X
 18.04.2021 Живот

Според Џеф Безос и Адам Грант, ова е заедничка карактеристика на сите големи мислители

Најпаметните луѓе не секогаш изгледаат така. Тие користат изрази како „се чини“, „изгледа“, „мислам“ и слично, а кога ќе се побара мислење од нив, понекогаш се несигурни и често бараат да ги чујат и туѓите ставови. Најпаметните луѓе честопати го менуваат мислењето со добивањето нови информации и доживувањето нови искуства.

Овие карактеристики се спротивни на оние што го карактеризираат Данинг-Кругеровиот ефект, когнитивна предрасуда во која лицата мислат дека се попаметни и повешти отколку што навистина се. Спротивно на тоа, паметните и вешти лица честопати ги потценуваат своите способности и истовремено претпоставуваат дека задачите што се лесни за нив се исто така лесни и за другите. Колку сте попаметни, толку помалку мислите дека знаете бидејќи разбирате дека има навистина многу работи што треба да се научат.

Како што напишал американскиот психолог Адам Грант: „Големите мислители немаат сомнежи не затоа што се измамници, туку затоа што знаат дека сите сме делумно слепи и затоа се посветени на подобрување на видот.“

- Тие не се фалат со своето знаење, туку се чудат колку малку разбираат. Тие се свесни дека секој одговор покренува нови прашања и потрагата по знаење никогаш не завршува. Карактеристиката на оние што учат доживотно е препознавањето дека може да се научи нешто од секого - напишал Адам Грант.


Фото: Pixabay

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, има слично мислење.

- Најпаметните луѓе постојано го проверуваат своето разбирање, повторно размислуваат за проблем што мислеле дека веќе го решиле. Тие се отворени за нови гледишта, нови информации, нови идеи, контрадикции и предизвици на нивниот начин на мислење - изјавил Безос.

Безос ги охрабрува сите околу него да бараат нови податоци, анализи и перспективи. Мудроста не се крие во сигурноста, туку е признавање дека иако знаете многу, секогаш има уште повеќе што може да научите. Мудроста не е да го откриете решението, туку да разберете кога грешите. Големите мислители не се плашат да згрешат или да признаат дека ги немаат сите одговори.

Како што пишува Грант: „Ароганцијата нè прави слепи за нашите слабости. Понизноста е рефлектирачка леќа, ни помага јасно да ги видиме. Самоуверената понизност е корективна леќа, ни овозможува да ги надминеме тие слабости“.

Автор: Џеф Хејден
Извор: inc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот