X
 18.05.2020 Култура

Светска уметничка иницијатива „100 земји, 100 маски“ – Македонија ја претставува скулпторот Сашо Саздовски

Визуелни уметници од 100 земји од светот ја покажуваат својата анти-пандемиска поддршка со својата професионална лична заштита преку иницијативата „100 земји, 100 маски“. Македонија ја претставува скулпторот Сашо Саздовски. Во стилот на добротворниот концерт „Еден свет“ во сто држави на пет континенти, уметниците стојат обединети, облечени во својата професионална лична заштита за да ја покажат својата поддршка во борбата против вирусот.

Професионалните скулптори обично носат маски секој ден за да се заштитат од прашината создадена од нивната работа. Во оваа пандемиска криза, нивната маска ја симболизира нивната поддршка и решеност за борба против оваа болест.

- „100 земји, 100 маски“ и слоганот „еден свет“ е иницијатива на скулпторското друштво ISSA, во кое што 100 скулптори од 100 земји. Преку наши фотографии со маски (како симбол за безбедност) сакаме да испратиме јасна порака дека сите сме заедно во ова и да им дадеме поддршка за сите оние кои неуморно се борат за нашето здравје – вели Саздовски.

Сашо Саздовски

ISSA е Меѓународна алијанса на скуптори која ги обединува и организира скулпторски настани ширум светот. Претставените скулптори се професионални и влијателни уметници кои заедно имаат создадено илјадници монументални скулптури. Во моментов нивниот професионален живот и приходите се ставени во мирување поради затворањето на границите и меѓународните летови.

Саздовски вели дека пандемијата е одличен тест за човештвото и времето ќе покаже дали развојот на цивилизацијата се движел во вистинската или во насока на материјалното, каде се запоставува духовноста и природата како наш заеднички дом.

- Развојот на нашата цивилизација несомнено ќе се промени, светот каков што го знаевме повеќе нема да биде ист. Вообичаено уметниците ја креираат својата уметност поттикнати од многу различни прашања, создавајќи револуција со делата. Но, уметниците секогаш наоѓаат инспирација и дејствуваат, дури и во состојба на криза. Уметникот како индивидуален креатор е секогаш во своевидна самостојност. Важно е да не го изгуби ритамот на работа и креативноста. Иако моментално паузирам во креирање на монументални дела, јас продолжувам со работа во моето студио – вели Саздовски.

Тој е академски скулптор. Во неговото богато 20 годишно искуство има реализирано над 20 самостојни и 50 групни изложби во Македонија и во странство. Како најзначаен сегмент во неговото творештво се вбројуваат реализациите на монументални скултури во јавен простор. Негови дела се реализирани во земјава и во странство. За своето творештво добитник е на многу награди и признанија.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура