X
 18.05.2021 Образование

Кои наставници ќе станат ментори, ќе се знае за десетина дена

Откако надлежните во Бирото за развој на образованието - БРО завршија со увидите во документацијата на наставниците-кандидати за ментори и завршија со бодирањето на нивната работа, Министерството за образование и наука - МОН ја составува листата со наставници кои и официјално ќе станат ментори. Оттаму информираат дека постапката за напредување на наставници од основните училишта во звање ментор очекуваат да биде целосно завршена во текот на овој месец.

- Правото за напредување во ментор, односно советник е регулирано со Законот за наставници и стручни соработници, а пријавувањето се врши исклучиво по објава на повик од страна на МОН, во кој се наведуваат и условите што треба да се исполнат за апликацијата да биде прифатена - велат оттаму.
Неофицијално, околу 200 наставници во државата ќе станат ментори и ним ќе им биде зголемена месечната плата за речиси 3.000 денари.
За вкупно 355 места, на јавниот оглас за напредување во звање, кој беше објавен за време на зимскиот распуст во јануари, се пријавиле 911 наставници од сите општини во државата.
Наставниците со звање наставник-ментор, освен задолженијата како наставник, ќе треба и да менторираат наставници-приправници, да им бидат ментори на студенти од факултетите, т.е. на идни наставници, како и да менторираат наставници што имаат поддржан професионален развој. Освен тоа, наставникот-ментор ќе треба да користи и иновативни приоди и помагање на колегите во спроведување акциски истражувања, како и да учествува во изготвување развојни политики на училиштето.
Подготвил: А.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование