X
 18.04.2022 Образование

Полуматурантот Дамјан Давков со максимум поени на државниот натпревар по математика за трета година средно

Сојузот на математичари ги објави конечните резултати од државниот натпревар за средно образование, кој се одржа во саботата во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според објавените резултати, најдобар математичар од прва година во Македонија е Алексиј Тасиќ од приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје, кој на натпреварот успеал да ги добие сите можни сто поени. По него е Бранко Јангеловски од истото училиште, кој има 83 поени. Второто и третото место ги делат повеќе ученици во прва година средно.


За втора година треба дополнително да се одреди прво место бидејќи тројца ученици имаат по сто поени. Тоа се Никола Спировски и Јан Стојановски од „Јахја Кемал“ и Емилија Николовска од Математичко-информатичката гимназија. Второто место во втора година го делат тројца ученици, сите од „Јахја Кемал“, додека третото двајца, едниот од „Јахја Кемал“, а другиот од Математичко-информатичката гимназија.



За трета година првото место му е доделено на Мајкл Георгиевски од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци, кој има 96 освоени поени, но Дамјан Давков, штипскиот Питагора кој сега е деветто одделение, има освоено максимални сто поени и е запишан како неофицијална конкуренција.

Дамјан Давков (Фото: Архива)

Второто место го освоил Алек Танаскоски од скопската гимназија „Орце Николов“, додека третото го делат повеќе ученици.



Во четврта година првото место го освои Јосиф Тренчовски од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, второто го делат Бојан Димовски од „Коле Неделковски“ од Велес и Блаже Суклевски од „Јахја Кемал“ од Скопје, додека третото место ѝ припадна на Јасна Илиева од „Јахја Кемал“.



Фотографии: Сојуз на математичари на Македонија

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование