X
 18.07.2019 Економија

Неправилности за „Мој ДДВ“ се пријавуваат на 198

Неиздавање фискални сметки и неможност за нивно скенирање се најчестите неправилности што граѓаните досега ги пријавиле на дежурниот број 198 во УЈП во врска со спроведувањето на мерката „Мој ДДВ“, односно повратот на 15 отсто од пресметаниот ДДВ.

Од 1 јули 2019 година, кога почна примената на мерката, најголем дел од пријавите се однесуваат на ресторани, маркети, минимаркети, колонијални продавници, фризерски студија и друго.

Некои правни лица се пријавувани и по повеќепати, а има и општини за кои граѓани тврдат дека речиси ниту едно правно лице не издава фискални сметки, соопшти УЈП.

Најмногу пријави за недоследности има на територијата на Скопје и тоа најчесто во општините Аеродром, Центар и Чаир.

Во Општина Аеродром на бројот 198 граѓаните пријавиле неиздавање на фискална сметка во продавници за храна, фризерско студио, кафе-бар и други, каде што граѓани или не добиле фискална сметка или им била издадена невалидна.

Во Општина Чаир граѓани се пожалиле дека не добиле фискална сметка во слаткарница, механичарски сервис, бутик и други.

Во повеќе делови од Скопје се пријавени недоследности при издавањето на фискалните сметки од страна на механичарски сервис, гостилница, трафика, бутик, салон за миење автомобили…

Во Општина Тетово граѓанин јавил дека не му била издадена фискална сметка за купен телефон, а неколку граѓани пријавиле дека фискални сметки не издаваат бензинска пумпа, неколку маркети и кафе-барови.

Јавување за недоследности во повеќе продавници и кафе-барови пријавиле и граѓани на Крива Паланка.

Управата за јавни приходи е известена за нерегуларности и во Општина Охрид. Фискална сметка не им била издадена во ресторан и на место каде што се продавале билети.

Во Општина Прилеп граѓаните се соочиле со неиздавање на фискални сметки во продавница за храна, како и со издавање невалидни фискални сметки од страна на минимаркет.

Во Општина Свети Николе повеќе фискални сметки издадени во маркет биле со испрекинат бар-код, поради што не може да се вчита.

Бледи фискални сметки, со нечитлив бар-код забележале и граѓаните од Битола, Куманово и од повеќе делови на Скопје, за што пријавиле на 198.

Во Струмица се пријавени недоследности кај колонијал кој, според пријавата на граѓани, не издава фискални сметки, како и стовариште.

Од Општина Дебар има реакции за неиздавање фискални сметки од страна на кафе-барови и бутик.

На 198 граѓани пријавиле и нерегуларности при плаќање услуга во угостителски објект во Галичник.

Согласно пријавите и по службена должност, ќе бидат спроведени интензивни контроли со цел проверка и утврдување на фактичката состојба на терен, информираат од УЈП.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија