X
 18.02.2020 Спорт

В петок почнува Меѓународниот натпревар во уметничко лизгање „Skopje on Ice“

Четвртиот Меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Skopje on Ice“ ќе се одржи в петок и в сабота на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“. Љубителите на овој спорт ќе можат да уживаат во уметноста на мразот што ќе ја донесат речиси сто натпреварувачи, од кои седумдесетина доаѓаат од странство.
Во рамките на овој натпревар по четврти пат ќе бидат прогласени и националните прваци во уметничко лизгање.

Натпреварот ќе се реализира во вкупно седум категории, и тоа три категории во рамките на националниот натпревар (сениори, јуниори и младинци) и седум категории во меѓународниот натпревар (дополнителни категории: кадети А, кадети Б, кадети Ц и интерпретации). Настанот почнува в петок во 17:30 часот, кога ќе се одржат службените тренинзи, извлекувањето на редните броеви за настап и натпреварите во интерпретации. В сабота, пак, натпреварувачкиот дел ќе трае од 8 до 18 часот, по што ќе следува доделување на медали и дипломи.



Организатор на „Skopje on Ice“ е Федерацијата за лизгачки спортови, која е формирана во 2013 година.

- Уметничкото лизгање е млад спорт во нашата држава со оглед на тоа што услови за тренинзи се создадоа со отворањето на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“ во 2011 година. Со него активно се занимаваат околу 20 спортисти од земјава, кои секоја година учествуваат на по неколку европски натпреварувања, како и на јуниорското Гран-при во уметничко лизгање - велат од Федерацијата.
Влезот за сите посетители на двата натпреварувачки дена е слободен.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт