Зоран Заев, еврокомесарката за дигитална економија Марија Габриел и министрите за информатичко општество на Северна Македонија, Грција и на Црна Гора.

 - Во научно-технолошкиот парк ќе се развиваат нови вештини, ќе се раѓаат нови идеи, ќе се креираат важни иновации и изуми, некои млади луѓе тука ќе започнат стартап-бизниси, ќе се трасира патот на нашиот развој и патот кон напредокот и дигиталната револуција - рече премиерот Зоран Заев.

Еврокомесарката Габриел истакна дека благодарение на проектите како научно-технолошкиот парк, се одговара на предизвикот за оформување на дигиталната трансформација.
- Таа за нас е и предизвик, но и можност во центарот на сите наши политики да ги ставиме нашите граѓани - рече Габриел.

Стартната инвестиција во научно-технолошкиот парк е 500.000 евра, а согласно физибилити-студијата се проценува дека неговата целосна реализација ќе чини 80 милиони евра. Паркот ќе се заснова на три столба: дигитализација во економијата, општество и државните институции, трансфер на технологии и акцелерација на стартап-компании.


Фото: МИА

Центарот стартува во адаптирани простории на ИНОФЕИТ, а наскоро во дворот на кампусот ќе биде реновирана една од зградите каде што ќе има повеќе истражувачки лаборатории и акцелератори, како место кое ќе ги обедини академската и бизнис-заедницата. Истовремено треба да овозможи и задржување на стручниот кадар во државата по завршувањето на образованието.

Во клучните активности од дигиталната агенда за Западен Балкан е и намалувањето на цените во роаминг и нивно целосно укинување, за што ќе се разговара на денешниот состанок со еврокомесарката Габриел.

- Се надевам дека политичките разлики ќе бидат надминати помеѓу некои земји во регионот за да може новиот договор да биде потпишан во рамките на Дигиталниот самит кој годинава се одржува во Белград. Со потпишувањето на овој договор, очекуваме драстично да се намалат цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан, а целта е тој целосно да се укине до 2021 година - рече Заев.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија