X
 18.08.2021 Живот

Враќање на работа 5 дена во неделата? Никогаш повеќе!

Контролираат колку заработувате, што правите, па дури и кога треба да бидете онлајн. Но, ако нешто се покажа минатата недела, тоа беше дека најголемите американски компании - оние на Вол Стрит, Силициумската долина и други важни деловни зони - сега се борат да ја задржат контролата онаму каде што би требало работниците да ја работат својата работа.

Во изминатите неколку дена „Амазон“ го одложи враќањето на работниците во канцелариите на уште неколку месеци - корпоративниот персонал ќе се врати таму во јануари 2022 година. „Блекрок инк“ и „Велс Фарго & Ко“ го одложија враќањето на нивните работници од септември за октомври оваа година.

Сето ова се случува среде неодамнешните одложувања на компании како „Епл“, „Гугл“ и „Лифт“. Причина за поместување? Гигантите реагираат на брзото ширење на делта-сојот на коронавирусот.

Ник Блум, професор по економија на Универзитетот „Стенфорд“, кој ги проучувал трендовите на работа од дома, вели дека делта-сојот е веројатно последниот клинец во ковчегот на петдневното враќање во канцеларија.

Според него, воспоставениот режим на работа кој подразбира да одиме на работа пет дена во неделата, бил опција на почетокот на пандемијата, во пролетта 2020 година, но стана помалку веројатен како што коронавирусот се ширеше во 2021 година.

работа
Фото: Freepik

Бизнисите што се соочуваат со недостаток на работници мораа да понудат доста великодушни пакети за работа од дома. Ова им даде време на вработените да се навикнат на зум-состаноците, да дремнуваат за време на паузата и да имаат поголема флексибилност кога станува збор за балансирање на работата и семејството.

Размислете за тоа: некои вработени не влегле во нивните канцеларии речиси 18 месеци. Додадете ја на тоа грижата за делта-сојот и крајниот резултат ќе бидат работници на кои им олеснило кога слушнале дека нема да се вратат на работа некое време.

Една 27-годишна девојка вработена во „Амазон“ признава дека била возбудена кога слушнала дека се одложува враќањето во канцелариите.

- Дома сум посигурна. Порано долго патував за да стигнам до работното место, а сега не треба да се грижам дали ќе доцнам или дали ќе најдам паркинг - вели таа.

Според новото истражување на осигурителната компанија „Бриз“, околу 65 отсто од американските работници кои изјавиле дека можат целосно да работат од далечина, изјавиле дека ќе бидат подготвени да прифатат плата помала за 5 отсто, доколку тоа значи дека можат да продолжат да работат од дома.

Голем број работници би биле подготвени да одат многу подалеку: неодамнешното истражување, спроведено врз 1.000 возрасни Американци, покажа дека 39 отсто од нив би размислиле за напуштање на работата доколку нивните работодавачи не бидат флексибилни за работа од далечина. Тој број потоа скокна на 49 отсто кога станува збор за помладите работници.

Од друга страна, многу вработени би сакале да се вратат во канцеларија, барем дел од времето.

Извор: Bloomberg
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот