X
 18.06.2020 Наука

Нов ветувачки лек против дебелината

Протеинот наречен БАМ15, кој спречува дебелеење, таложење на масти и го намалува шеќерот во крвта, би можел да дејствува како ефикасен лек против дебелината и другите сродни болести.

Дебелината погаѓа повеќе од 650 милиони луѓе во светот и предизвикува долга листа со здравствени состојби, вклучително и болести како дијабетес тип 2, кардиоваскуларни проблеми и повеќе смртоносни карциноми. Всушност, се проценува дека глобалната потрошувачка на медикаменти за лекување на дебелината и поврзаните болести изнесува повеќе од 150.000 милиони евра годишно.

- Покрај тоа, моментално постојат само неколку лекови што се одобрени за лекување на дебелината, а луѓето што ги земаат овие лекови ретко успеваат да изгубат килограми - објаснува Џон Кирван, извршен директор на Центарот „Пенингтон“ за биомедицински истражувања.

Запирањето на епидемијата на дебелина на која моментално сме сведоци бара нови и ефикасни лекови. Ова истражување претставува ветувачки чекор во процесот на откривање, стои во статија објавена во стручното списание „ЕМБО Молекулар медисин“.

- Се надеваме дека во не толку далечна иднина БАМ15 или сродните соединенија во голема мера ќе придонесат за клиничкиот развој на лекови против дебелина и ќе станат одржлива опција за оваа болест, како и за други поврзани болести - се додава во статијата.

БАМ15 многу се разликува од постојните лекови за контрола на телесната тежина, кои главно дејствуваат намалувајќи го апетитот или калориите апсорбирани по внесувањето на храната. Потенцијалната употреба на овој протеин се заснова на нов пристап бидејќи дејствува така што ги прави митохондриите помалку ефикасни, поради што тие согоруваат повеќе енергија.

Во студии направени врз глувци истражувачите покажаа дека оние што го примале БАМ15 покажале помала склоност кон дебелеење со согорување повеќе калории отколку глувците во контролната група. Авторите веруваат дека протеинот во не толку далечна иднина би можел да се користи и за лекување на дебелината и други сродни болести како дијабетес, болести на црниот дроб, па дури и некои облици на канцер.

Извор: National Geographic
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука